Утринско кафе со Зорица Димовска: Во „Кроациа осигурување“ секој работен ден ми е посебен

Наутро станувам рано но секогаш после вториот аларм од часовникот бидејќи сакам кога денот ми започнува без брзање со доволно време за подготовка и планирање на обврските кои треба да се завршат во текот на денот. Најмногу ги сакам утрата кои ќе започнат со прегратка и бакнеж од мојата ќерка Стефанија кога е прва смена на училиште, бидејќи тогаш имам дополнителна енергија за добра работа .

Првото утринско кафе го пијам на работното место со колешките но бидејќи секој работен ден е приказна за себе понекогаш се случува  кафето да го испијам и после еден или два часа, оладено и без посебно уживање во него. Среќа што не сум зависник од истото па утринската доза на кафе не ми е неопходна за будење и функционирање.


Во текот на денот покрај самомотивацијата ме мотивира искреноста на луѓето кои ме опкружуваат, ме мотивираат насмевките, ме мотивира добриот збор, вреднување на вложениот труд независно дали станува збор на работното место или пак дома. Ме мотивира и она кога знам дека на било каков начин сум помогнала некому и на крај имало успешно завршена работа.

Најголема мотивација ми е семејството мојот сопруг кој е секогаш тука за мене подготвен за совет и помош,  ќерка  ми со прегратките и бакнежите кои во денот ги добивам бесконечно како и нејзината искрена љубов. Секако тука се и моите родители, сестра ми, особено мајка ми која е мојот херој и е мој пример како никогаш не треба да се откажуваш ниту да потклекнуваш на негативностите кои можат до ти го попречат патот бидејќи само со трпение и посветеност можеш да стигнеш до целта.


Како Менаџер за прием во осигурување во Кроациа осигурување живот АД Скопје секој работен ден е посебен, максимално исполнет со голем број предизвици и понекогаш може да трае и повеќе од 8 часа. Во фокус на дневните активности е комуникацијата и координација со колеги, доктор цензор, соработници и осигуреници, проверка на податоци, документација, решавање на проблеми и слично. Никогаш не е едноличен и секогаш можеш да научиш нешто ново. Велат дека ако ја сакаш работата која ја работиш тогаш нема да чуствуваш дека работиш, можеби затоа јас Кроациа ја чуствувам како мој втор дом и иако сум веќе 10 години вработена во Друштвото, никогаш не сум почуствувала монотонија. Благодарна сум што во овие десет години имав можност да напредувам во кариерата и да се изградам  професионално, да учам од најдобрите, а и повеќе пати да бидам наградена за мојата посветеност и вложениот труд.

Крајот на денот е секогаш резервиран за домот и семејството и секако да си посветам минути за себе. Понекогаш се релаксирам со долга прошетка со сопругот и ќерка ми, понекогаш гледање на некоја серија или филм или само муабетење и раскажување на денот кој поминал.  


Викедните се најчесто резервирани за дружба со роднините  и пријателите, прошетка во природа, експериментирање во кујна, читање на некоја добра книга или опуштање со добра музика.

(*Зорица Димовска - Менаџер за прием во осигурување/ Кроациа  осигурување живот АД Скопје)