Во чест на планинарот Миновски – Како го освојуваше Мон Блан во 2016

Добивај вести на Viber

Александар Миновски е еден од македонските планинари кои го загубија животот при искачување на Кајмакчалан. Во чест на неговото сеќање со дозвола ја објавуваме репортажата на Миновски при неговото искачување на Мон Блан во 2016 година. Покрај Миновски загина и планинарката Калина Велевска. Оваа авантура на Мон Блан, Миновски ја реализираше преку италијанската страна на планината. За Мон Блан Ден 1: Петок Ден 2: Сабота Ден 3: Недела Ден 4: Понеделник Ден 5: Вторник Ден 6: Среда Ден 7: Четврток Ден 8: Петок Ден 9: Сабота [Фотографија направена при неговото заминување од дома на пат кон искачување на Мон Блан] И додека некои сè уште не можат да одлучат дали да одат на летување кај нашиот јужен сосед или можеби на Јадранско море, група наши авантуристи одлучија годишниот одмор да го поминат на еден малку поинаков начин – на надморска височина над 4.000 метри. Репортажата која може да ја погледнете всушност претставува патепис на обидот на тим од 8 македонски планинари кои на се упатија од Скопје кон Алпите со цел да го освојат Мон Блан преку италијанската рута. Мон Блан кој во превод значи бела планина е највисокиот врв на Алпите и втор највисок врв во Европа после кавкаскиот Елбрус. Со надморска височина од 4,808,73 Мон Блан е лоциран во западниот дел од Алпите попознат како Граијански Алпи, помеѓу регионите Аоста, Италија, Савоија и Хауте Савоија, Франција. Јужно, источно и северно од масивот Мон Блан се наоѓаат трите помали градови, Курмајер, Сен Жервеи-ле-Беин и Шамони. За прв пат искачен во 1786-тата година од страна Михаел-Габриел Пакард и Жак Балмат, Мон Блан денес претставува симбол на модерно планинарење не само поради својата висина туку исто и поради уникатноста на околниот алпски планински масив. Иако важи за една од најпопуларните планинарски дестинации, од година во година, бројот на планинари значително варира поради непредвидливите временски услови. Најголемиот дел од искачувањата на Мон блан се случуваат во периодот помеѓу јуни и септември со оглед на тоа што планинарските домови се отворени само во овие месеци. Интересен податок за планинарските ентузијасти е тоа што искачувањето на Мон Блан вообичаено се одвива по една од 5 таканаречени класични рути. Иако ни една од 5-те рути не може да се класифицира како лесна, тие се разликуваат по нивото на комплексност, а и следствено нивната експлоатираност. Како најпопуларна и експлоатирана рута важи таканаречената “Гуте” рута, која се протега по западно-северниот рид. Следејќи го споменатиот критериум, втора по фреквентност и популарност е рутата долж северно-источниот рид со почетна надморска височина од 3.800 метри. Без разлика на високата стартна надморска височина рутата преку Агвила ду Миди подразбира траверсирање преку три помали но стрмни врвови, што не ја прави помалку физички исцрпувачка од рутата Гуте. Редоследно, како делумно понапорно и технички покомплесно е искачувањето од јужната страна по таканаречената италијанска рута. За најтехнички од 5-те класични рути важи западниот рид преку Агвила ду Бјонсаи. Интересно, последната од 5-те класични рути иако всушност претставува и првата рута по која е искачен врвот Мон Блан денес важи за најмалку популарна и генерално ја користат турно-скијачи во пролетниот дел од годината. https://vimeo.com/174498856 Репортажата која следува е всушност патепис на обидот на тим од 8 македонски планинари кои на 01.07.2016 појде од Скопје кон Алпите со цел да го искачи Мон Блан преку италијанската рута. Целта на самата репортажа е преку слики и текст да го приближи комплетното искуство за тоа што значи да се искачи највисокиот врв на Алпите. Поаѓање од Скопје во 16:30 часот. Се движиме во насока на нашата финална дестинација-италијанското гратче Вал Вени, кое се наоѓа во подножјето на на Мон Блан. Нè очекува пат не подолг од 18 часа. Пристигнуваме во Вал Вени околу 14 часот и го поставуваме првиот од севкупните 3 кампа. Кампот е во склоп од малата викенд населба Вал Турнанж. Планот