Утринско кафе со Тони Ангеловски: Ме мотивира чувството на добро завршена работа

Првото кафе го пијам дома, веднаш штом станам од спиење и тоа задолжително горко турско кафе. Тоа ми е како ритуал за будење, се разбира со задолжителна доза цеден сок и витамини и таблети за зајакнување на имунитетот, прилагодено на ова Ковид време. Кафето ми помага и за комплетна концентрација и во раните утрински часови, на пример, кога сум гостин на некоја утринска емисија на националните телевизии, како што беше случајот денеска. Пијам многу кафе, но тоа, покрај јадењето благо, ми се единствени пороци. Не пушам цигари, многу ретко консумирам алкохол, но затоа шолјата кафе мора да е во близина. А богами и некое парче торта, чоколадо или сл. (се смее).


Ме мотивира чувството на добро завршена работа. Убаво е кога на крајот на денот можеш да констатираш дека си ја завршил работата како што треба. Тоа дава нов елан. Се разбира, годат и пофалбите и признанијата од другите, особено кога тоа доаѓа јавно од новинарите.

Работниот ден стандардно ми е исполнет со интензивна комуникација со медиумите, но и исполнување на другите обврски што ги имам на работното место. Зависно од денот, работното време може да потрае многу подолго од стандардното, но таква е природата на оваа работа. 


Сакам со пријателите да одам во некое кафуле или кафеана, а особено кога има некој спортски настан кој го гледаме заеднички во некое кафуле. Едвај чекам сега да почне европското првенство во ракомет и заеднички да навиваме за македонската репрезентација.


Сакам да читам и имам ептен голема библиотека, иако мора да признаам дека последните години имам се помалку време за книги, поради работните обврски. Но, ја користам секоја можност. А сакам и филмови, особено да ги гледам во кино. Иако сега имаме еден куп опции да гледаме и на интернет, мене ми е ќеиф да одам во кино и таму да уживам во филмот.


*Тони Ангеловски - портпарол во Министерството за внатрешни работи