Ана Бунтеска: За арно да биди

Да можиш без многу зборој

Низ чоек да гледаш

Да му видиш каде облак сонцето му го скрил

И маката кај му е

Дал душата му тежи од јадови

Ко алишта во врела вода накиснати

Та полојната да те заболи дур ги крениш

Или срцето му е од љубовна болка нагризано

Ко капутон шо виси онде

Допола од молци изеден

Оти ова лето си заборајла нафталин в плакарот да клајш

Да можи чоек со чоек да се види

Без да се ломоти со часој

Без првите неколку да минат во глума оти убај сме

Та после да ни се отвора маката пред другиот

Ко цвеќе на пролет шо под сонцето се отвора

Та ко ќе видиш

Едно чудо време туку така ошло

Оти гордоста не ни дала да сме она шо сме

Ех

Да можи чоек така своето да си го препознај

Љубовта да си ја види уште од далеку

Да не му врват годините залудно

И времето да не си го троши на љубов-нељубов

Ете така

Да можи да препознај уште првите деној

Оти треба да си замини од некој

И во тишина да се завитка

Како ларва во кожурецот

И да чека

Да почека дур не дојди точно вистинскиот миг

За од ларва-пеперутка да летни

Така и чоек ко од зимски сон да се разбуди

И после години самотија друшката да си ја најди

Та да блесни ко сонце во вода

Абе да блесни чиниш од Госпо допрен е

И да се стори убав во ликот

Да му се насмеат очите

А во брчките

Во браздите кај усните цветој да му никнат

И спокој во душата да му се всели

Да му разграни ко крошна на дрво

И да се наполни со плодој кои ќе стежнат од убост

Ама да можи ете без многу зборој

И без многу болка

Чоек умен да е

Или барем некој да му шепни дека среќен ќе е

За да му дај сила и крила да летни

И сон за кој преку ден ќе сонува

Ех, така да можеше

Да можеше ете и мене некој некако да ми кажи

Та да знаев тој ден дома да си гувеев

Да седнев пусто погача да замесев

Или да научев како се сукаат кори

Ама пусто така не одело

Оти то шо пишано ни е не можиш да го рипниш

Оти вир среде пат не е

Ниту да го скокниш можиш

Оти камен на сред нива не е

Та ко дете да се затрчаш за преку него да летниш

И зато вака ќе се помачиме

И ќе се сопнуваме

Колената да ни крварат, ама не премногу

Срцата да ни се стегаат, ама не премногу

И душата да не’ боли, ама само премногу да не е

И шо и да е

За арно да биди

За арно на сите да ни е

За Женски магзина, поетесата Ана Бунтеска Фото: Марија Дуева