Утринско кафе со Катерина Љамова Богоевска: Утринската рутина е многу важна за да ни тргне денот

Веќе извесно време денот ми почнува со утринска рутина која се состои од местење кревет, пиење вода со лимон, кафе, утринска нега на кожа и јадење здрав појадок. Сето ова во придружба на мојот помал син кој сѐ уште не оди во градинка. Оние кои имаат деца многу добро знаат дека утрата со деца не можат да бидат спори. Бидејќи работам од дома, а работното време ми започнува малку подоцна, првите неколку часа од денот ги поминувам со него а утринската рутина ја развлекувам се до почетокот на работниот ден кога во првите 15-тина минути всушност го планирам денот на хартија. Цврсто верувам дека утринската рутина е многу важна за да ни тргне денот, за воведување на здрави и корисни навики, а планирањето на денот не само што ми ја зголемува продуктивноста туку и ме смирува и ми дава чувство на конрола врз денот. Во последнава година најчесто моето утринско кафе го пијам со помалиот син Марко.

Наоѓам мотивација во предизвиците. Кога сум предизвикана сум најмотивирана. Мотивација ми е и секоја порака дека сум помогнала на некого, сум го инспирирала на позитивна промена, сум го поддржала. Ме мотивира сопствениот развој и промена. Ме мотивира семејството, моите деца. Енергија црпам од природата, кога се чувствувам исцрпено, истрошено лекот ми е само природа. Настојуваме секој викенд да го поминуваме во природа со децата. Ги учам, уште од сега, дека природата е најголемиот извор на универзална енергија. 

Дневниот план ми се состои од „to do“ листа и топ 3 приоритети за денот. Како семејство си имаме рутина по која функионираме и сум поддржувач на рутините особено во семејства со деца. На децата тоа им дава чувство на сигурност и предвидливост. Рутината изгледа вака будење,утриснка рутина, појадок, работен ден/градинка/ ручек, заедничка игра, вечера, вечерна рутина, време за родителите, спиење. Не изгледа секој ден комплетно исто и рутината за нас не значи дека до минута ни е испланиран денот, но таа ни дава некоја рамка на функционирање и особено ни помага во време на промени. Имањето рутина не значи дека не знаеме да сме спонатани, напротив само се обидуваме да си го олесниме животот со деца, да си ги намалиме нервозите што ги  носи непредвидливоста и да имаме повеќе заедничко квалитетно време. 

Откако ќе заспијат децата (гледаме тоа да не е после 9:30) имаме време за нас. Тоа значи нешто различно секоја вечер. Некогаш сакам да читам книга или пак да пишувам содржини за блогот или Instagram, а некогаш гледаме филм или серија со сопругот. Понекогаш е толкав хаос што откако ќе средиме низ дома не останува време за ништо и преморени заспиваме и ние. Понекогаш цела вечер само готвам или чистам. Имам и јас секакви денови и не се форсирам на ништо. 

Искрено многу повеќе уживам да прочитам книга. Дозволувам книгите да ме најдат мене.  Моментално ја читам „Внатрешен инженеринг" од Садгуру. Си ветив дека секоја вечер пред спиење ќе читам барем 10 минути и до сега добро ми оди. Никогаш не знаете каква идеја може да ви се роди читајки некоја книга. Најчесто читам книги за самопомош, мотивација, попоуларна психологија и спиритуални книги. 


(*Катерина Љамова Богоевска- content creator)