Животот е убав (дури и тогаш кога боли)

Добивај вести на Viber

Сите сме некако навикнати да се жалиме за сé и сешто. Не ни чини ова, не ни чини она, ова ни фали, она немаме. Како да престанавме да го вреднуваме тоа што го имаме, како да почнавме да бараме преку леб-погача. Не велам дека е идеално, не велам дека ни е како од бајките. Сите се соочуваме со недостиг од време, пари, а грижи имаме на претек. Факт е дека живеачката ни е под секое достоинство, дека повеќе немаме отколку што имаме, дека еден годишен одмор е предизвик а да не зборувам за нешто повеќе. Она што до вчера беше нормално, сега е веќе во рангот на луксуз. Одењето во маркет ни е со вклучен калкулатор во главата, па собираме, одземаме, множиме и делиме, за да снабдиме по дома сé што ни треба, а да не нé чини еден бубрег. Кубуриме со чист воздух, високи сметки, стандард кој ни ги јаде нервите и сето тоа ни се одразува на здравјето, што физички што ментално. Секирациите од секојдневието нé прават раздразливи, со краток фитил, па сите фрустрации ги истураме на најблиските. Жалосно е што немаме храброст да се побуниме и да стоиме на своите ставови додека не издејствуваме да се сменат работите на секој план. Здравството ни е катастрофа, образованието на апарати за дишење, администрацијата ни ги тенчи и веќе онака истенчените нерви.

И кога веќе живееме онака како што живееме, прашањето е колку можеме да најдеме нешто убаво во сите неубави работи кои ни се сервирани на тацна. Утопистички гледано, секој оптимист или мотивационен говорник ќе ви каже дека сé е до умот и како сакаме да гледаме на работите. Како не бе! Тој став само уште повеќе фрустрира, оти кога имам грижи на глава, најмалку што ми треба е некој да ми каже теоретски “ќе мине”. Знам јас дека ќе мине, оти минува и арното и лошото ама дури да мине што може да се стори. Да се седи со скрстени раце или да се преземе нешто? Во зима ни е ладно да излеземе на улица и да си ги бараме правата, во лето ни е изгор жешко па ни е мака да висиме на сонце. Најхрабри и најзборлести сме на тастатура (немојте да мислите дека себе се амнестирам од од муабетов). Тастатурата е најбезбедниот начин да си кажеме и тоа што треба, ама и тоа што не треба. Ако ме прашате, чинам дека не е до државата или до власта туку е до нас. Се делиме на вакви и онакви, најчесто политички и само чекаме “нашите да дојдат на власт” со пуста надеж дека нешто ќе се смени. А она што се менува е многу банално, директори и функционери, деца на “некој” кои од училишна клупа стануваат главни фаци. Способните луѓе се ставени на маргините, згазени од неспособните кои само си земаат заслуги за трудот на првите. А колку би било убаво барем еднаш да доживееме некој што е на власт да каже “дечки, доста беше со јас-тебе, ти-мене, дајте да опрајме нешто”, па секој да си добие реална шанса да се покаже за што го бива, а за што не. Ама пуста надеж моја (а верувам и на многумина од вас) што тоа не оди вака. Па и со тоа тендерите, делење пари, перење пари, пари, пари, пари...ко в гроб да ќе се однесат.

А животот е убав луѓе! Навистина е убав. Секој од нас што е жив и здрав ја има привилегијата да ја вкуси таа убавина. Греота се тие кои заминуваат премногу рано, кои никогаш нема да доживеат да бидат со љубовта на својот живот, да се радуваат на децата, да се исполнети со оние ситни а сепак толку важни моменти кои засекогаш се врежуваат во нас. Греота се оние кои не стасуваат да остават свој печат во времето во кое живееле, да сторат нешто за себе и за светот, да има трага која ќе е длабока и ќе трае. И додека се јадеме себеси за сите работи, забораваме колку сме кревки и смртни. Забораваме дека некогаш е доволен само миг кој ќе ја згасне нашата ѕвезда. Умот ни иде кога ќе чуеме или прочитаме за некоја трагедија, кога ќе ни замине некој близок, кога ќе сме во ситуација на живот или смрт. Тогаш се свестуваме и веднаш умот прави реална селекција што е навистина важно, а што е само плод на нашата прекумерна грижа. Секогаш кога ми се чини дека е безнадежно, ми доаѓа да си ја врзам една и да си речам “аман Ано, свести се малку. Па сите што ги сакаш и ти се важни се на број, другото некако ќе се среди”. Стравот знае да биде убиствен, но и многу освестувачки.

