Вградени ми се три бајпаси за продолжеток на тенкото црево: Ива Кацарска искрено за борбата со автоимуната болест Морбус Крон

Кога ќе ја видите денес Ива на Инстаграм таа е секогаш насмеана, активна, подготвена да помогне и никогаш не би кажале дека оваа млада девојка пред извесно време поминала, благо кажано пекол.

На само 13 години, кога требало да ужива во безгрижните тинејџерски денови и да се забавува и дружи со другарчињата, Ива најчесто или во поголемиот дел од деновите се соочувала со болест за која не знаела апсолутно ништо. Од болки во стомакот и поради честите течсни столици наместо да излезе и да биде тинејџер била приморена да остане дома и да лежи во кревет, да чека да и поминат грчевите. По неколку испитувања и соопштиле дека има автоимуна болест Морбус Крон – автоимуно заболување на тенкото црево, а откако и дале терапија и започнала да ја консумира истата ситуацијата на Кацарска се подобрила, и никогаш не помислила дека ќе заврши на ургентен и на пет часовна операција.

Ива за читателите на Женски магазин зборува најискрено до срж за симптомите, болките, операцијата, закрепнувањето, за животот со Морбус Крон, но и за тоа каде се гледа во иднина.

* Кои симптоми ги почувствувате најпрво, пред да ја добиете дијагнозата за автоимуната болест - Морбус Крон (автоимуно заболување на тенкото црево)?

- Првите симптоми на кронот се јавија уште на моја 13/14 годишна возраст - имав секојдневни болки во стомакот, 90% од храната што ја консумирав чувствував дека ми прави тегоби, само ќе легнев во кревет и ќе чекав грчевите да поминат. Некогаш ќе се договорев некаде да излезам и ќе откажев во последен момент бидејќи или имав 20/30 пати течни столици (дијареа) или не можев да стојам на нозе од огромни болки во абдоминалниот дел.
Потоа ми стана тоа навика... Некако се навикнав на болки, а и не мислев дека е нешто “страшно”. 

* Како првично реагираа лекарите, општите лекари на вашата болка, односно веднаш ве пратија на прегледи или првично ве лечеа тиа, т.е ве убедуваа ли дека ќе помине?

- Првично правев гастроскопија со сонда од носот и метар ипол црево со камерче до желудникот. По тој преглед ми рекоа дека ништо не ми е и тврдеа дека ќе помине.
Јас бев сигурна дека нешто не е во ред бидејќи не само што имав чести и течни столици туку на неколку наврати имав и крварење.
Потоа направив и колоноскопија па веднаш се увиде на резултатите дека на крајот од тенкото црево се јавува воспаление коешто укажува предиспозиции за кронова болест – Морбус Крон.
Кога слушнав искрено ништо не ми значеше името на автоимуното заболување.. Не го имав слушнато предходно тоа име на болеста, а ниту пак знаев некој да ја има.
Пробаа да ме утешат дека е навистина ретка автоимуна болест и дека само интелигентни луѓе заболуваат од истата.

Кронова болест е неспецифичен хронично воспалителен процес на тенкото црево што се карактеризира со стеснување на тенкото црево поради воспаленија, а може да се јави и на дебелото црево.
Кај оваа болест се јавуваат многу ранички, чиреви на ѕидот на цревото (улцерации) кои меѓу себе се одделени со здрав ѕид, понекогаш се јавуваат и анални фисури, се чувствуваат повремени или трајни болки проследени со многу празнења (до 40 дневно), лажни нагони за во тоалет и грчеви во адоминалниот дел.
Сите автоимуни болести како што знаеме се неизлечиви но конкретно за кроновата болест со терапија (таблети за обвивка на цревата) и правилна исхрана која не го воспалува стомакот и не ги иритира цревата секако дека може да се доведе  до ремисија (мирување на болеста).

