Ана Бунтеска: Како никогаш и да не сме постоеле
Не зборуваме
Избегнуваме да говориме за се’ што важно ни е
А ломотиме без престан за времето
Или последните вести на телевизија
Ги вртиме истите муабети
Ко на лента ставени
Не гледајќи се в очи
За да не мора да си признаеме дека се лажеме
Секој сам себе а и оној карши
Не зборуваме
Одамна не зборуваме
Ти и јас
Сме заборавиле да делиме
Сме изумиле смеејќи се да се надмудруваме
И затоа ломотиме
Како изгребана лонг-плеј плоча сме
Која секојпат на истото место прерипува
И неколку тонови наназад оди
Дур еден ден не ти се смачи
Дур еден ден не ми се приблуе
Та ја џиткосаш в ѓубре
Или ја скршам на парчиња
Ете такви сме ние двајца
Дур еден ден и спомените еден за друг
Во првиот контејнер не ги фрлиме
Ех
Одамна не сме она што бевме
А уште помалку она што сакавме да бидеме
А сега веќе сум заборавила
Не паметам ниту како дотука стасавме
Можеби сум остарела
А можеби само сум сакала умов да го исчистам
Само знам дека повеќе немаме што да си кажеме
И избегнуваме в очи да се пулиме
Оти живот појќе во нив немаме
Ама устите како навиени ни работат
За случки кои и да не се случеле, сеедно ќе е
И сонувам за тоа дека еден ден ќе замолчиме
Дека туку така ќе речеш “доста е”
И за рака ќе ме повлечеш до себе
Толку блиску за да не знам телото кај ти завршува
Толку блиску за да не знам телово кај ми почнува
И ќе танцуваме во молк
Во таа едноставна тишина која сите муабети ќе ги замени
Во која и двајцата малку ќе здивнеме
За да ја ставам главата на рамото твое
И ти дозволам да ме водиш без да мрчам
Сонувам како секој на своето се враќаме
Назад
Толку назад за повторно еден со друг се најдеме
И грешките како вирови на пат да ги прерипаме
А болката мудро да ја заобиколиме
Ете тоа го сонувам дури во усните ти зјапам
Повеќе и не те слушам
Туку само ги гледам како се отвораат и затвораат
А и моите упорно и упорно дробат
Дур полека еден од друг се оддалечуваме
Дур не се заборавиме
Како никогаш и да не сме постоеле
Како да не сме си се случиле
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска