ЗДРУЖЕНИЕТО НА ОФТАМОЛОЗИ ДЕНЕСКА НА ГРАЃАНИТЕ ИМ ОВОЗМОЖУВА БЕСПЛАТНО МЕРЕЊE НА ОЧНИОТ ПРИТИСОК КАЈ ГРАЃАНИТЕ И ПАЦИЕНТИТЕ СО БОЛЕСТА НАРЕЧЕНА „ТИВКИОТ КРАДЕЦ НА ВИДОТ“ - ГЛАУКОМ

Добивај вести на Viber

Здружението на офталмолози денеска во Скопје со почеток од 10:00 часот изутрина спроведоа акција под мотото „победете го невидливиот глауком“ за бесплатно мерење на очен притисок, како дел од активностите за одбележувањето на Светската недела на глаукомот. На пунктот на градскиот плоштад, граѓаните добива и совети како да го заштитат и зачуваат здравјето на очите.

„Oваа акција за бесплатно мерење на очен притисок ја спроведуваме повеќе од 10 години за да направиме испитувања и да ја подигнеме свеста на граѓаните за последиците од оваа состојба. Глаукомот е заболување кое го напаѓа очниот нерв, односно настанува притисок кога очната вода се насобира во предниот дел на окото, на тој начин што го зголемува очниот притисок. За жал, оваа состојба е вообичаено без симптоми се додека не е доцна. Досегашните студии покажуваат дека околу 2 – 3% од популацијата постара од 40 год., боледува од некоја врста на глауком, а се претпоставува дека 50% не е дијагностицирано.“ – изјави Проф. Др. Весна Јорданова член на здружението на офталмолози.

„Одржаните активности се во насока и со единствена цел за превенција од глауком, болест која се смета за втора водечка причина за слепило. Според податоците кои беа презентирани, во Република Македонија од глауком се заболени околу 20 илјади луѓе. Болеста често завршува со намалување на видот и со слепило.“ – изјавија од фармацевтската компанија Новартис, која што веќе цела деценија активно ги поддржува овие активности.

Глаукомата наречена уште и тивок крадец на видот се развива без да има видливи симптоми додека не се намали значително видот на едното око, и доколку не се дијагностицира и лекува навремено најчесто води до слепило. Во Македонија нема точна бројка колку лица страдаат од глауком бидејќи нема национален регистар за ова заболување на очите. Но, светската статистика загрижува бидејќи се прогнозира дека до 2020 со очен притисок ќе живеат 80 милиони лица, а 6 милиони ќе бидат слепи.