Утринско кафе со Ферат Ракипи: Пациентите со намрутено лице од кај мене излегуваат со пријатна насмевка

Во работни денови првото утринско кафе го консумирам со колегите од лабораторија при „Институт за медицина на трудот“ на РСМ-Скопје. Денот обично ми започнува со пациентите, кои за жал се повеќе ги има кај нас во лабораторија секој со својата здравствена мака. 

Здравствената мака кај пациентите во мојот втор дом каде сум професионално ангажиран е различна (борба со алергии, труење со биотоксиколошки супстанци, биохемиско-хематолошки испитувања, имунолошки статус на хормоните ...и сл.)

Резултатите добиени од нашиот оддел се водилка во поставување, следење и давање на адекватна терапија на нашите екпертски тимови составени од врвни професори во пулмо-алерголошката сфера и безбедност и здравје на работната способност на работниците. За жал е непријатно чувството да се работи со маските и скафандерите, полно работно време не верификуваат како „Космонаути“, но мораме да водиме битка со тивкиот и невидлив убиец COVID-19. 


Мотивацијата во моите професионални задачи сепак е присутна. Важам за позитивна личност а позитивната енергија ја пренесувам кај пациентите кои доаѓаат со „намуртено лице“ (се смее) или фобија од боцкање при вадење на венска крв за анализи, но од кај мене излегуваат со пријатна насмевка и со пренесен кураж дека нивниот здравствен проблем ќе биде минато . Мојот професионален однос го градам веќе 20 години, а сите ме препознаваат како „Високото црно момче со лесната рака за венепунктирање“.

Обично сум статистичар во животот и мислам дека сум единствениот медицински лаборант во нашата држава со толку работен век , а веќе спонтано да има „милион интервенции“, но тоа го правам незабележливо бидејќи ја сакам мојата професија и ме има насекаде. Здравствената етика и морал ја применувам без лимит, предрасуди и страв со пациентите инфицирани од COVID-19 на терен или во домашни услови со земање на примероци за анализи .

Слободното време го поминувам со моето семејство, мојата сопруга и двете прекрасни ќеркички со секојдневни обврски во сферата на едукација и образовно-воспитни мерки, кое е пренесено од гените на моите родители кои беа просветни работници.

Кога веќе сме кај гените тука е љубовта кон музиката и сакам да запеам по некоја песна во кругот на моето семејство и потесен круг на пријатели. ПС.„Кoј пее зло не мисли“.


Обично сум гурман кој секогаш сака да внесе иновации во нашите традиционални балкански специјалитети и вешто се снаоѓаме со сопругата во кујната .

Денот завршува со прошетка низ парковите на убавиот „Скопски Чаир“ , со по некоја изгледана турска серија, некој спортки натпревар и сл. Мото на мојот живот е „Секогаш помогни му на секого, и ќе ти биде возвратено со благослов од Бога, кој секогаш ќе те чува од лошиот час на непријатни збиднувања како мене и моите најдраги во животот“.

(*Ферат Ракипи - Медицински лаборант , Претседател на Синдикална Организација при Институт за медицина на трудот на РСМ -Скопје)