(ВИДЕО) Трифун ја испеа „Ако одам во Битола“ , градоначалничката се фати на оро

Добивај вести на Viber

Поранешниот скопски градоначалник Трифун Костовски запеа на забава изминатиов викенд во Битола, во хотелот Епинал. Забавата беше собир на битолските ветерани во фудбалот и во ракометот и се славеа успесите на ФК и на РК „Пелистер“.

Бизнисменот на домаќините им ја посвети и им ја испеа песната „Ако одам во Битола“, а на оро се фатија градоначалничката Наташа Петровска, како и директорот на „РЕК Битола“ Васко Ковачевски. Изведбата на поранешниот скопски градоначалник ја развесели актуелната битолска градоначалничка. 

„ Оваа година се собраа битолските ветерани. Догодина, планираме да се соберат и ракометни и фудбалски ветерани од цела Македонија, и сите заедно ќе запееме. “, изјави за Женски магазин Костовски.


Последниве години, тој се повлече од политиката, но повторно ѝ се враќа на музиката. Неговиот соработник и пријател, Александар Митевски, летово објави фотографија од Костовски, во неговото музичко студио.

Продуцентот тогаш рече дека сѐ уште е рано да открива детали за снимање на нов материјал, но имаат такви планови. Соработката на Митевски и на Трифун започна со дуетот „Срце тетовирано“, која е сѐ уште актуелна, а продолжи со албумот на Трифун „Душа македонска“. Албумот, кој е деби издание на Костовски излезе во 2003 година.

„Јас пропеав на 50 години, и не ми беше лесно да го направам тој чекор. Семејството ми ги знае  музички квалитети и знаат дека ова го чувствувам како хоби.  Сепак, имам јас други обврски во животот. Свесен сум дека со мојот албум ќе предизвикам низа реакции“, изјави Костовски по издавањето на албумот.

М.Џ.