Започна Меѓународната конференција за образованието по математика, физика и сродни науки
Денеска, 27.9.2019 година, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, беше отворена Меѓународната конференција за образованието по математика, физика и сродни науки.
Конференцијата ја отвори претседателот на Друштвото на физичарите на Македонија, доц. д-р Ламбе Барандовски, а збор зедоа заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, деканот на Природно-математичкиот факултет, проф. Ицко Ѓоргоски, како и претставници на други институции кои се директно вклучени во образовниот систем.
Конференцијата е во организација на Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), а како коорганизатори на настанот се јавуваат институтите за математика и физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и Сојузот на математичарите на Македонија (СММ).
Во периодот од 27 до 28 септември, во две посебни секции, близу 300 учесници ќе учествуваат во работата на конференцијата со свои презентации, дискусии и дебати. Најголемиот број учесници се наставници по математика, физика и природни науки од основните и средните училишта во државава, но и од соседните држави, како и одделенски наставници. Исто така, ќе учествуваат и колегите од државните универзитети во Македонија. Поканети се еминентни имиња од областа на методиката на наставата по математика и физика од Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Босна и Херцеговина и САД, кои во текот на двата дена ќе ги пренесат своите согледувања и резултатите од научните истражувања поврзани со новите методи и иновативните пристапи во наставата, наставните програми, реформите на образовните системи, искуствата од работата во кроењето на образовните политики, историските согледувања за развојот на природните науки и математиката и поединечни пристапи кон обработката на наставните содржини. Во најголем дел ќе стане збор за личните искуства на наставниците кои се залагаат за изнаоѓање решенија за сите проблеми кои години наназад го следат образовниот систем во нашата држава.
Во текот на дебатите планирани во двата дена, ќе се согледаат состојбите и предизвиците во образованието кај нас, а донесените заклучоци ќе бидат доставени до сите релевантни институции. Со истата намена веќе е испечатен и Зборникот на трудови од конференцијата, во кој може да се најдат 65 податливи текстови за разните аспекти на образованието и искуствата кај нас и во странство.
Издавачката куќа Просветно дело се јавува како генерален спонзор на конференцијата во име на поддршка на наставниот процес во образовниот систем. Реализираната издавачка програма од овој издавач, која се однесува на изданија од полето на математиката, физиката и сродните науки, беше достапна за присутните на конференцијата.
На свеченото отворање на конференцијата присуствуваа претставници од Министерството за образование и наука, од Бирото за развој на образованието и од други институции директно вклучени во образовниот систем.