Заедно можеме да направиме многу, само треба да сакаме: Започнува првата сезона на „Проект куќа со Кристина“

Добивај вести на Viber

На 19-ти Септември, недела, во 20 часот ќе се емитува хуманитарниот ТВ проект, „Проект куќа со Кристина“ на телевизија Телма.

Од тимот на „Проект Куќа“ велат дека овој ТВ проект се работел во текот на изминатата година. Почнале со работа во Февруари 2020-та, но пандемијата со Ковид-19 ги спречила да ја продолжат реализацијата на проектот.

„Се работи за уникатен формат, проект преку кој на семејства во социјален ризик, со деца кои живеат во тешки услови, комплетно им се реновираат домовите и се создаваат услови за барем достоинствен живот.

Разликата помеѓу овој проект и останатите од овој тип проекти познати на балканските простори е во тоа што ,,Проект куќа“ нема спонзори кои редовно донираат во секој дом ниту пак стабилен буџет наменет за изградба, туку за секој нареден дом се бараат нови донатори, нови мајстори, се мотивира и буди општествената одговорност кај компаниите и физичките лица преку апели за донирање и воопшто преку апел до целото општеството за вклучување со расположливите средства во проектот.

Пораката на проектот пак, која треба да допре до што повеќе сограѓани е следната: „ ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ДА НАПРАВИМЕ МНОГУ, САМО ТРЕБА ДА САКАМЕ.“

Првата сезона на ,,Проект куќа со Кристина“ има 16 епизоди; премиерно започнува на 19-ти Септември и ќе се емитува секоја недела во 20 часот, со репризни изданија во сабота во 17 часот и една реприза во текот на работната недела.

Секоја епизода ќе го прикажува процесот на реконструкција на домот на кој ќе се работи во целост, но и се што попатно се случува во текот на работењето.

Автор на проектот е Кристина Арнаудова Петровски, воедно и продуцент и водител, како дел од ,,Хепи Хаус продукција и конструкција.“

Целиот процес на работа и собирањето донации беше во голема мера отежнат поради актуелната пандемија и енормното покачување на цените на градежните материјали како и недостатокот на мајстори, а сето тоа како последица од Ковид кризата. Во моментов се‘ уште се работи на собирање донации за реконстуирање на домови или изградба на нови, така што секоја компанија, секое физичко лице или организација е добредојдена да ни се придружи и да го поткрепи проектот„, велат од таму.