Правењето зимница го држеше семејството на купче, денес не можеш пиперки да купиш
Се сеќавам, значи многу убаво се сеќавам, дека ова време, баш ова време и тоа пред не толку далчно минато, се купуваше патлиџан со гајби, пипер со гајби, сливи, праски и не знам уште што сѐ не… Сѐ се купуваше.
И тоа се купуваше “на тони“. “Цел пазар“ се носеше дома.
Се мобилизираше цела фамилија. Татко ми, убаво се сеќавам, дека се трудеше да не биде нервозен, што треба мајка ми да ја чека прво да одбере, која гајба ќе ја земе, иако нему му изгледаа сите исто, а нејзе се разбира не. Се “полунервураше“ и се срамеше што таа прво убаво ќе ги испревртеше сите патлиџани, од оние во средина,па сѐ до оние најдоле. Фино-лепо ќе му ги тргнеше на продавачот тие што беа “полускапани“ и откако фино ќе ја прочистеше секоја една гајба, почнуваше чинот на ценкање. И татко ми и продавачот ужас ги фаќаше од упорноста на мајка ми. Тие беа еден тим, а мајка ми беше сама против сите. На крај сите тие ќе попуштеа, само таа не. Бидејќи на крај откако ќе ја спуштеше цената речиси на половина, да не речам за без пари, ќе почнеше да го убедува продавачот, дека и тие претходно тргнатите патлиџани настрана, што беа помеки и малку чукнати, треба да ѝ ги даде гратис, бидејќи тоа е данокот што тој треба да го плати, затоа што претходно се обидел да ја излаже и да ѝ ги подметне. Ја не знам како татко ми ќутеше во овие моменти. Бидејки тој обично не ѝ преќутуваше, кога ќе тргнеше вака “да му ја пие крвта со памукче“. Веројатно му беше срам што е меѓу луѓе, маалски пазар е тоа и сите го познаваа, па ѝ ја играше играта на мајка ми, оставајќи ја кавгата, за кога ќе се вратиме дома. И мајка ми тоа многу убаво го знаеше. А, не можеше да не го знае, бидејќи оваа приказна се повторуваше секоја година. Ама, баш секоја. Како реприза од стара скопска серија, која се емитуваше секоја година во исто време. И во исто толку продолженија, како и секоја година.
Откако оваа “голгота“ ќе завршеше, татко ми жива вода, (многу се потеше во вакви моменти, сега гледам и маж ми се поти во вакви, или слични моменти, па и син ми чат-пат кога ќе го убедам да дојде со мене на пазар и тој се препотува, поради што си велам дека е ова типично машка особина), ќе почнеше товарање во кола. Гајба врз гајба. Во багажник, на седиште, пред ноги, у скут… секаде…Цела кола мирисаше на зарзават.
Уште не влезени у кола, почнуваше кавгата. И таа беше дел од репризата. Тој вика, мајка ми пали цигара и повторува една иста реченица.
Зимница мора да се прави!
Тогаш се прашував, зошто сево ова се прави, кога ќе се заштедат 200-300 динара преку сила.
И не дека со тие пари, ќе се купи нешто, што инаку не се купува, на пример Кока-кола, или пак некој скапоцен сладолед. Не бре брате. Ништо не менуваа овие пари. Само го повторуваа истото сценарио и режија. Ние, брат ми и јас како актери во оваа сцена ништо не добивавме. Никаков хонорар.
Ама сега знам, зошто се правело. Се правела и созадавала онаа магија, онаа чудесна нит која го држи семејството на купче. Колку и да звучи блесаво.
Така испокарани сите, бидејќи и ние ако “зиневме“ нешто да кажеме, тука у колата враќајки се накај дома, поштено “ќе си го добиевме“.
Значи така испокарани, се паркиравме пред гаражата и почнуваше растовар.
Сѐ се ставаше на купче во двор и почнуваше нова епизода.
Тегли, капачиња, целофан, ластичиња, налепници…
На едни, тие јас ги пишував, требаше да стои, салца, на други мелен патлиџан, на трети ѓувеч, па џем од сливи, џем од праски, слатко, компот… И секако сок на растварање. Од вишни.
Кавга си е кавга, ама кога треба да се даваат задолженија, тогаш сите меѓусебно разговараме.
Мислам дека и кавгите беа дел од семејната стратегија, бидејќи кога е таква атмосферата, сите си ја вршат работата на многу повиспрено ниво. Сѐ си мислам дека кога тоа би било поинаку и кога тоа со “песна“ би го правеле, дека гарант секој од нас би “забушавал“.
Вака под таков притисок, секој беше на висина на задача.
И така окапани два цели дена, што подразбира цел викенд, на крај во недела, касно навечер, сосе сите тегли, шишиња, тенџериња, казани и тави, измацани што со лепче, што со прст, ја затваравме оваа пред есенска епизода, наречена зимница.
После тоа, во мир и тишина, оти сите бевме уморни ко папсани кучиња, преминувавме на чинот бањање.
Утрдента, школо, работа… сето тоа ко ништо да не било.
Е сеа вакво нешто слично веќе нема шанси да се деси.
Пратам минативе 5-6 години пазарот е како “апотека“. Ко злато да се купува. Такви се цените. Таква е и понудата. Гајби веќе не можеш да купиш. Чак и да купиш, цело богатство ќе биде тоа.
Прво си мислев корона- ова-она… ај ќе се стиша.
Сега гледам дека тоа е тоа. Кило патлиџан 150 денари. Пиперките исто, краставиците, праските, сливите… Сѐ е отидено “у Хондурас“.
Ја не знам што да кажам.
Сите математички формули ги употребив, сите логички формули исто така и немам решение. Не ми е јасно што и како се случи.
Како ова земја, во која копче да насадиш, капут ќе нарасне, ние ја донесовме до ова дереџе!?
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: