Ана Бунтеска: Да се пулиме во љубовта дур не оќориме
Ми се сака да ти поминам со рака по чело
Како мајка кога проверува
Дал чедото болно и’ е
Та низ секоја бразда
По едно коренче љубов да ти пуштам
Со пуста надеж дека од нив
Мисла за мене ќе ти никне
И патот до градите ќе ти го најде
Па да се разграни дрво со лисја свилени
На кое пилето гнездо ќе ти свие
И песна низ тебе ќе одекне
За од мртвите да не’ воскресне
Ми се сака ете баш така
Од еден обичен галеж
Да можеш да ме сетиш
Како да сме се знаеле одамна
Уште пред да бидеме зачнати
Во утробите на мајките наши
Како ова сега да е само продолжение
На нешто што е започнато во некој друг
Поинаков свет на кој ќе се сетиме со само еден допир
Ми се сака да изврвам еден живот со тебе
Младоста на старост да ми се врати
А во староста млада крај тебе да бидам
Рака в рака
И сенка во сенка
Та да не знаеш која е твојата
А мојата во тебе да преспие
Та од две-едно да се сториме
Од два ума иста мисла да имаме
И од срцата во еден ритам да дишеме
Ми се сака
Ете многу ми се сака да се сакаме
Ко никојпат досега да не сме љубеле
Ко еден за друг да сме се чувале
И телата истрошени ко бебешки да ги сториме
Со милувања кожата да си ја измазниме
И фалтите на срцата да си ги испегламе
Многу ми се сака
Абе да не пукнеш
Ама многу ми се сака да сакаш да се сретнеме
И еден во друг да далдисаме
Да се пулиме во љубовта дур не оќориме
И од муабети да онемиме
Та со очи да продолжиме да си раскажуваме
Како ете сме чекале за да се дочекаме
Ми се сака
Ти ми се сакаш
Со сите приказни во кои не сум била
И во оние во кои други жени копнеж ти создавале
Со сите болки која низ тебе трагови оставиле
Та да можеме за се’ да си поприкажеме
И за она што било и минало
За она што не било а сме го отсонувале
Дур силно за раце ќе се држиме
За ова лудо време да не не’ одвее
И повторно да се изгубиме
За во следниот живот да се бараме
Ете толку ми се сака
Ете толку ми се сакаш
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов