Волкот и Јагнето
Во последниве неколку недели поминав доста време надвор од моето самосоздадено стаклено ѕвоно, излегов со неколку различни групи на луѓе и запознав извесни кругови кои потсвесно ги избегнував последниве пет шест години, а сега веќе знам и зошто. Работам со жени секој ден, дел сум од ова општество на поделикатен начин, запознавам различен профил на девојки секојдневно. Се разбира запознавањето е површно. Јас не знам како тие девојки живеат, која е позадината, како функционираат. Запознавам многу жени кои се поврзани со тоа што го работам и ги добивам само оние информации кои истите одбираат да ги споделат со мене.
Тоа што ме остави со прст на чело изминатиов период е еден инетерен начин на комуникација помеѓу мажите и жените и односот кој се гради на љубовно ниво. Се збунив кога мој пријател на прашањето Што правиш, добива за возврат разголена или целосно гола порнографска фотографија. Се збунив кога дознав дека сите мои пријатели имаат скриени фолдери со голи фотографии од девојки со кои се гледаат за неколку вечери. А тоа се девојки кои општествено се поставуваат како нормални девојки, кои сакаат нормално семејство со сите нормални последици на истото. Ми се закочи саатот за функционирање кога видов дека мојата перцепција нема допирна точка со вистинската реалност и начинот на кој денес се сакаме виртуелно преведено во секојдневно. И сега малку сум збунета, често сум гласноговорник за женски права, често застанувам позади секоја жена која го изгубила својот компас. Нема да тргнам од себе, никогаш не сум сакала нормален и стандарден живот, секогаш имав храброст да одам чекор подалеку од предвиденото. Ама се знае тоа за мене. Зошто тогаш, сите вие девојки кои секојдневно ве слушам како мажите се исти, не знаат да сакаат, бараат од вас да слабеете, ве вараат, не ве почитуваат, зошто побогу им давате материјал за работа! Намерно ја фатив темава, зошто знам колку е важна потребата од љубов во сечиј живот. Тој кој што тврди дека не е, нема храброст да живее. Како планираме да дојдеме до љубов, со порно фотографии и очајни преписки на несоодветен начин! Сето тоа доведува до апсулутна демотивација и недостаток на самодоверба, кој ви се манифестира на сите можни начини и на сите можни полиња. Каде ја барате среќата, во нечиј кревет или новчаник! И зошто целиот акцент кој полека и сигурно како вирус го напаѓа општествово е идеалот на жена прелепотица што само оди по кафиња цел ден, маж со дебел новчаник и потреби на тинејџер и деца облечени во истата облека како мајката и таткото. А позади сликата на пластични лепотици е едно чудо порнографија и таблети за депресија. Каде си ги изгубивме вредностите, тука ми требате вие да ми помогнете мене. Не можам да се борам за свет каде жената е порцеланска кукла користена од повеќе момчиња одеднаш. Не сакам, не го превртев универзумот за тоа. Не сакам ни екстреми од типот на нереализирани жени заробени во кариери и фрустрации, не оправдувам.
Верувам во моќта на Можам да имам се што ќе посакам. Една Жена, секоја Жена има генетски капацитети да сака многу, а да може уште повеќе. Мајки учете ги ќерките како да бидат почитувани, а не ефтини, татковци покажете им на синовите како една жена треба да се љуби, со тоа што ќе ја сакате бескрајно нивната мајка. Покажете им на своите деца како треба да изгледа еден дом, полн со љубов, работете за да заработите, не ги учете на лесни добивки и едновечерни потреби. Покажете им што значи да научи, да примени, да се бори, да добие и пред се да изгуби за да стане и да бара пак! Не на лесниот начин, употреби и фрли. Без вредност и без трајност. Научете ги како да живеат вистински, да излегуваат во град за да танцуваат, а не за да се сликаат или позираат или да бараат жртвени јагниња за едно вечерен хир. Да не се даваат на првата понуда, да научат да сакаат бескрајно и безрезервно и да губат и да ги боли, и да не се каат за своите одлуки, да патуваат, да истражуваат места а не модни брендови, да вкусуваат задоволства а не слики на инстаграм. Немој да дозволувате да ни лизне кроз прсти иднината пред да дојде. Неубаво почнавме, ама може да промениме, може да научиме како треба, како вреди и како се памти. Дека трајните љубови се паметат, не едновечерните. Дека неговиот мирис ќе ти остане, не Гучи каишот. Дека вредноста е во тебе, во емоцијата која ќе му ја дадеш, а не во твоето тело.
Дека ние жените станавме волкот, а мажите наши жртвени јагниња за една вечер. И изгубивме на вредност.
Со цел да ве потсетам што значеше да сакаш, само денес, поканете го тој што го сакате на кафе, оставете го проклетиот телефон, и поделете вистинско време со вистински човек. Заради љубов.
Јас сум Ивана Кнез, ми требате вие за таа позитивна промена да стане реалност..
Се читаме следната недела.
Фото: Ани и Дими