Детството поминато во кал и на нива ме исчеличи: Васка Мојсовска - првата жена претседател на една од најголемите земјоделски организации во државата

Добивај вести на Viber

Наспроти стереотипите дека земјоделките, жените од руралните средини се запоставени, необразовани и „местото им е на полињата и во кујна“, TAA го докажува сосема спротивното – Васка Мојсовска, покрај тоа што е земјоделка и домаќинка, е и првата жена претседател на една од најголемите земјоделски организации во државата, Национална федерација на фармери. Со семејството живее во с.Тимјаник, Неготино, каде ја поседуваат фирмата ,,Агро Калем” – Тимјаник, која е најголем производител на домашни овошни и лозови садници кај нас и е несебичен борец за правата на руралните жени во државата. 

Жена, мајка, сопруга, претседателка, земјоделка - секој ден, во текот на денот успешно ги „игра“ секоја од овие животни улоги и детално нè запознава со секоја од нив:


ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ НА ЧЕЛО НА НФФ КАКО ПРВА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ

- Функцијата претседател на НФФ е голем предизвик за мене како личност која целиот свој живот работи земјоделство и егзистира од него. Земјоделието е гранка која, има премногу проблеми за кои што треба многу труд, лобирање за решавање на тие проблеми. Активното долгогодишно членство во организицијата и мојот несебичен ангажман придонесе за прв пат после 17 години на чело на Националната федерација на фармери да застане жена. Јас како претседател заедно со целиот управен одбор на НФФ, тимот на вработени, потсекторски групи во организацијата со заеднички ставови и предлози, се трудиме колку што можеме да придонесеме за изнаоѓање на решенија за тие проблеми. Само обединети и со заедничко дејствување може да се постигнуваат целите и тоа е мојот начин на работа на секоја функција, вклучувајќи ја и оваа како претседател на НФФ. Ме потикнаа проблемите со кои што се соочуваме ние од руралните средини,немањето пласман за земјоделските производи, дискриминацијата која што е присутна врз руралното население и ред други проблеми со кој што секојдневно се соочуват луѓето што живееат на село а тоа се немањето квалитетна здраствена заштита, зголемена невработеност, недостаток од културно социјален живот, немањето градинки по селските населени места, немањето патна и комунална инфраструктура и пред сè монополскиот однос на откупувачите врз земјоделците. Огромен број на проблеми кои што бараат многу лобирање, работа, притисоци и активности за нивно надминување.

Работењето со земјоделците мене ме исполнува и секој нивни проблем го гледам како свој проблем, а пак ако заеднички успееме да најдеме решение тоа ме исполнува и ми дава елан за нови предизвици. Од друга страна пак отсуството од дома и од мојата работа поради ангажманите во организацијата, придонесуваат да трпи семејството и работата, но ќе кажам ако се сака НЕШТО, ништо не е тешко само со добра организација и координација може да се постигне и работата, и дома, и во организацијата.

ТРНЛИВ ПАТ ДО УСПЕХОТ - „ДЕТСТВОТО ПОМИНАТО ВО КАЛТА И НА НИВА МЕ ИСЧЕЛИЧИ“

- Мене животот ме научи дека треба цело време да се борам за опстанок. Уште од дете откако знам за себе јас сум по нивите и заедно со мојот брат пораснавме на нивите во Тимјаник посеани со тутун, пипер, лозје. Откако нашите родители за време на транзицијата останаа без работа единствен излез за спас за опстанок најдоа во земјоделието и обработката на земјата. Тоа детство поминато во калта, мене едноставно ме исчеличи. Потоа на мои 19 години со незавршени студии стапив во брак со мојот сопруг Гоце Мојсовски. Тоа беше во 1997 година кога вработување имаше многу малку, а особено малку за селските деца. И тој исто пораснат во земјоделско семејство и по нивите решивме да го работиме тоа што најдобро го знаеме да го работиме од деца –земјоделство.Тогаш тој доби наследство од неговите родители 1,5 хектар лозов насад и немајќи што друго да работиме решивме да работиме земјоделство – лозарство, градинарски култури како пипер, зелка и др. Но најдобро се снајдовме во производството на грозје и уште првата година сфативме дека ако работиш земјоделство треба да работиш или поголеми површини за да егзистираш или не треба да работиш .Тогаш почнавме секоја година да садиме по малку нов лозов насад, бидејќи тогаш немаше земја под концесија моравме да купуваме ниви така што за да купиме ниви моравме да го продадеме автомобилот и старата застава за да дојдеме до финансии, но и тоа не беше доволно, па јас на мои 22 години со две мали деца со студирање, работа на поле и немајќи никаков сопствен имот решив да ги убедам свекор ми, сопругот, девер ми и брат ми да заложат движен и недвижен имот и јас да земам наменски кредит за да можам да подигнам поголема површина со лозов насад. За да можеме да заштедиме на купувањето лозови садници решивме јас и сопругот да пробаме да почнеме да калемиме ние лозови садници за наша потреба и заради тоа отидовме да го учиме занааетот во Србија оставајќи ги моите две деца со бабите и така почнавме да калемиме лозови садници за нашите ниви, откако видовме дека можеме да произведуваме садници за нашите лозови насади почнавме да произведуваме и за продажба. 

