(ВИДЕО) Како изгледа подврзување на желудник: Хит зафат за слабеење кој ѝ го припишуваат на Катица Јанева
Специјалната обвинителка во заминување, Катица Јанева, освен што се најде во фокусот на скандалот со рекетирањето на бизнисмен, таа деновиве е топ-тема во медиумите и со нејзиниот животен стил, откако повеќе портали објавија дека направила операција за слабеење со вградување прстен за подврзување на желудникот.
Ефикасното слабеење со силиконски прстен на желудникот е оперативен зафат кој последните години е светски тренд. Многу познати личности кои беа опседнати со своите килограми се одлучија на gastric banding, зафат што успешно се изведува и на нашите клиники. Марадона, Шерон Озборн и Мараја Кери се некои од ѕвездите кои се одлучија за вакво слабеење.
Наводно оваа хируршка интервенција веќе ја има направено и контроверзниот шоумен и менаџер Бојан Јовановски, првоосомничениот во најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, инаку близок пријател на Јанева која исто така се поврзува со овој случај. Една од ретките личности на нашата јавна сцена која призна дека има вградено гастричен бајпас е популарната ТВ-водителка и пејачка Биг Мама, исто така блиска пријателка на Јовановски која успеа да симне преку 40 килограми. Биг Мама и Боки 13 дури и професионално соработуваа кога направија наменски рефрен со кој посакуваа да ја претставуваат нашата земја на „Евровизија“. Неодамна, видно ослабнета, на ТВ-екраните се врати и Анета Кочишки, програмски директор во телевизијата со која менаџираше Јовановски. Некои медиуми напишаа дека и таа се одлучила за оперативна интервенција за слабеење.
Што претставува gastric banding?
Gastric banding е силиконски прстен кој се поставува на самиот влез на желудникот со што истиот го дели на два дела, горен помал и долен поголем дел коишто меѓусебно комуницираат. Со оваа процедура ефектот на слабеење се постигнува постепено и за подолг временски период. Податоците велат дека по поставувањето на овој силиконски прстен слабеењето е до 3 килограми месечно.
Како функционира?
Со поставување на овој силиконски прстен доаѓа до намалување на апетитот. Со поделбата на желудникот кога пациентот зема храна горниот дел на желудникот брзо се полни и се чувствува ситост со што треба да се престане внесувањето храна. За да се постави gastric banding неопходно е да се направат некои испитувања, меѓу кои хормонален статус и неуропсихијатриски преглед. Поставувањето на ваков силиконски прстен е поврзано и со возраста. Се поставува на пациенти од 18 до 60 години. Операцијата во просек трае околу 45 минути. Пациентите не се задржуваат во болница подолго време, туку на вториот постоперативен ден се пуштаат на домашно лекување. Според податоците на Алсат М, еден таков зафат кој според едно истражување го продолжува и животниот век, варира од 7.000 до 10.000 евра.