Утеха не барам, си го земам потребното време да оттагувам по Кире: Искрено со актерката Гордана Ендровска по загубата на партнерот

Добивај вести на Viber

Познатата актерка Гордана Ендровска е голем борец. Кога е на театарска сцена, вели дека сонува широко отворени очи, а срцето ѝ бие, како да ќе ѝ излета од градите. Гордана своето срце му го подари на Кире Андреевски, познат спортски работник, член и функционер на Автобомилистичката федерација на Македонија. Кире трагично го загуби животот на 16 август годинава, во Пробиштип, на ридско- брзинска трка чиј претседател беше, откако учесник на трката пред самиот финиш изгуби контрола над возилото и удри во него. Гордана вели дека последниве четири месеци не бара утеха, туку си го дава потребното време да тагува по својата сродна душа. Во тешките мигови, нејзина радост се двете ќерки, внукот и работата. Во искрениот муабет за Женски магазин, спомнавме уште еден женски измислен лик кој ѝ ја одбележа кариерата, Ферхунде од турската серија „Кога лисјата паѓаат“, чиј глас го надсинхронизираше.

Како ти поминуваат месеците во време на пандемијата, колку актерски ангажмани успеа да оствариш?

-  Најискрено воопшто не очекував дека толку многу ќе трае пандемијата. Веројатно моето поимање да се биде, е дека треба да се прифати како “нормално“  се што е вон мојот домет на одлучување  и влијание.  Секојдневно се обидувам трезвено, рационално  да се справувам со тоа како што најдобро умеам и знам и ако може да излезам психо-физички цела од сиот овој хаос наоколу. Најважно од се е да се остане човек. Инаку, за време на пандемијава  ја имав таа привилегија да продолжам со актерски ангажмани, но во друга форма. Не во театар, туку пред микрофон. Имено за цело време додека трае ова, надсинхронизирам  повеќе женски ликови во моментално актуелните турски серии. И верувајте некои ми се толку провокативни што буквално ги одигрувам и многу уживам кога им ставам мој печат и моја боја.

* Која ти беше првата посериозна улога, и можеш ли да издвоиш најдрага?

-   Во театар пак, прва посериозна улога ми беше насловната роља во истоимената претстава „Марисол“ работена по текст на Хозе Ривера, а во режија на мојот многу драг професор Владимир Милчин, претстава која за жал малкумина имаа можност да ја гледаат бидејќи многу кратко време беше на репертоар на мојата матична куќа Драмски театар. Исто така еден од ликовите што ми прираснале за срце и од кои и ден денес ми се стега грутка во грлото кога низ мисли ќе ми прелета некој монолог, е ликот на Малина во Еригон на Плевнеш, а во режија на Јани Бојаџи. Тажни се тие судбини и вистини за голготата на бегалците и сè уште се болни за нас Македонците. А јас како мајка многу добро ја разбрав нејзината болка. Не можам а да не ги споменам и претставите „Кандид во земјата на чудата“ и „Маркиза“ кои ме потсетуваат на едно време кога младоста, ентузијазмот и есенцијалната енергија беа стожерот врз кој градевме, креиравме и буквално живеевме на сцена со колегите. Би пишувала јас уште многу за улогите, но сепак како еден од моите фаворити би ја споменала улогата на Елена во претставата „Атена со пенис“ , комедија  во режија на Синиша Ефтимов,  а по текст на Александар Русјаков. Улога во чие играње уживав со сето срце.

Кој момент е најважен го сметаш за најважен и најдрагоцен во твојата актерска кариера? 

-  Ако нешто ми е најдрагоцено, тоа се миговите на сцена. Само таму можам да сонувам со широко отворени очи, а срцето ми бие, чиниш ќе ми излета од градите. Можам да си го чујам, а се држам како да е се под контрола, смирено, комплетно присутно. Магично. Многу ми недостасува мирисот на театарот.

 * Во времето на стартот на популарноста на турските серии, го надсинхронизираше ликот на Ферхунде од серијата „Кога лисјата паѓаат“. Те препознаваа ли тогаш луѓе по гласот на улица, во маркет...?

-  Да, Ферхунде е еден од ликовите кој колку чудно и да звучи, ми ја обележа кариерата. Луѓето и ден денес, после 10 години, сè уште ме препознаваат. Посебно вака за време на пандемијата, кога сите одговорно носиме маски, забележувам дека освен мојот лик, препознатлив е и мојот глас.  Сè уште се занимавам активно со надсинхронизации. И тоа со многу љубов. 

 * Мајка си на две ќерки, и неодамна стана баба. Колку оваа нова улога те смени и те омекна?

-  Кога станав баба ја сфатив убавината на таа нова моја животна улога. Внук ми Димитар за мене е Божји дар и благослов, а чувството што го буди во мене е бесценето. Ги сакам миговите поминати со него, слушајќи го неговото смеење како ѕвонче. Ќе се потрудам секогаш да си ја негуваме искрената врска и да ја негуваме љубовта преку размена на чиста емоција. 

Пред три месеци, засекогаш си замина твојот партнер Кире Андреевски, познат спортски работник. Кои се најубавите и највредните спомени што ги чуваш од него?

-  Си замина засекогаш, без збогум. Шокот можеби лека полека ќе избледи, но неговото отсуство ќе биде се поприсутно. Никогаш и со ништо нема да се пополни таа празнина, глувите ноќи и бесмислените мои прашања кои знам дека нема да бидат одговорени. Зошто тој?

*  Колку време бевте заедно, на што од она што заедно го поминавте и го направивте си најгорда?

-  Ние бевме две сродни души што се нашле и почувствувале и немавме потреба од потпис за да бидеме среќни и да си припаѓаме еден на друг. Едноставно бевме чистота, љубов. Тоа беше нашиот избор.

*  Освен ќерките, внукот, што те теши и турка напред?

-  Утеха не барам, си го земам потребното време да си оттагувам, и тоа е човечки, нели? И да боли, нека. Она што најмногу ми помага да не потонам во тажни меланхолични чувства ми е љубовта кон моите ќерки и внук, но секако и работата.

*  Како жена, мајка, како професионалец, што научи од ова неубаво животно поглавје?

-  Научив да љубам дури и кога губам, се научив да живеам и со тагата, мото ми стана „don’t give up“ и што и да е, ќе помине.

Милица Џаровска


*Не ги гледаме, но ги слушаме како Санем и Џан, Ендер, Рејхан и Џенк: Актери кои ги насинхронизираат ликовите во турските серии