Весна Гиновска Илкова наместо на јубилеен концерт – во изолација: Сите сме дома, има многу работи што сме пропуштиле да си ги кажеме
Да не беше ставен животот на пауза, оперската певица Весна Гиновска Илкова денес ќе ги правеше финалните подготовки за големиот концерт, со кој на сцената на Филхармонија вечерва требаше да се одбележат нејзините 25 успешни години на сцената.
* Какво чувство Ви предизвика одложувањето на концертот?
- Тоа се непредвидени ситуации и нешто што не е зависи од мене. Во ситуација на прогласена пандемија и на препораките од Министерството за здравство, неминовно беше одложувањето зашто здравјето е пред се. И сопственото и на останатите.
* Четврт век оперско пеење – кои 4 збора наједноставно ги опишуваат Вашите 25 години на сцената?
- Љубов, страст, желба, надеж.
* И тоа се уште трае?
- И сега и секогаш.
* Како изгледа Вашиот ден во изолација?
- Ух! Моментно, куќата е полна. Обврски секогаш и никогаш доста од нив. Бев загрижена додека не се врати син ми од Шефилд сити колеџ кадешто студира. Сега сме сите дома во комплетна изолација, па има многу работи што сме пропуштиле да си ги кажеме. Помалиот син има онлајн настава и пишување домашни, јас сакам да зготвам нешто убаво, маж ми да пушти добра музика. Засега се снаоѓаме.
* Сите се во потрага по начин за премостување на вонредните услови во кои сме. Дали е слушањето оперска музика Вашиот начин?
- Па да, опција е секогаш. Особено што сега има онлајн претстави од сите поголеми оперски куќи. Исто колку и останатите музички жанрови. Ако, нека има повеќе, денот е се поголем.
*Сопруга сте и мајка, искрено, имате ли домашни залихи на прехранбени продукти – за секој случај?
- Не. Ги следам известувањата. Засега, колку што разбрав, маркетите имаат доволно залихи. Значи храна и дотур ќе има. Единствената разлика што ја правам е што пазарувам за 3-4 денови. Претходно тоа го правев на дневна основа. И на крајот, како за сите - така и за мене.
* Која оперска арија би сакале да ја имате во залиха – во сите нејзини изведби и интерпретации?
- Vissi d’arte од операта „Тоска“.
Јасна Франговска