Знам дека ме браниш од небото : Внукот на Тоше, Кристијан за новата песна
Со песната „We Are Blood“, која е со емотивна посвета на неговиот вујко, Кристијан Ристески ќе настапи на концертот посветен на Тоше Проески, во петок, во ВИП Арената. Автор на рок-баладата која вчера доби позитвни критики од јавноста е англискиот продуцент Енди Рајт, автор на хитовите на Тоше од англискиот албум „The Hardest Thing.“
„ Си замина како војник одејќи во војна, слушнав шепот, ми рекоа дека си отишол. Јас сѐ уште те барам на твоето тајно место, иако знам дека не си таму. Знам дека ме браниш од небото, ние сме крв“, се дел од стиховите на песната.
Тоше со родителите Никола и Домника и со внуците Никола и Кристијан
За Женски магазин, Кристијан вели дека е горд што испеал балада за која знае дека би му се допаднала на Тоше.
„ Знам дека вујко ми би ми кажал дека песната е многу убава. Најважно е што е во рок стил, кој на него многу му се допаѓаше“, вели Кристијан кој студира музика на Универзитетот ЕСРА. За настапот на концертот, тој додава: “Секогаш кај мене има малку возбуда и трема, но не како онаа кога ја имав кога настапував пред шест-седум години“.
Првата позитивна критика за песната, тој ја добил од неговото семејство. Особено ѝ се допаднала на Дора, сестрата на Тоше, неговата мајка.
Кристијан и продуцентот Енди Рајт, автор на новата песна
„ Моите беа многу задоволни, тие ја слушнаа песната уште кога беше во демо верзија, само со една гитара и мојот глас и многу им се допадна. Мајка ми кога ја слушна, рече дека е прекрасна дури и верзијата само со гитара“, додаде младиот музичар.
За да се реализира овој проект, на него и на продуцентот Енди Рајт, им требало повеќе време.
„ До соработка со Енди Рајт, дојде уште пред неколку години, а последнава година, кога го доработуваше последниот албум на вујко ми, Secret Place, самиот предложи да ја снимиме и ја сум му многу благодарен на довербата и на помошта. Работата со Енди е секогаш опуштена и природна“, ни изјави Кристијан.
М.Џаровска