Засекогаш ќе останам златното гавранче на чичко Ацо: Маестро Џамбазов испратен во вечноста

Чичко Ацо, маестро Џамбаз како што многумина го викаа Александар Џамбазов, дојдоа на комеморацијата во Националната опера и балет, да му оддадат почит на големиот музичар, човекот со ведар дух и убав збор за секого.

Џамбазов почина на 25 јануари, во 85-тата година од животот, во неговото Скопје на кое му ја посвети „Песна за Скопје“, и уште многу други композиции.


-За првпат настапив на „Златно славејче“ во 1984 година, а потоа, следната година пеев како солист и долги години бев дел од хорот со кој диригираше чичко маестро Џамбаз. Ме викаше неговото златно гавранче“, рече етномузикологот и музички новинар Бранка Костиќ- Марковиќ, пријателка и близок соработник на маестро Џамбазов.

„Добредојдовте на оваа промоција, ова не е грешка. Ова не е комеморација, ова е промоција  на делото на Џамбазов“, рече Костиќ- Марковиќ.


-Бевме пријатели долгги години, разговорите по телефон секогаш ни траеа по два часа, и секогаш ми кажуваше нешто во доверба. Секогаш по еднаш ни прекинуваше врската. Се грижеше за состојбата на и за творештвото на македонските автори“, рече композиторот Стојан Стојков.

Антоанета Токовска- Котевска, претседател на ЗАМП, со наслозени очи се присети: „Господин не се праиш, господин се раѓаш. Му благодарам што ме донесе на сцената и што и ми го одреди музичкиот пат. Ме воведе на сцената како славејче, но засекогаш ќе останам неговото златно гавранче“, рече Токовска- Котевска која ја испеала познатата детска песничка “Едно маче“.


Игор Џамбазов, синот на маестро Џамбаз кој ја следеше комеморацијата од првиот ред со сестра му Татјана Џамбазова која дојде од САД, за крај им се заблагодари на пријателите што дојдоа да го испрарат.

-Целата љубов што вие ја чувствувате за вашиот омилен, чичко Ацо, маестро Џамбаз, ние ќе ја продолжиме да ја чуваме. Цел живот живееше во сенка, но беше најголемиот генијалец во нашето семејство. „Прво бев маж на Анче, па зет на Петре Прличко, па татко на Тања и на Игор. А што сум јас? Ти си Маестро, Маестро мој“, рече Игор за крај на комеморацијата која ја организираа МРТВ и СОКОМ.

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски