Ана Бунтеска: Колку ли време ќе ни треба за љубење да се одважиме

Добивај вести на Viber

Колку си храбар за во очи да ме гледаш

Долго и упорно

Без погледот да го свртиш

И без глата удолу да ја нурниш

Или да се преправаш оти зад мојот грб

Се случило нешто што не се пропушта

Колку во себе љубов имаш

За карши мене да се сместиш

На студов

Со кафињата пред нас

Со изѕемнети носој и вкочанети прсти

Дур цигарите жарат околу

И да си молчиме

Без во ниту еден миг

Да зажалиме што тука сме

Или да бараме смешни причини

За некоја глупоштина да прозбориме

Еве

Кажи ми

Или барем едно кратко писменце напиши ми

И така едноставно плукни на хартија

“тука ќе сум Ано”

Или еве

Можеш дури и Ане да ме викаш

Или уште поарно

Јави ми се

За гласојте да си ги чуеме

И од едно “здраво”

На што сме да знаеме

Та јас од еднава страна

Ко шеќер на рингла да се топам

А ти од другата страна

Мижеечки да ме замислуваш

Како со свиткани колена под брада

Силно го стискам телефонот

Ко да нејќам да те пуштам од себе

Нејсе пиле

Колку ли време ќе ни треба

За љубење да се одважиме

Без драма од тоа да правиме

Ниту циркус пред останатите

Туку само тивко и полека

Еден пред друг во тишина да застаниме

А некаде над нашите умој

Cohen да ни пеј

Дур кроце еден кон друг се приближуваме

Небаре сето време на светов го имаме

Со насмев

И без збор

Рацете да си ги допираме

И низ нив приказни да си раскажеме

И твојата дланка на вратов дур се топли

Мојата отчукувањата на срцето ќе ти ги брои

Еден карши друг

Немо и долго

Толку долго ко да застанал светов

Ко само ние во него да постоиме

Тивко

Румени ко јаболки зашеќерени

Од убост распаметени

Еден карши друг

Ко векој да се знаеме

Дур првпат се запознаваме

Ко во ист кафез крилата да сме си ги удирале

И иста песна да сме црцореле

Пиле мое

Колку храбар си за и мене храбра да ме сториш

И до тебе да долетам

За во тебе да се вгнездам

Пиле, пиле мое

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов