УТРИНСКО КАФЕ СО ВЕЛИБОР ЏАРОВСКИ-ЏАРО: Денес полнам 69 години

Добивај вести на Viber

Денот ми почнува со телетекстот. Ги проверувам спортските резултати за да знам дали во „Спорт лајф“ ќе одам по добивка на каса, или само ќе одам на дружење со моите маалски пријатели. Порано пиев многу кафе, благо, со неколку цигари уште рано по сабајле. Кафе одамна не пијам, а речиси пред дваесет години и на цигарите им раскинав. 

Утрото ми почнува со појадок, со задолжителен чај од „Алкалоид“ и витамини од „Зегин“. Кога јас сум буден, дома сите спијат, па чајот го пијам сам, во друштво на првите вести и задолжителни телефонски разговори со пријателите, за да ги искоментираме случувањата.


Ме мотивираат моите внуци, Лара и Лука. Таа глумица, а тој клавирист. Обожавам да ги задевам, и најмногу ме забавуваат нивните одговори на моите досетки. Вчера се вратив од едно патување низ Србија и низ Босна и Херцеговина, се видов со многу мои стари пријатели. Тие средби ме мотивираат, како и редовните викенди во „Хит“ хотелот во Дојран и во „Инекс Горица“ во Охрид. Волја ми дава подготовката на мојата автобиографска книга и документарецот.


Денеска полнам точно 69 години, добра бројка, зарем не? Шестката секогаш ја играв на рулет, деветката послабо. Најважниот план за денеска ми е сопругата, ќерката, зетот и внуците да ги почестам ручек, во „Кај Перо“ во Дебар маало. Ме мотивира и овој роденденски ден и честитките од пријателите.


По петте илјади концерти кои ги организирав и многуте турнеи во текот на 35 годишната работа како менаџер, биоритамот ми е сè уште нарушен. Можам да останам буден цела ноќ, пак во друштво на билтените или телетекстот. Ако денот ми е ден, а ноќта-ноќ, вечерта ми завршува или во некое фино кафеанче со пријатели, или дома, со најблиските.

Стари југословенски филмови или шпионски и терористички американски класици ми се секогаш во мода. Од книги читам најмногу „стручна литература“, за типови, обложувалници и за „сигурна добивка“.