Се будам пред сите за да можам да го уживам воспоставувањето на утрински баланс со себеси и разговор со себе: Утринско кафе со Симона Јовчевска

Се будам во раните утрински часови, а со тоа следува и припремањето на моето прво утринско кафе кое секогаш го пијам сама, се будам пред сите за да можам да го уживам тој момент - воспоставувањето на утрински баланс со себеси и разговор со себе ми се клучни за понатамошниот тек на денот, а и животот.

Ме мотивира животот. Навистина е прекрасен со сите негови амплитуди.

Слободата на избор која протекува низ него, а со тоа и можноста да го извлечете својот максимум во него - ова убаво звучи, но, е вечна борба со себе, една голема мотивација.

Дневни планови и обврски имам многу. Грижа за децата пред сè, работните обврски во мојата матична куќа Националната опера и балет, секојдневните предавања на државниот институт за психологија на кој сум втора година (мој втор факултет), цртањето на чадори, цртањето со кафе, домот...

Но секогаш и покрај сè, најважно ми е да издвојам еден мал простор секојдневно само за себе.

Денот ми завршува со децата. Раскажуваме случки, доживувања, игри... А секоја вечер ни завршува со една приказна пред спиење, но не било каква.. смислуваме една бесмислена приказна, секој ден различна, полна со смеа и фантазија во која децата навистина уживаат.

Повеќе сакам да прочитам добра книга... Таа е и мојот шопинг (на овие години). Добра книга претставува и една добра промена во мене, дефинирање и редефинирање на сите мисли како што често се практикува еден збор, будење...


* Симона Јовчевска - уметница