Вежбам со тренер и не се откажувам од сонот да зачекорам: Животната борба на поетесата Искра Донева која боледува од церебрална парализа

Поетесата Искра Донева, која од бебе боледува од церебрална парализа е голем борец. Освен што со поезијата која ја пишува си ја лечи душата, таа вредно работи на подобрување на своето физичко и ментално здравје.

За Нова година, Искра имала само една желба, да почне да вежба и со вежбање да започне со мали чекори. Желбата ѝ се оствари, и по неколку месеци интензивна физичка активност со личен тренер, малите чекори за Искра сега се голема можност за понатамошен полесен живот. 

- Како што сте запознаени, „Синерџи фитнес и спа“ од Аеродром, одговори позитивно на мојата новогодишна желба да вежбам и одам. Несебично ми ги отворија вратите од центарот и ги ставија на располагање сите ресурси, па од почетокот на годинава активно тренирам со личен тренер во исклучителни модерни услови кои одговараат пред сѐ на мојата состојба, а притоа особено се внимава на Ковид протоколите. Неизмерно сум благодарна за оваа можност, ова е еден огромен чекор за мене поблиску до целта да се направи доглопосакуваната промена, да се извади најдоброто од можностите на моето тело, како би можела да си го олеснам секојдневното независно живеење“, раскажа Искра за Женски магазин.

- Голема благодарност до Синерџи, до сопствениците од Бугарија, менаџерката Наде и сите вработени од тимот, а особено на тренерот Емилија, кои не само што излегоа во пресрет на мојот повик, туку и максимално се вклучени и посветени за остварување на мојот сон“, додава Донева.

Таа е среќна што работи со Емилија Груевска, тренер со долгогодишно искуство, која има искуство со лица со попреченост но над сето тоа. Вели дека како најважни квалитети би ги издвоила нејзината емпатија, искрена желба и максимална посветеност да се постигне резултат, а тоа е нешто што Искра одамна го посакувам, а кое, за жал, досега во рамките на системот не го добила.

- Вежбите се изведуваат во сала која е наменета исклучиво за мене, во атмосфера која е особено мотивирачка. Во низа од различни вежби опфатена е целата мускулатура. Максимално се користат сите можни ресурси за вежбање, буквално вклучена е секоја машина во салата, практикуваме одење на трака до 30 минути дневно, масажи, хидротерапија, режим на исхрана, со еден збор сѐ што треба. Досегашниот напредок резултира со вратена рамнотежа и зголемена контрола врз телото, полесни и координирани движења. Активно се работи на исправување на 'рбетот, има напредок, во добрите денови пуштам сама по некој невешт бебешки чекор но, сепак, рано е да се прогласи победа. Мозокот е разбуден, активно дава и прима команди, но треба време да се навикне дека новата состојба е нормална и да остане буден. Телото сѐ уште треба да се стимулира. Правам вежби за сите групи на мускули и веќе и однадвор е забележителна промената на фигурата, повитка сум ха ха ха... Покрај ова, неизбежно е влијанието кое го имаат временските услови, квалитетот на исхраната, сонот, стресот, хормони итн врз телото и мускулите..., па има има денови кога многу се борам со спазамот, денови кога сум полетна и енергична, но не сум пропуштила ниеден тренинг... Веројатно ќе преминеме на зимски режим, но нема изговори, желбата победува се. Добив шанса и ја користам максимално“, ни раскажа Искра за својот напредок.

Во претходно интервју за Женски магазин, оваа шармантна дама која не се откажува од својот сон, ни раскажа дека има церебрална парализа од раѓање.

-Родена сум во седмиот месец од бременоста и ставена во инкубатор во кој снемло струја. Главно детството го помина во операции и рехабилитација. Откако останав да живеам сама, стрмната рампа до влезот и тие 18 мермерни, лизгави и високи СКАЛИ до станот на прв кат ми се најголем предизвик“, ни кажа Искра.

Taa ги замолува општествено одговорните компании да ја поддржат, за да успее во животниот маратон. Сите хумани луѓе можат да донираат на Искра Донева - за донации Тутунска банка АД Скопје Сметка број 210-700000596686.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива