Велигден за мене е најважен верски празник, го поминувам дома но, наоѓам време и за пријателите: Агнеса Органџиева велигденски за Женски магазин
Ги празнуваме најголемите христијански празници. Велигденските. Празници во кои се сплотуваат семејствата. Празници кои не потсетуваат дека чуда во животот постојат.
Велигденски, овој петок сме во домот на Агнеса Органџиева. За Женски магазин, таа ни раскажа како ѝ поминуваат празниците, кој е задолжен за украсувањето по дома за Велигден, но и за боењето на велигденските јајца.
*Агнеса, ги празнуваме најубавите христијански празници. Како Вас ви поминува Велигден и какво значење има овој празник за тебе и твоето семејство?
-Велигден или Воскресение Христово за мене е најважниот верски празник. Како и секоја година го поминувам со моите две ќерки во домашен амбиент, и секогаш наоѓам време за моите пријатели, тоа е добро за нив и добро за мене бидејќи има многу наука што ни кажува дека колку повеќе сме поврзани со саканите и со заедницата во нашите животи, толку сме поздрави и посреќни. Тоа е важно во секое време од годината. Затоа никогаш немојте да бидете осамени на празниците. Ако нема привлечен собир на семејството или пријателите за да присуствувате, најдете настан во заедницата.
*Кој во твоето семејство е задолжен за вапсување јајца, дали уживаш во таа техника или пак го оставаш тој дел на твоите најблиски?
- Велигденските јајца се обележје на големиот христијански празник Велигден и секогаш вапцањето го работам со моите ќерки и секако дека уживаме додека ги бојадисуваме, посебно Тифани, таа толку се внесува во цртањето, и секогаш изработува неколку јајца за нејзините братучеди и другарчиња. На Вивиен најомилен и е делот со салфетките-декупаж и многу прецизно ги лепи што крајниот дел е боженствен. Јас пак секогаш моите јајца ги декорирам со по некое цирконче, мора да светкаат .
*Што ти беше најинтересно како мала од велигденските обичаи?
Најинтересно кога бев мала за Велигден ми беше моментот што сите пријатели на моите родители кога доаѓаа на гости кај нас, на мене и сестра ми ни носеа многу киндер јајца… тогаш и се појавија, беа хит. Една година памтам ги броевме и имаше вкупно 102 киндер јајца… детската соба беше полна со ситни играчки од нив.
*Твоја порака до читателите на Женски магазин за Велигден
-Манифестирајте го вашиот живот од соништата. Бидете секогаш благодарни за она што го имате, и живејте со вашата храброст и самодоверба и прифатете го вашето секојдневие. Не завидувајте на нечија по голема среќа од вашата и не ја посакувајте нивната, бидејќи не знаете на кој начин истата е добиена.
Понекогаш погледнете нагоре во ѕвездите, а не надолу во вашите нозе и обидете се да го разберете она што го гледате и да се запрашате што е она што го прави универзумот да постои, и заблагодарете се на неговата моќ. Верувам дека ќе водите среќен и пријатен живот со мир.
Фото: Дарио Јанковиќ - генерал
И.Ставрова