Ана Бунтеска: ме соголуваш во џагор од срцеви баботења

Добивај вести на Viber

Ме соголуваш во тишина

со грст напишани зборови

расфрлани во време-невреме

во она кое ти го имаш на претек

а јас го живеам само сега и тука

ме соголуваш во џагор од срцеви баботења

вешто, а нежно

искусно, а невино

без допир

без да мрднеш со ниту еден прст

смирено

ми влегуваш во главата

а отаде надолу

низ грлово ми лизгаш

како чаша вкусен ирски пијалак

ми танцуваш кај градите

и утробава ми ја стегаш

доволно силно, а никако болно

на онаа перверзна граница

каде што телото ме вие

и коските како од гума ми стануваат

од каде што станувам неверојатно долга

висока и тенка

и повторно се собирам

толку многу

за да ме собере во твојата дланка

да ме помирисаш

или ставиш во внатрешниот џеб од палтото

ме соголуваш

(ах, каква глупост)

ми правиш да се слекувам пред тебе

со насмев

со желба на женка пред парење

со подзамижани очи

боса

да слекувам дел по дел од моите стравови

да ги оставам болките зад себе

да ги нема

да ме нема

да ги сторам пепел

и од него гола да излезам

покриена со косата

а без кожа

за да ме облечеш во ново руво

оставено пред нозеве

дур седиш пред мене

снамќорен, а питом

зајадлив, а мој

ах, еве повторно

ме слекуваш или се слекувам, сеедно

во тишина

во неверојатно гласен молк

дур врне

дур во нас прокапува нешто

што ќе го врзе твоето и моето време

и знам дека се’ ќе биде во ред

дур се прпелкам во мисливе за тебе

а ти во моите зборови ја ловиш младоста

знам

едноставно знам

дека ова е нашето време

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски