Сите треба да си го чуваме здравјето малку повеќе и да најдеме време за себе: Утринско кафе со Ванеса Макинтос

Денот ми почнува секое утро во 06:15, без разлика дали е работен ден или викенд. Мојот задолжителен утрински ритуал се состои од чаша со млака вода со малку лимон со која ги пијам првите суплименти. Корен од мака, витамин Ц, витамин Д, витамин Е. Потоа пијам цеден цитрон во кој додавам вода и пијам црно кафе македонско без шеќер во поголема шолја. Кафето сакам да го пијам сама, пред да ја почнам борбата за будење на децата. По кафето, пијам уште два суплименти ленено семе и Гинко билоба.

Потоа спремам сендвичи за децата во училиште и им ги пакувам ранците. Спремам смудиња за децата затоа што немаат време да појадуваат, поради тоа што не стануваат лесно. Утринското смуди кое им го подготвувам е секогаш со две банани, различни семиња (сончоглед, семки од тиква, бадеми..) неколку лажици замрзнато црвено овошје и вода. На овој начин децата ја примаат витаминската терапија и задолжително пијат суплименти, витамин Б, витамин Ц и витамин Д во студенти зимски денови. 

Мотивацијата како главен водич се двигатели кон човечката цел. Мојата мотивација лежи во моите корени. Мајка ми и баба ми беа големи борци и мои учители. За нив беше многу битно жената да е исполнета во кујната, во куќа со деца, да најде начин да гради и да им донесе среќа, но и на интелектуално ниво. Интелектуалната градба е многу битна за душата, за иднината, за сегашноста, за развојот на детето. Моја желба е да го поделам знаењето, да послужам каде што треба, да се помогне каде што треба. Желба ми е сите ние кои живееме надвор од татковината, да донесеме во Македонија значително позитивни проекти кои што ќе можат да помогнат секому.  

Децата се мојот живот, и сакам со секој мој успех да им помогнам нивниот пат да биде полесен.

Баба ми секогаш ми велеше: „Сине, мотивацијата го храни нашето здравје“. Верувам во тоа.

Половина од работната недела сум на универзитет, половина на работното место. Трка во време како и за секоја мајка, да стигне навреме секаде, да подготвам јадење за децата, да помогнам со училишните обврски и сл.

Доколку сум на работа, откако ќе се вратам од работам готвам, доколку сум на Универзитет готвам ден претходно затоа што не ми дозволува времето да зготвам навреме.

Доколку сум во Македонија, гледам да ги разгледам лекциите наутро со кафе и сакам да поминам повеќе време во истражување на нови места, манастири, цркви со моите најмили пријатели. Утринско возење на велосипед покрај Вардар ми е омилен дел од денот и кафе во чаршијата. 

Карантинот како за сите така и за мене влијаеше тешко. Пред да почне пандемијата решив да се запишам на втор факултет, а имам завршено Нутриционизам. А втор факултет запишав Биомедицински Мастер науки каде што спремам оддел Психологија. Лекциите беа онлајн и секоја комуникација. Работата не беше лесна исто, не знаев кој пациент е пуштен од болница со Ковид кој не. Секојдневно имавме онлјан состаноци, никој не знаеше со што се соочуваме. Не знаев дали ќе ги најдам живи пациентите, тоа беше голем стрес за мене. Дома не дозволував децата да ме гушнат, не знаев дали ќе им пренесам нешто. Тешко беше за сите, но Светиот дух ми даваше мир, секогаш кога одев на работа. Работата со Ковид пациенти е тешка за психата, тие бараат помош.  Видов луѓе кои за жал никогаш нема да се опорават. Се‘ ова ми даваше порака дека мора да се грижам многу повеќе за мојот имунитет, за имунитетот на семејството, моите пријатели и другарите. 

Денот секогаш ми завршува со голема долга прошетка со кучето и со вежбање читање со Мила Марија. Многу сака да читаме заедно. Секогаш пијам билков чај навечер без шеќер, понекогаш нане, маточина или калинка.

Книгите на Даниел Стил ми се омилени и имам голема колекција. Мајка ми викаше: „Колку и да си уморна, прочитај две страници од био што“. Ова читање таа го нарекуваше медитација за мир на мозокот пред спиење. Доколку сум уморна од учење понекогаш си пуштам и лесно филмче, доколку не е премногу доцна.

Моја порака до сите жени е: „Сите треба да си го чуваме здравјето малку повеќе и да најдеме време за себе“


*Ванеса Макинтос – нутриционист*