Утринско кафе со Ружица Фотиновска: Најспокоен дел од денот ми е првото кафе кое го пијам со сопругот

Утринската рутина и малите навики што ги имаме се многу поважни за остатокот од денот, отколку што првично изгледа. Не за џабе се рекло „денот по утрото се познава“. Кафето е на прво место-црно без шеќер. Најубаво го прави сопругот. Го пиеме заедно, во пакет со зелен чај, едно по друго. И тоа ми е најубавиот и најспокојниот дел од денот.

Дневните планови и обврски во новинарството често пати не може да се планираат однапред. Денот може да донесе многу изненадувања. Среќа што како телевизиски новинар почнувам подоцна на работа, па имам повеќе време наутро да се организирам. Во време на пандемија ми недостасува одењето на терен. Директен контакт со луѓето, зашто секогаш ќе дознаете/видите многу повеќе отколку кога се земаат изјави преку телефон или Интернет. Се надевам дека вирусот што го застана светот наскоро ќе се предаде и дека ќе му се вратиме на животот каков што си го знаеме. Иако, никогаш веќе нема да биде исто.


Ме мотивира добрината, таа енергија е најсилната движечка сила. Реални случки со среќен крај. Како новинар, си ја доживувам работата како адвокат на народот. Денот ми се разубавува кога со својата работа ќе успеам да ја истерам правдината на крај. Ме мотивираат луѓето со својата добрина, широкоградост, истрајност.  Мајка ми беше пример за стамена жена и секогаш ме води нејзиниот совет-„Ќерко секогаш помогни му на човек. И прави го тоа што сакаш тебе да ти се случува“.


Денот ми завршува со „домашна задача“ - гледање вести. Но често знам да се релаксирам со некој филм. Порано многу читав книги. Имаше денови кога едвај чекав да се вратам од работа и да продолжам со читање, толку ми биле интересни некои книги. Но, сега имам проблем со очите, брзо се заморувам. Ќе морам под итно нешто да преземам околу тоа.


(*Ружица Фотиновска - новинар ТВ24)