Жените ми помогнаа да успеам: Васил Гарванлиев пред промоцијата на евровизиската песна

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев не случајно го избра Осми март за промоција на песната „You“, чиј спот денеска премиерно ќе се прикаже во 20 часот во вестите на МТВ.

Васил вели дека жените отсекогаш имале клучна улога за него. „Најважна за мене е мајка ми, таа е мој херој и ми беше менаџер уште од пет години. Потоа, кога живеев во САД, имав пет жени ментори. Автори на евровизиската песна се три жени, режисерка на спотот е жена, кореографијата за настапот ми ја работат бидат жени, и можам да ви откријам дека на евровизиската сцена, во Ротердам ќе настапам само со жени. Жените ми помогнаа да успеам“, изјави Васил за Женски магазин.

Пејачот коој на пошироката јавност ѝ е познат по детскиот евергрин „Марионка“ беше дел од придружните вокали на Тамара, минатата година на „Евросонг“ во Тел Авив. Васил низ насмевка вели дека чувствува притисок по историскиот успех на Тамара со „Proud“, освоеното седмо место.

„ Јас Тамара ја викам доде (даде). Уште лани кога заврши „Евросонг“ ѝ реков: Доде, по ова што го направивме сега, нека му е со среќа на следниот. Чувствувам притисок, по таа сенка што Тамара ја остави лани, тешко е да се повтори успехот“, додаде пејачот од Струмица кој долги години живееше во САД, настапувајќи како оперски солист.

За песната „You“, Васил вели дека интимно ја доживува како покана за танц.

„Песната за мене е покана да се конектираме, да заиграме заедно. Сите ние живееме со некоја тежина, сите имаме свои грижи, затоа со оваа весела песна, сакам да се поврзам со сите луѓе, да го славиме сегашниот миг. Песната е брза и модерна, но најважно ми беше да оставам еден наш македонски печат во неа“, додаде Гарванлиев.

Тој вели дека сѐ уште не може да открива детали за сценскиот настап, но концептуалната приказна на спотот не може да ја пренесе на сцената.

„ За почеток, сакам луѓето да ја сакаат песната и да заиграат на неа. Сѐ останато е бонус за мене и за екипата“, додаде пејачот за своите очекувања. Васил на „Евросонг“ во Холандија ќе настапи на првото полуфинале, на 12 мај. Второто полуфинале е на 14 мај, а финалето на 16.

Атор на музиката на песната е Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, којшто го создаде заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од Беркли Алис Шредер. За продукцијата и аранжманот на песната освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.

Спотот го режираше Милена Витман, а за фотографијата и за монтажата се погрижи Ѓорѓи Вацев. Продуцент на видеото е Јелмаз Дервиши.


М.Џаровска 


Сите ја знаеме „Марионка“, но кој е всушност Васил Гарванлиев?