Не беше ич лесно да се учи, да се работи и да се одгледуваат две мали дечиња, кои што пораснаа по нивите исто како мајка им и татко им, но ако волјата и желбата за успех се поголеми од маката тогаш ништо не ти е тешко. Така почнавме да ги зголемуваме и лозовите насади и производството на лозовите и овошните садници и потоа ја отворивме и нашата семејна фирма АГРО КАЛЕМ Тимјаник која што со гордост можам да кажам дека е најголема фирма за производство на домашен лозов и овошен саден матерјал во Македонија. Така што идеата дојде од самиот мој живот и од борбата за опстанок.

Ние веќе 25 години работиме земјоделство, а семејната фирма официјално АГРО КАЛЕМ постои 13 години. Агро калем произведува половина милион лозови и овошни садници годишно, произведува трпезно грозје и житарица и вкупно обработуваме 70 хектари земјоделско земјиште. Нашите садници се сертифицирани така што нашите клиенти со сигурност можат да бидат сигурни дека купуваат здраствено и сортно чисти садници за нивните нови долгогодишни насади. Агро калем произведува и трпезно грозје на најсовремени лозови насади со современи нови технологии на производство. Трпезното грозје од Агро калем секоја година се извезува на странските пазари. Како компанија редовно инвестираме во подобрување на квалитетот на нашите производи, така што имаме и сопствен ладилник каде што ги складираме нашите земјоделски производи пред продажба. Нашите деца исто така се вклучени во АГРО КАЛЕМ уште од самиот почеток, а бидејќи нивното образование го насочија кон земјоделските науки уште повеќе придонесуваат за развој на нашата работа.
Ќерката Ангела веќе е главен агроном во АГРО КАЛЕМ, а синот Дарко е директно вклучен во производството.

„СО СВОИ ОЧИ ГЛЕДАВ КАКО ТРУДОТ НА ЖЕНИТЕ ВО СЕЛОТО НЕ СЕ ВРЕДНУВАШЕ“ - ПОТТИК ДА БИДЕ БОРЕЦ ЗА ПРАВАТА НА РУРАЛНАТА ЖЕНА 

- Јас како дете кога растев во Тимјаник со свои очи гледав како мајка ми, тетките, баба ми и сите други жени кои што живееја во селото целиот свој живот работат и творат за своите семејства, но нивниот труд никаде не е вреднуван и признаен, ниедна од нив немаше имот на сопствено име, ниедна од нив немаше излезено на кино, театар или да се социјализират како другите жени во урбаните средини, а на прсти се броеа жените што студираа на факултет. Тоа ми даде мотив да јас бидам малку поразлична од сите нив, да бидам упорна, трудољубива, истрајна, скромно амбициозна и жена која што во иднина со својата работа ќе придонесе да се случат некои промени со кои што ќе им се олесни животот на жените во руралните средини.

Затоа кога застанав на чело на НФФ како прва жена си поставив цел дека освен решавање на проблемите на сите земјоделци јас ќе се трудам да придонесам и за изборување за правата на жените од рурални средини. За овие 5 години успевме да ги тргнеме дискриминаторните критериуми во мерката 115 од програмата за рурален развој во која што една жена од рурална средина за да добие грант за да започне сопствен бизнис од 180 000 денари требаше да е невработена, да е во брак, со родено најмалку едно дете, да живее во населено место од 200 жители, на надморска висина од 700 м и да е до 40 години. Овие дискриминаторни критериуми на наше барање со подршка од Министерството за труд и социјална политика на Влада беа оттргнати и заедно со нас беа направени нови критериуми. Следна заложба наша за жените индивидуални земјоделки е остварувањето на правото на родителско отсуство.

Често велам дека оваа функција не е само мој успех туку и успех за сите жени од рурални средини.

Менаџирањето пак во семејната фирма ме исполнува и ме мотивира за уште повеќе да работам и да ја пренесувам работата на секоја жена која што сака во иднина да се зафати со мојата работа. Стекнатото искуство мое јас го споделувам со нашите деца, синот и ќерката кои полека, полека комплетно влегуваат во нашата работа.

Секогаш велам дека истрајноста, самодовербата, трпението и трудољубивоста секогаш треба да се присутни кај секоја една жена што сака да успее во својата работа. Ништо преку ноќ не се добива,треба многу труд, работа, самодоверба, трпение и секако надоградување и учење. Да имаме амбиции и цели во животот, но секогаш чекор по чекор да ги остваруваме тие цели. Не за џабе се вели трнлив и тежок е патот кон реализација на амбицијата што ја имаме, но мораме да сме упорни.