Да ме прашавме пред летово што ми е најважно и што ме нервира, ќе ви кажев дека ме убива климаксов, дека ми е тешко со оние топлотни бранови, дека ме јаде тоа што не трае денот 30 часа за да завршам сé што треба. И како што тоа секогаш бива, животот наоѓа начин да ме тресне од земја и да ми каже “Ахааааа, ова ти е најголем проблем, а? Е, сега ќе видиш”. И видов. После роденденот на Нина, двајцата мои родители фатија ковид, во исто време. Татко ми во животно загрозувачка состојба, мајка ми крш. Во тој миг, ниту ме мачеше климаксот, ниту приметував ладни или топли бранови, ниту ми пречеше што денот е само 24 часа. Во тој миг, кога едниот беше на интензивна нега, а другиот со кислород под носот, не мислев на ништо што ми фали материјално туку во умов ми вртеше само една мисла. Да бидат и двајцата добро, да си ги земам од болница и да оздрават. Тогаш станав свесна дека сé е релативно кога е криза од тој вид. А што е најстрашно не се има случено еднаш, ама заборавам. Кога Нина беше бебе и лежеше на клиника го имав најголемиот шок и стрес во животот. Сликата како рачето и’ беше цело наредено со игли и инфузии ми беше кошмар уште долго време откако оздраве. Канцерот на татко ми претходно ми ги измести сите критериуми и приоритети, оти додека чекавме за зрачење гледав деца кои чекаа на ред за да влезат во просторијата. И како и секој човечки ум, со тек на време заборавав.

Сега, сега сум секогаш спремна кога ми се случува нешто лошо со тоа што си ја враќам во глава сликата на луѓето за кои би го дала животот. Сега не се потресувам толку за ништо, нит за љубов, нит за нељубов. Туѓата бесчувствителност и грубост ја отпишувам на простотилак, на навредите реагирам со заминување. Не давам и нема да дадам да ме исфрли од колосек нешто за што порано сум корнела коса или сум имала неспани ноќи. Секој ден во кој сабајлечки ќе го слушнам гласот на моите по телефон и ќе ми кажат дека се добро, ми е благослов. Секој ден кога Нина ќе ми се јави после училиште и ќе ја слушнам како црцори на телефон, прераскажувајќи ми како си поминала ми е дар од Универзумот. Секој ден во кој ќе видам некој што ми значи ми е добар ден, одличен ден.

Научив да си го почитувам утрото кога ќе отворам очи, без оглед дали сум наспана или неспана. Жива сум, добро е. Кога ќе мине некој пекол од ден, си велам ок е, помина и ова. Знам дека имам моќ да сменам нешто, оти уште сум на земјава. Научив да бидам доволно храбра за да се фатам во костец со сите проблеми, оти уште сме топтан сите на неделничкиот ручек, без да има празно столче, без да ми страда душата. Научив дека стравот од загубата, ми е доволен мотив да бидам благодарна за овој живот. Знам дека секогаш ќе сакам повеќе или поинаку, ама не на сметка да го потценувам тоа што го живеам. И кога ми доаѓа да излезам од кожа за било што, сфаќам дека секој стрес ми е чекор поблиску до смртта. А смртта е гостинка која секогаш доаѓа ненајавено.

Животот е убав, со сите свои неубости и замки. И да, некогаш не зависи од нас што ќе ни приреди, ама во сета своја непредвидливост знае да е прекрасен. Додека сме тука, имаме можност и шанса да смениме нешто. После, после е веќе друга приказна и друг муабет кој во оваа колумна нема да го правиме, оти како и да го завртите разговоров, поентата е во тоа да бидете среќни што сте живи. За сé останато, да се наоѓаме едни на други максимално, оти си требаме, навистина си требаме. И радоста и тагата се врват поубаво и полесно кога имате со кого да ги споделите, кој да ве сослуша и да ви даде еден топол стисок за раката кога најмногу ви треба.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Секојпат ќе има нешто

Што нема да ни се погоди

Де времето не чинело

Та врнело цела ноќ

Или голема жештина фатила

И припек имало

Некојпат од сон терсене стануваме

И нé мачат приказните отсонувани

Кафето ни е студено

Или јазикот си го гориме од него

Некој нешто ни пререкол

Или некому сме премолчиле

Та збираме во себе

Како во бунар без дно

Како душите да ни се црни вреќи за смет

А срцата ни пумпаат отрови

Во кои сами се давиме

Секојпат нешто ќе има

За што ќе се жалиме

Што не ни е погодено

Ќе колнеме и ќе се муртиме

Ќе мрмориме пцости

И на глас ќе се расправаме

Ќе нé стега бесот во градите

А грлата со јад ќе ни се полнат

Чиниш болеста ја џвакаме

И недоџвакана ја голтаме

За да ни црвоса во утробата

Та после се чудиме

Оти како поболени сме

И оти радост немаме

Како во црно да ни е обоена секоја мисла

А зборот ни е како земја да плукаме

Дур од неа не се удавиме

Секогаш ќе има нешто

Што ќе ни ја попари среќата

Како врел шербет на вкусен колач

И забораваме

Ах, колку многу забораваме

Дека смртни сме

И дека секому од нас

Часовникот назад не ќе се врати

Без да ја видиме убоста на животот

Без да му се радуваме

Колку и да боли некојпат

Колку и да нé удира од земја

Ама живи сме

Тука сме

Под ова парче небо срцата ни чукаат

Та си мислам зошто малку помудри не сме

За да најдеме светлина во себе

И да си кажеме оти сé минува

Дали арно или лошо, сеедно

Ама дека силата во нас лежи

За да смениме и глава да кренеме

Да живееме и животот да го славиме

Онака како што му доликува

Онака како што ни доликува