Утринско кафе со Стефанија Кржеска: Ме мотивираат луѓе кои од ништо прават нешто во животот

Разделбата со креветот во утринските часови  ја поднесувам тешко. Сакам кога спијам подолго и кога се чувствувам одморено кога ќе станам од спиење. Но, како изминува времето имам се помалку време за спиење. Алармот ме буди во 07:00 часот. Од кога ќе станам се подготвувам за на работа и често слушам  музика додека го правам тоа. Обично не практикувам да пијам кафе пред да доручкувам, па знам да го прескокнам утринското кафе, но не и утринскиот разговор со колегите.


Мотивацијата ја барам во секојдневните случувања, како адвокатски приправник секој ден сум сведок на различни животни приказни. Ме мотивираат луѓе кои од ништо прават нешто во животот. Кои сто пати паднале, и повторно станале. Посебно ме мотивираат силни и успешни луѓе кои веруваат во себе и во моќта на човекот, луѓе кои зрачат со позитивна енергија.

Искрено некогаш се прашувам зошто денот не трае 30 часа. Енергијата што ја имам на моите 22 години гледам да ја искористам максмално.  Сѐ уште сум студент, дел од мојата енергија ја посветувам на студирањето и практичната работа, дел на инстаграмот и маркетингот. Во животот ме води правилото “нешто да се прави” зошто кога сум дома без обврски често знам да бидам депресивна, а тоа не ми стои убаво како насмевката.


Вечерните часови најчесто ги користам за учење, бидејќи преку денот немам време да читам литература за на факултет. Често книгата е мојот пријател со кој ги поминувам вечерните часови и покрај кого ми завршува денот.


Кога сакам да се релаксирам повеќе преферирам да гледам некој добар филм или серија во добро друштво, одколку да читам книги. Во однос на книгите, не сум љубител на љубовни романи, претежно читам психолошки и мотивациски книги кои ме тераат да размислувам и да ми ги разбистрат мислите кога знам да се опседнам со негативност.


(*Стефанија Кржеска - Инфлуенсерка)