* Како реагиравте како млада девојка на која ѝ беше соопштено дека има автоимуно заболување? 
- На сам старт кога дознав дека имам кронова болест само пиев терапија за болеста - 5 години по ред и не почувстував дека премногу се разликувам од другите, некако се правев како болеста воопшто да не постои. Само кога имав воспаление ќе останев дома и ќе се повлечев од сите. Се‘ останато беше најнормално.
Но пред 2 ипол години се јави големо воспаление, 2 недели повраќав имав чувство како нешто да е заглавено во мене.. Моето тело не можеше да функционира никако.. Од кревет во тоалет од тоалет во кревет и така неколку дена по ред. Еден ден не можев да станам од кревет од изнемоштеност и реков на сестра ми да ме облече и веднаш да ме однесе на ургентен.
Таа веќе беше и навикната бидејќи со кронот имав константно низок имунитет и стално или се разболував или стомакот ме болеше па можам да кажам и дека веќе ме познаваа на ургентен (државна) - што и не е нешто за фалење ама во целава приказна и малку позитива да вклучиме мора (се смее).
Направивме многу исптувања се‘ што беше потребно, наеднаш дежурниот лекар рече: „Ќе те задржиме вечерва па ќе видиме како ќе бидеш“.
Ми дадоа се‘ што е потребно за смирување на воспалението ама стануваше се‘ полошо и полошо јас чувствував многу јаки грчеви не можев неколку дена ни вода да се напијам се‘  повраќав.
Потоа кога видоа дека не поминува уште истата ноќ ме земаа на операција ми рекоа дека ќе биде лапараскопски и ќе имам три дупчиња на стомакот, дека ќе бидам добро да не се плашам.
Операцијата траеше околу 5 часа – Отстранет дел од тенкото црево, слепото црево и циста на левиот јајник. Вградени ми се три бајпаси за продолжеток на тенкото црево.
Јас се разбудив и памтам дека многу се насекирав кога видов дека на повеќе од половина стомак имам рез со многубројни кончиња. Со денови не можев да поверувам што се случи.
Моите родители и сестра ми секојдневно се грижеа за мене и правеа се‘ само јас да се развеселам.
После неколку дена од операцијата имав физикална терапија, тоа беше најтешко нешто... Станување после абдоминална операција е навистина нешто најтешко што сум го извела во целиот свој живот ама не знам од каде мотивација, секој ден почнав да пробувам да станувам - се чудеа докторите и сестрите колку брзо се опоравив.
Моето тело полека се регенерираше после 20 дена дојдов дома почнав да шетам по 10-15 мин во денот. Секоја мала активност беше нов предизвик.
Бев ослабена и прв пат почувствував како е да си ‘’слаб’’ човек бидејќи уште од мала си бев буцка си јадев, а во текот на тинејџерските години имав ‘’облини’’ и бутови.
Имав препорачана исхрана ама реков ајде да се опуштам 20 дена не јадев ништо во болница ќе си каснувам од се‘ по малце да го кренам имунитетот.
После неколку месеци нормално си се опоравив, имунитетот одличен, отидов веднаш на море да се сунчам, цветав од радост, како да се родив одново. 

Почнав со некои диети но не беа успешни па решив сама да пробам да си направам редослед за исхрана. Овој пат без рестрикции да бидам во калорски дефицит (нормални избалансирани оброци по три пати во ден, едно пробиотско смуди коешто сама си го измислив со мака во прав (за баланс на женските хормони и добра дигестија) и да пешачам (никакви теретани, ништо од агресивни вежби не смеев поради операцијата), а и се испостави дека нема подобро нешто за слабеење од пешачење и правилна исхрана.
Почнав полека да учам таблици и декларации, состав на секој можен производ, симнав алатка за калкулирање на калориски внес, дознав колку масти, јаглехидрати и протеини ми се поттребни во еден ден, се мерев на неколку дена да пратам процес, почнав да ги учам сите производи и намирници кој колку калории има, си го слушав телото, некогаш се случуваше да каснам нешто и ако увидев дека ми смета веднаш го тргнував од листата - ги отфрлив сите можни масла од исхрана, рафинирани шеќери, грицки мицки, чоколади, благо, пржена похована храна, кашкавали, сирења со висока масленост, кравјо млеко значи истовремено слабеев и ја контролирав болеста со тоа што си го слушав телото за секој можен знак што ми го укажува!
Почнав да медитирам наутро да дишам длабоко, некои мои нови добри навики и полека полека да не должам се пронајдов себе си!
Овој нов начин на живот сум ЈАС!
ОД 65 кг. стигнав на 50 (170 см сум висока) - Јас летам, јас сум презадоволна и пресреќна со себе и својот изглед,
Бидејки сум доста актуелна на Инстаграм поради тоа што уште од мала учествував на фотосесии, снимања на музички спотови, концерти како и на престижни избори за убавина па имав огромен број на прашања – Како успеа? Која е тајната? Која диета ја држеше? Дали воопшто јадеше? Како до идеалната фигура?

Видов дека заинтересираноста е се‘ поголема и поголема па решив да почнам да изработувам персонализирани исхрани и да им помогнам на сите што се заглавени во тој круг на диети, а и заедно да ги замениме лошите навики со добри. Бидејќи секако сме робови на некои секојдневни навики па зошто да не си помогнеме и да изградиме продуктивен и здрав животен стил, а воедно да го добиеме телото од соништата? 

* Од кои свои самозадоволства моравте да се откажете откако дознавте дека имате автоимуно заболување?
-Го променив мојот животен стил тотално па на некого му звучи сосем чудно, а дури понекогаш и рестриктивно што водам здрав живот константно, но јас само така се чувствувам најсвежо, најубаво и едноставно така се навикнав да функционирам.
Наутро медитација – длабоко дишење – позитивни афирмации и благодарност.
Потоа ги припремам неколкуте напитоци да ми се спремни за консумација – па кратко истегнување од 15/20 мин, сега ќе биде убаво времето па кафенце и пробиотски шејк ќе си пијам на тераса на моето омилено катче. Следи убав протеински доручек со сите марифети (толку уживам во доручекот што дури наместена сум да гледам право во сонцето и си имам посебен прибор од којшто секојдневно си јадам) – ритуали за мерак (се смее).
Морам да се пофалам дека сум доста активна но веќе во 19 часот навечер денот завршува ја пијам последната чаша чај/вода каснувам нешто лесно – вечерата секогаш ми е најнискокалорична бидејќи не сакам да ги оптеретувам стомакот и цревата пред легнување.

Следува туш, нозете високо на ѕид и се релаксирам слушајќи музика, читајќи некоја нова мотивациона книга или слушам подкаст.
Веќе во 22 часот сум во кревет.
Секојдневно сум благодарна и среќна за се‘ што ми се случило 

Никогаш немаше да го ценам животот толку многу да не ми се случеа сите овие предзвици! 


* Каде се гледате за 10 години од сега?

- За 10 години се гледам како успешна сопственичка на мојот мал бизнис за персонализирани исхрани со тоа што ќе имам своја канцеларија за консултации со клиентите како и многубројни успеси од страна на моите клиенти помагајќи им да ги заменат лошите навики со добри, да го променат својот животен стил и секако да стигнеме заедно до целта до телото од соништата!

* Дали ви се потребни повеќе финансииски средства сега откако дознавте дека имате автоимуна болест, во однос на исхраната, начинот на живот...?
- Секако, јас купувам посебни безглутенски намирници и останати специјални производи кои навистина се поскапи од обичните, како и терапијата за кронова болест која првенствено ја нарачував од Грција бидејќи ја немавме овде ама сега ја има само во една аптека од таму и ја порачувам како и секојдневната суплементација која ја консумирам за да го држам имунитетот на високо ниво.

* Дали Морбус Крон ве спречува во извршувањето на секојдневните обврски?
- Е ова е интересно прашање и морам да сум најискрена што е возможно и да пробам да ви објаснам.
Кронот е како темпирана бомба.
Некои денови нема ни да почувствувам дека го имам, а некои денови се чувствувам изнемоштено доколку одам пречесто на празнење во тоалет и слично. Па ете секој ден е непредвидлив и секако се надевам дека со тек на времето ќе доминраат деновите во кој болеста е во мирување.

* Што би им порачале/рекле на сите оние кои се борат со истата болест?
- Не се откажувајте, најтешките моменти се само тешки моменти знаете дека лошото поминува и со добра грижа за себе, редовни прегледи, редовно примање на терапија и суплементација, добра исхрана (секојдневно истражувајте која храна ви прави проблем и елиминирајте ја веднаш), водете дневник за оброци односно после секој оброк напишете како се чувствувате, дали сте го поднеле добро, дали ве надувува, како ви годи таа одредена храна, обрнете внимание на тие ситници поспоро јадете, џвакајте ја добро храната, дишете длабоко пред оброк и слични добри навики, практикувајте дневна физичка активност, позитивна и здрава мисла, љубов кон себе – само така можеме да ги победиме сите болести, а не еден Морбус Крон!
KАЖИ СЕГА ДЕКА МОЖЕШ И ОДИМЕ ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА !!!


Наталија Миланова