Верници од целиот Балкан доаѓаат кај нас да се помолат пред нашата икона: Чудата по молитвите се раскажуваат на далеку

Чудата по молитвите пред иконата на Богородица Брзопослушничка на далеку се слушаат. 

За чудата и исцелителната моќ на иконата на Пресвета Богородица се слуша надалеку. Сведоштва има безброј а ние ви пренесваме неколку од нив.

Една девојка паднала во неволја и се здобила со сериозна повреда на главата. Хирург во Солун кога само видел дека е повреден мозокот на девојката, откажал да оперира. Рекол дека таа нема да преживее до следниот ден. Што да прави таткото на девојката, единствената ќерка? Тој се упати кон Света Гора … Пристигнал и со солзи застанал пред чудотворната икона Брзопослушничка. Сите браќа сочувствувале со неговата тага и сиот храм се молел за девојката. Изутрина, кога хирургот отишол да види дали девојката починала, таа го пречекала седната на кревет со насмевка. Колку чудеса сега твори иконата Брзопослушничка тешко е да се избројат. Едно време сите исцеленија биле запишувани, но сепак тоа е невозможно да се постигне, велат монасите од Света Гора.


Инаку, во 2017 година, илјадници верници од земјава и странство пристигнаа во Струмица за да ја пречекат иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка. Станува збор за икона автентична копија на оригиналната икона „Брзопослушничка“ се наоѓа во манастирот Дохиар. 

Во овој манастир особено значајна е чудотворната икона на Богородица, така наречена Брзопослушничка; таа стои во одделен параклис, тоа е мал храм, кој е изграден наспроти западната врата на соборниот храм.

Самото видување на оваа икона го оправдува кажувањето на светите отци, дека таа по своето потекло е толку далеку од нас и дека навистина е чудотворна. Нејзината боја иако е избледена, сепак не толку многу, колку што би можело да се очекува, според длабоката старост на иконата. На некој начин можете да бидете сигурни дека Божествената Промисла ја сочувала целата света икона неповредена во текот на толку многу години, за да подоцна е извор на чудеса и исцеленија во слава на Бога.

Според преданијата, првото чудо, поточно својата чудотворна сила ова икона ја јавила на следниот начин:

„Пред чудотворната икона беа порти низ коишто отците обично влегуваа во трпезаријата, а во меѓувреме трпезарот поради својата должност не само дневно, туку и ноќе понекогаш многукратно поминувал покрај таа икона со запалена свеќа. Така, еднаш во 1664 година на Божик, трпезарот по име Нил, по обичај пројде покрај иконата со запален факел и ги слушна од неа следните зборови:

- Во иднина не се приближувај тука со запалена свеќа и не чади ја Мојата иконата.

Нил на почетокот се исплаши од човечкиот глас во ова невообичаено време и при тоа што тогаш никој немаше во трпезаријата, освен самиот него единствен; сепак, ова тој го препиша како дело на некој од своите браќа, не обраќајќи внимание на зборовите, туку спокојно се оддалечи во својата ќелија и како и претходно продолжи да минува покрај иконата имајќи често во рацете запалена свеќа. После извесно време од тој ден кога прв пат го слушна гласот од иконата, Нил одново ги слушна следните зборови:

- Монаху, недостоен за ова име! Уште долго ли така безгрижно и така бесрамно ќе ја чадиш Мојата икона?

И при тие зборови несреќниот трпезар ослепи. Тогаш само се присети кога прв пат го слушна гласот и искрено се исповеда за својот грев, признавајќи си дека е заслужен за таква казна поради својата невнимателност кон зборовите на Пресвета Дева Богородица. На таков начин, страдајќи од болка во очите при целосно губење на видот, Нил остана пред иконата до следниот ден; браќата го најдоа легнат на грб.

Тогаш тој раскажа што се случи со него и преплашени монасите благочестиво и со трепет паднаа пред чудотворната икона и ставија пред неа неугасливо кандило. Во меѓувреме го ставија на служба новоизбраниот трпезар, за да тој секоја вечер би загорувал темјан пред светата икона и би кадел пред неа. А Нил од своја страна не се осмели да излезе од својата ќелија пред да добие прошка за своето прегрешение и исцелување од слепилото што му се случи.

Дење и ноќе тој се молеше и плачеше пред ликот на Божествената Марија, Мајката на нашиот Господ, со солзи на искрено покајание просел за себе простување поради невнимателноста кон Нејзиниот глас и исцелување, а Таа, како Милостива Претставничка на покајниците, не го презри молењето на слепиот. Еден ден, кога тој се молеше и плачеше пред светата икона, одеднаш го слушна следниов глас:

- Нил! Твојата молитва е услишана, простено ти е, видот одново ти е даден на твоите очи. Кога ќе ја добиеш ти оваа милост од Мене, извести ги браќата дека Јас сум нивниот покров, промисла и заштита на нивниот манастир, посветен на Архангелите. Нека секој се обраќа кон Мене во потреба и Јас нема да оставам никого: на сите ќе ви бидам претставничка и молитвите на сите ќе ви бидат исполнети од Синот и Бог Мој поради Моето застапништво пред Него, така што од сега ќе се именува Мојата икона Брзопослушничка (Горуоитгтрсоод), затоа што брзо на сите кои ќе пристапат кон неа, ќе им биде дадена милост и исполнување на барањето за прошка.

Веднаш после овие зборови, Нил прогледа. Овој чудесен настан бргу се разчу по Света Гора и монасите оттогаш почнаа да се собираат во тој манастир на поклонение на чудотворната икона на Богородица и за испросување од Неа секое добро. Во меѓувреме, по заеднички совет, браќата тогаш го заклучија преминот во трпезаријата и великолепно украсувајќи ја светата икона, од десната нејзина страна изградија прекарсен храм во име на Пресвета Богородица Брзопослушничка“ се вели во една од статиите за оваа икона, а пренесува Премин Портал.

Покрај многуте чуда кои се раскажуваат е и момчето од Македонија кое било немо, па откако се помолило на светата икона во Грција, проговорило, а за ова чудо и денес се раскажува.

Нејзината чудотворна копија која ја изнесуваат на крсна поворка, се наоѓа во црквата во Струмица - Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

Чудата не престануваат, верници сведочат за нејзината моќ откако ја посетиле ова икона во Струмица:

- Јас прв пат застанав пред оваа света икона во 2023 година. Слава на Бога, и Пресвета Богородица, молитвите пред иконата „Брзопослушница“ ми беа услишани. Сметам дека сите верници треба да пристапат кон неа и кон сета вера кон Бога, со искрена молитва и силна вера. Не треба да се сомневаат во нејзината моќ, во моќта на нашата жива вера. И да, чуда се случувале, се случуваат и ќе се случуваат, а ние христијаните постојано ќе сведочиме за тоа. Јас често милувам да речам, сите луѓе имаат и очи, и уши, но не сите гледаат и слушаат, туку само оние чии очи гледаат и чии уши слушаат. Затоа, и Господ рекол: „Кој има уши да слуша, нека чуе“ (Матеј 11, 15). За ова вака говори и пророкот: „Тогаш Он рече:,Оди и кажи му на тој народ:,со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – нема да видите““ (Иса. 6, 9; Рим. 11)“, изјави една жена од Скопје.


Е.А.

Фото: Вангел Тануровски