Зошто мажот ѝ се развикува на жената
Не ги разбирам мажите што им привикујат, да не речам им се развикујат на жените. Едно-две, туку ќе се развика за нешто. Не е битна темата. За што да е.
Живо ме интересира, што им се случува во тие моменти.
Психолозите сигурно имаат некое објаснување. Да бидам искрена не сум ги прашала до сега, а сто пати сум имала прилика да ги прашам. Сум имала еден куп емисии во кои што ми гостувале, вистински мајстори од оваа област, ама ете никогаш не сум го поставила директно ова прашање.
“Зошто мажите им се развикуваат на жените“!?
Ја вака, не како психолог, ама како некој самопрогласен “животен аналитичар“, си врткам низ глава некои мои теории и заклучоци, од досега насобраните машки-развикувачки искуства.
Станува збор за која било комбинација.
Татко, брат, син, свекор, девер, братучет, чичко, стрико, тетин, комшија, мајстор, молер, столар, возач на автобуси, таксист…. Абе сите. До еден.
И на крај се разбира мажот. Сопствениот. Не го заборавив секако мажот. Него го ставам како шлаг на торта.
Значи да нема забуна. Не зборувам тука за кавга, кога двајцата викаат. Зборувам за привукуење.
Го прашуваш нешто од типот… од типот…, ма од типот на било што… одмор, гости, ручек, ѓубре, машина, кола, викенд, не-викенд, делник, празник… значи шо да е… и оп се привикуе. Од нигде никаде.
Види сеа, не дека нема и такви жени, кој им се привикујат на мажите. Има! Секако дека има. Ама искуството кажува дека ваквите жени се процентуално многу помалку отколку што има вакви мажи. Далеку помалку. Оваа особина е помашка. Ќе се согласите!
И не дека не ретко знаеме ние жените да “чепкаме“ по ганглии, намерно провоцирајки некоја “заборавена“ тема, со која сакаме да доведеме “Цара до дувара“, ама па ќе речам не зборувам за ова.
Жените на пример кој што им се развикујат на мажите се главно “по-мушкаданки“ жени, кои вообичаено имаат “послаби“ мажи покрај себе, па едно-две и тие им се развикујат за шогодер. Тука малку од малку ми е јасна ситуацијава. Не е задоволна од “мулево“, па го кара. Ја нервира дека е таков. Е сеа тоа дека таков си го одбрала, дека е нејзин и дека е исто така многу глупаво да му се развикува, исто така не е тема на ова писание.
Исто како што не е тема ни тоа дека “заслужуваме“, кој било да ни се развика, кога намерно провоцираме. Не само маж, кој било.
Ама не зборам тука за тоа.
Зборам за “неслужено“ привикуење за шо-годер.
Ја вака си мислам. Ако згрешам, нека изгорам.
Прво, веројатно не е задоволен од своето сексуално либидо. Стално тивко-во себе се препрашува некои нешта на оваа тема.
Ако некој статистички подаотоци обелоденија дека мажот “сто пати“ повеќе во текот на денот размислува на секс отколку жената, претпоставувам има логика.
Второ, многу му е битен авторитетот, односно тоа “да се знае кој е маж у куќа“, па претпоставувам одвреме на време ќе привикне, чисто да не ги изгуби конците од рака.
Трето, го мачат финансиски проблеми. Бидејки ако низ историјата улогата на мажот е тој да се грижи и да обезбеди материјални услови за семејството, а на мажот тешко му оди да ги задоволи овие нешта, тогаш, веројатно природно е да биде нервозен и одвреме-навреме со викање да го искаже својот страв.
Четврто си мисли дека жена му се здебелила, или се разубавела, или нешто крие од него, или не го сака доволно, или ова, или она…. што да е, па не знае како да ја праша, па ќе се развика туку така, за полесно да му биде.
Петто, таков му е гласот! Тој не вика, ама личи дека вика. Од друга страна ми фалат зборови, тешко му е да ги бара и да ги мисли, па полесно е да се привика. Оти го мрзи да мисли. Инаку не мисли ништо лошо Таман работа. “Не викам, така ти се чини“.
И шесто, не си ја сакам жената, ама ете се оженил некако со неа и сега многу го нервира, а не знае како да ја остави, што деца, што роднини, што разно-разни други облигации и сеа мора да трпи. А, кога човек мора да трпи нешто тогаш не е лесно. И претпоставувам, нормално е одвреме-навреме туку да се привикне.
Има уште неколку “под-точки“, ама ова се главните.
И не заборавајте сѐ сѐ ова мои претпоставки.
Појма немам дали е вака, ама бидејки друго објаснување немам, па ете врткајки си низ глава до овие заклучоци сум дошла.
Ако згрешам нека изгорам.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: