Утринско кафе со Наташа Мустафа: Знам да застанам во некоја тивка уличка и да си го испијам кафето уживајќи во секоја голтка

Денот ми почнува брзо, со еден куп обврски што чекаат да бидат завршени, а првото утринско кафе најчесто го пијам во кола носејќи го мојот син на училиште, на пример. Инаку, сакајќи да најдам време за себе и уживање во првото кафе се случува да подзастанам во некоја тивка уличка и да си го испијам кафето уживајќи во секоја голтка, додека сонцето ме гали преку прозорецот на автомобилот (се смее).

Пренесувањето порака, порака што некого ќе направи среќен е она што секојдневно ме мотивира. Ме мотивира и желбата за постигнување нови височини и мои мали лични победи.


Голем е бројот на моите дневни обврски и тука спаѓаат готвењето, фотографирањето, останатите обврски околу Инстаграм профилот, комуникација со клиенти, фотографирање на настани, пишување за еден печатен медиум, водење на социјални медиуми за неколку компании, како и обврските околу домот, синот и блиските. Среќа имам добар планер .




Денот секогаш ми завршува дома со семејството. Најпрвин го заспивам син ми, потоа следниот еден час ми е резервиран за сопругот, тоа е време во денот кога можеме да бидеме заедно сами, да поразговараме, да размениме мислења, да уживаме во шоља чај. Е, откако и тој ќе заспие, следува времето само за мене, кое најчесто е резервирано за читање добра книга или масажа на лицето со масло од дива роза.


Филмови гледам се поретко, а книги читам се почесто. Секогаш меѓу филм и книга ќе изберам книга. Ги сакам книгите на Елиф Шафак. Жената со црвениот бележник и Црвениот адресар се книгите што последно ме воодушевија, но сепак сѐ уште најмногу паѓам на класици и омилена книга ми е Џејн Ер од Шарлот Бронте.


(*Наташа Мустафа, специјалист за комуникации и односи со јавност)