ПОЛОЖБАТА НА РУРАЛНАТА ЖЕНА ВО ДРЖАВАВА 

- Во последниве неколку години често слушаме за жената од рурална средина, но колку вистински знаеме која е таа жена, кои се потребите на руралната жена, со кои проблеми се соочува таа жена која што вредно работи, ги расте своите деца, се грижи за целото семејство и е столбот на своето земјоделско стопанство каде што со огромна љубов и волја произведува храна иако климатските промени секоја година се повеќе и повеќе ѝ прават потешкотии во производството на храна, таа не се откажува и продолжува со својата работа. Иако се соочува со голем број на предизвици како социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и јавни и социјални услуги. Ваквите услови ја принудуваат руралната жена на живот во поголема сиромаштија, а сега покрај тоа што треба да се прилагоди на сите проблеми со кои се соочува, треба да се прилагоди и на Корона кризата. А тоа покажува колку потешко и потешко ќе ѝ биде на жената од рурални средини во иднина да произведува храна и да егзистира во таа рурална средина.
Негативните ефекти од корона пандемијата и те како влијаат врз жените во руралните средини.

Анализата на НФФ за земјоделството и Корона кризата, која е подржана од We Effect покажува дека кај 85% од жените во руралните средини е зголемена работата и на поле и дома. 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само 5% од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор. 
Како резултат на интензивната работа на НФФ подржана од Шведската организација за развој We Effect, иницирани се измени во политиките на национално ниво во насока на креирање на ефективни мерки за поддршка на руралните жени.
Во таа насока во 2018 беше потпишана Декларација за подобрување на економската и социјалната положба на жените од руралните средини од страна на Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика.

Оваа е многу важна Декларација за нас жените од руралните средини пред се зошто се даде заложба и од страна на две институции - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика и од наша страна, дека ќе се работи во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој. Токму по потпишувањето на Декларација започна и процесот на менување на дискриминаторните критериуми на мерката 115 и се креираа нови критериуми за оваа мерка кои се значајни за економско зајакнување на жените земјоделки. Новите криетриуми се подготвија во рамките на кординативната група за родова еднаквост во МЗШВ каде што за прв пат ние жените од рурални средини активно учествуваме и соработувавме со невладините организации, државните и образовните институции. Повикот по истата мерка беше објавен во декември 2019 година каде што аплицираа жените за гранд од 180 000 денари и го добија 250 жени. 

Основна одредба на Декларацијата е креирање на мерки и политики за подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини, како и креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија и породилно отсуство. Токму нејзината улога во делот на процесите на преговори со институциите е важна и посебно во денешно време кога се соочуваме со еден глобален проблем - коронавирус, Енергетската криза и воената криза направија проблеми и во земјоделството и селата, и едни од од најпогодените жители во селата се жените, бидејќи нивниот обем на работа е сега зголемен и дома и на поле, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван.

Ние во Националната федерација на фармери се залагаме и ќе работиме на воспоставување на сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените, наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија преку измена на Законот за социјална пензија, решавање на проблемот со остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување, како и подобрување на достапноста на јавните услуги (здравствени, образовни, социјални услуги) за жените во руралните средини.

Нашите заложби се во во насока на поддршка на жените од руралните средини, кои се во согласност и со препораките на Комитетот на Обединетите нации за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените ЦЕДАВ, развојните цели и заложбите на Декларацијата за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини.

ПРЕКУ ВИСТИНСКИТЕ ЖИВОТНИ ВРЕДНОСТИ ДО УСПЕХ НА СЕКОЕ ПОЛЕ

- Секоја жена што се занимава со приватна работа и што се бори за да успее има огромни предизвици и проблеми на патот, а пак ако работи во областа на аграрот тоа е неколку пати потешко. Сите обврски треба да се прилагодат кон работата, мојата работа не е канцелариска, производството на земјоделски производи бара посветеност и ангажман на поле преку целата година.

Земјоделството не е шаблонска работа па да се работи по модел и до одредено работно време. Земјоделството нема ниту работно време ниту празник, ниту викенд, работата се прилагодува према временските услови и према активностите кои што треба да се обават на полето. Во последнава декада и климатските промени прават огромни проблеми во нашето производство кои што го прават поскапо произвоството на грозје и на садници, но ние се трудиме да се прилагодиме на проблемите и предизвиците со кои што се соочуваме при нашата работа.

Јас како и секоја жена која што работи, како мајка, и сопруга секогаш гледам да си ги исполнам сите улоги кои што ги имам, бидејќи ако запоставам една од улогите, нема да бидам тоа јас и мојот личен успех нема да биде комплетен. А најголем успех за една жена е правилното воспитување на своите деца и насочување на вистинските вредности во животот, а тоа се семејството, трудољубивоста, едноставноста, работливоста, скромноста, хуманоста, присебноста и почит кон сите луѓе и подадена рака. Затоа што тие вредности и јас сум ги наследила од моите родители и ми помогнале во животот да бидам тоа што сум јас.

Како остварена жена, активна и успешна на повеќе полиња, на крајот од денот, најголема сатисфакција на Васка ѝ дава времето поминато со семејството, децата и сопругот, но и пошироката фамилија. Кога има слободно време пишува и чита поезија.



*Љ.Иванова

Енергијата и болката од секое искуство успеав да ги фокусирам на развој и да се движам во тој правец: Со Елена Антоновска, ве водиме по патот на развојот

Никаква плата или позиција не може да се мери со довербата на луѓето: Интервју Тања Милисковиќ-комерцијален директор на „Кромберг и Шуберт Македонија“