Утринско кафе со Марија Димишкова: Водно комплетно ме регенерира по сите дневни случувања

Ранобудник сум и алармот ми ѕвони неколку минути по 6 часот. Првите утрински мигови се само мои и ги користам за омилените утрински ритуали. Сакам убава музика наутро, лесна медитација, некоја весела мисла во глава за полесно функционирање во текот на денот. Не сум љубител на кафе и го немам како утринска навика. Сакам топол планински чај за почеток на денот и најчесто го пијам сама, но затоа појадокот ми е многу важен и секогаш е во друштво со колегите од работа.

Ме мотивираат колегите на работа, клиентите со кои работам, моето семејство, сестра ми, пријателите. Ме мотивира успех, пораз, среќа, љубов, трпение, упорност, ентузијазам, креативност. Ме мотивира секој нов ден да бидам нежна кон себе и се што правам да е со љубов.


Денот ми започнува со Утринската емисија на Урбан фм радио. Последниве 10 години, го будам Скопје на 90,8 и заедно со слушателите му се радуваме на новиот ден. По емисијата, продолжувам со тренинг сесии во Центарот за јавно говорење каде секојдневно работам со луѓе кои сакаат да ја надминат тремата од јавен настап, да ги усовршат комуникациските и презентациските вештини и да станат поквалитетни говорници. 

Овие пролетни денови, попладнето најчесто го поминувам пешачејки на Водно. Во последно време, Водно комплетно ме регенерира по сите дневни случувања, а пролетните бои и мириси низ планинските патеки го надополнуваат уживањето. Кога не сум на Водно, сум во Градскиот парк во друштво на најблиските луѓе и нашата убавица, лабрадорот Маша. Пролетните денови се најубави во Скопје, затоа и секој слободен момент го користам да сум надвор. Вечерта е резервирана за опуштање со семејството.


Навечер најчесто и заспивам со книга. Многу повеќе читам стручна литература што ми помага во работата, во моментов го читам Џо Наваро и ,,Што кажува секое тело”. Филмови ретко гледам, повеќе сакам добра серија. Зависно од моменталното расположение, почесто изборот е на полесна серија што ќе ме насмее и забавува, отколку на серија со психолошка тематика. 


(*Марија Димишкова, основач на Центар за јавно говорење и тренер за јавен настап)