Утринско кафе со Агафи Гаџова: Дури и мојата мачка ужива во третманите со квантно пенкало

Првите утрински мигови се најубавиот дел од денот. Свеста, по подолга работа на себе, ми е програмирана така да се буди со позитивни афирмации. Позитивниот став кон новиот ден, обврските и целите кои ги имам зададено се од круцијално значење за успешен ден. Како и сè останато, така и умот можеме да го програмираме. Ако утрата ги започнуваме со негативни мисли, тогаш сигурно денот ќе ни биде исполнет со непријатни настани. Изреката „Какви ви се мислите, таков ви е животот“ е навистина веродостојна.

По пиењето на две чаши топла вода, започнувам со Трансцендентална медитација (ТМ) која трае 20 минути. По мое видување, ТМ е наједноставната медитација во која не вложувате никаков ментален напор, а умот го чистите од целокупниот емоцинален товар кој не ви е потребен.  

Со оглед на тоа што ја имам таа слобода сама да си го организирам времето, првото утринско кафе го пијам околу еден час, сама, во друштво со квантните (звучни) матрици на Гарјаев. Тоа не се обични звуци. Се работи за биоинформации кои делуваат на детоксификацијата на организмот и подобрување на имунитетот. Потоа ги правам 5-те Тибетанци, вежби кои се одлични за подобрување на енергетскиот проток во организмот и продолжувам со други вежби за истегнување на сите делови на телото.

Вака енергенизирана, спремна сум за убавините и предизвиците што ги носи новиот ден.  

Ме мотивира сè она што ме прави среќна.

Пред сè, тоа е љубовта кон новите природни науки како што се квантната генетика и биологија на верувањето, но и љубовта кон езотеријата и метафизиката. Благодарение на развојот на технологијта, сè повеќе се доближуваме до мистичните и древни знаења кои се засноваат на вибрации. Секојдневно неуморно читам и стекнувам нови знаења.

Мој особен интерес се и енергетските техники. Иако во мојата работа користам научно докажани и патентирани методи од кои може многу да се прочита за психо-соматската состојба, сметам дека и древните енергетски методи се навистина делотворни во исцелувањето.

Клиентите се мој двигател. Иако една сесија трае од 90 до 120 мин, времето минува за миг. Нивните насмевки и топла прегратка по завршување на сесиите се мотивирачки и за мене и за нив. Тоа е чувство кое тешко можам да го опишам со зборови. Може само да се доживее.

Тука се и моите најмили кои безрезервно ме поддржуваат. Кај нас, пред сè, треба да се има храброст да се зборува отворено за енергетските техники. Голем дел од граѓаните гледаат со неверување на енергетското работење, па било каква критика кон оваа работа иако ги повредува моите блиски, никогаш не ме сопреле во мојата мисија. Им благодарам многу што ме поддржуваа во процесот на моето исцелување кое траеше повеќе од две години. За тие што сакаат да прочитаат повеќе за мојот пат може да прочитаат на овој линк.

Сè зависи од бројот на закажаните клиенти во текот на денот. Денот ми е посветен на нив. По завршување на консултациите и третманите, продолжувам со анализа на истите. Доколку е потребно, стапувам во контакт со колегите за совет и во која насока да се продолжат третманите.

Работам тоа што го сакам и што исконски ме влече и поради тоа учам со леснотија. Секој слободен момент го користам за надоградба. Емоциите се тие кои го дефинираат нашето здравје, па така со помош на BioWell камерата, може лесно да се дефинира која емоција може да направи проблем на органско ниво. На пример, лутината ќе предизвика нерамнотежа во функционирањето на црниот дроб. Лутината е поврзана со незадоволство, фрустрација и гнев, а доколку не се реши, може да биде предизвикувач на главоболки, вртоглавица и висок крвен притисок. Луѓето склони кон проблеми со желудникот поради потисната лутина ќе страдаат од гастритис или чиреви на желудникот. Емоцијата на страв е поврзана со бубрезите. Нормално е да се чувствува страв одвреме-навреме, но кога состојбата на страв станува хронична, тоа почнува да влијае на здравјето. Ненамерното мокрење е најчестиот знак на нарушување, па дури и кај децата, мокрењето во кревет може да биде резултат на прекумерен страв од некого или нешто. Продолжената состојба на страв доведува до хронична слабост и замор. Возбуда, дури и онаа што ја сметаме за позитивна, може да предизвика нервоза, вознемиреност, несоница и срцеви палпитации. Овие симптоми обично укажуваат на емоционална нестабилност. Оние кои вечно бараат возбуда, исто така спаѓаат во оваа група.

По завршувањето на работните обврски, следуваат други обврски што секоја жена ги има. Но сепак наоѓам време за вечерната ТМ и да направам енергетски третмани на самата себе и на моите блиски барем еднаш неделно. Сите уживаме во третманите со квантното пенкало кое во себе има вулканска лава од Камчатка која е богата со скаларна енергија. Дури и мојата мачка ужива во третманите. Кога ќе го види пенкалото, прва се мести за третман.

Она што скоро секоја вечер го правам е чистење на просторот во којшто живеам со БИЛА звучната матрица. Матрицата содржи во себе и Алфа бранови кои го смируваат и опуштаат организмот.

Најчесто, вечерите ги поминувам со најблиските. Ретко гледам телевизија. Се трудам да го избегнам менталното труење. Ме релаксираат документарните емисии на социјалните платформи од кои може многу да се научи за новите истражувања од областа на квантната физика. Често се приклучувам на онлајн предавања од кои може многу да се научи.

Секако, тука се и моите драги пријатели со кои се гледаме барем еднаш неделно. Вечерите поминати со нив, создаваат незаборавни спомени.

Вечерта, задолжително ја завршувам со слушање на квантната матрица за подмладување која ми дава енергија и ме регенерира. Токму оваа матрица е причина за неверојатна промена на моето тело и кожата.  

Книгите ме релаксираат иако сè што читам е поврзано со психологијата, природните науки како и со мистицизмот.

Во моментов читам напоредно две книги, „Џелат на љубовта“ од реномираниот психијатар Ирвин Јалом и „Луѓе на лагата“ од психијатарот Морган Скот Пек, познат по својата прва книга "Патот по кој поретко се оди". Ништо во животот не е случајно. Па ни читањето на овие две книги во исто време. Ми дадоа јасна слика за ликот кој ќе го опишам во книгата „Како да се живее и работи со манипулатор“, вистинска приказна од животот.

За крај на оваа година, сакам на сите мои клиенти да им се заблагодарам за искрената доверба и да им посакам храбро да чекорат по своите соништа. Кога намерите се цврсто поставени и кога сте фокусирани на нив, успехот е неизбежен.

Да не заборавиме дека сите ние имаме два живота и дека оној другиот, вистинскиот, започнува кога ќе сфатиме дека животот е само еден и дека треба да го живееме ослободени од стегите и критиките на другите. Сите ние сме единствени и неповторливи, затоа треба да направиме сè што ќе не донесе до личната среќа.  

Во новата година посакувам секој час да бидеме среќни, судбината да на дава слатки насмевки и сите соништа да ни се остварат.

Многу здравје, љубов, среќа, благостосојба и вечна убавина. 


(*Агафи Гаџова- сопственик на Agape Bio Well- центар за справување со стрес, регенерација и подмладување на квантно ниво)