е да се остане 3 дена во поставениот камп со цел да се изведе аклиматизационо искачување на Брајтхорн. Останатиот дел од денот е наменет за релаксација и одмор. [Поставување на шатори во кампот Вал Турнанж] Денот за аклиматизација почнува со рано утринско будење во 5 часот и поаѓање кон Монте Червино - Червиниа. После искачување до 3.500 метри со жицница тргнуваме кон врвот Брајтхорн со комплетна зимска опрема. [Поглед од Червиниа кон Матерхорн] Сместен помеѓу и на половина воздушно растојание од врвовите Матерхорн и Монте Роса, Брајтхорн достигнува височина од 4.165 метри. Времето е одлично и температурата се движи околу 0 целзиусови степени. Пред пострмните предели ја користиме приликата да се обезбедуваме со две наврски од по 4 луѓе. После 4 часа движење го искачуваме врвот Брајтхорн, со височина од 4.165м. [Глетка од Брајтхорн кон околниот глечер] [Групна фотографија на Брајтхорн] Симнувањето се одвива прилично брзо и после 4 часа пристигнуваме на едно од најживописните места на Алпите. [Поглед кон Матерхорн-фотографијата е направена во непосредна близина на Монте Червино - Червиниа] Го напуштаме Вал Турнанж и се движиме во правец на Курмајер. После речиси половина пат или 80км од Вал Турнанж ја користиме приликата да го посетиме античкото гратче Аоста кое лежи во подножјето на алпите и се наоѓа близу до влезот на тунелот Мон Блан. Следува попладневно пристигнување и сместување во Курмајер. Ден за одмор и последни подготовки. Се наоѓаме во состојба на исчекување но убавото време не остава простор за анксиозност и нетрпение. Во очекување сме на поволни временски услови за возможно најскорешно поаѓање кон Мон Блан. Временската прогноза за следните два дена навестува сончево време со слаби врнежи од снег. Согласно временските услови, отпочнувањето на траверсирањето е планирано за четврток. Сепак, кон крај на денот водичот донесува одлука за утрешно отпочнување на дводневната експедиција на Мон Блан. Без трошење на време фокусот го пренасочуваме кон организација на потребната опрема во ранците. Иако првенствено важно е да не се изостави ниту еден компонент од опремата, речиси подеднакво важен е и распоредот на истата во ранецот. Кампот во долината Вал Вени близу Курмајер лежи на јужната страна на Мон Блан, на надморска височина од 1.224 метри – 1.500 мнв. Дводневната експедиција отопочнува со будење во 4:30 часот и краток доручек. Во 5:30 часот заминуваме кон глечерот Миаж. Стартуваме со движење на околу 1.700м надморска височина. Првите 2 часа од искачувањето се одвиваат по трекинг патека. Теренот е лесен за движење, живописен и изобилува со глечерски реки. [Блиска средба со локалните дивокози] Се движиме по долината од Глечерот Миаж минувајќи преку глечерските морени – големи камени блокови наталожени со ледничката ерозија низ годините. [Првите стрмнини ги искачуваме по мек снег и сè уште не се потребни дерези] [Искачувањето станува технички посложено и затоа на пострмните делови користиме претходно поставени фиксни јажиња и скали] [Мал одмор за храна и вода] После 5 часовно искачување, во 12 часот и 30 минути пристигнуваме во домот Гонела на височина од 3.071метри. Се сместуваме во малото засолниште во склоп на домот. [Поглед од хелиодромот на Гонела кон глечерот Миаж] Знаејќи дека следува напорен ден, останатите часови од денот ги користиме за одмор и го реконфигуираме ранецот согласно теренот кој не очекува следниот ден. Будење во 12 часот на полноќ и краток доручек. Пред самото поаѓање ги местиме дерезите, цепинот и челната лампа. Времето е генерално мирно, покрај слабиот ветер. Имаме среќа да бидеме единствените што тоа утро поаѓаат од Гонела кон врвот и со тоа да бидеме сами со планината. Се движиме по глечерот Дом заобиколувајќи повеќе глечерски пукнатини, пред да излеземе на гребенот што го разделува од соседниот глечер Бјонсеи. Теренот е стрмен со наклон до 40◦ така што задолжителна е постојана употреба на цепинот. Се движиме во насока на засолништето Валот. После неколку часови одење температурата се симнува до -15 целзиусови и заморот се интензивира. Околу 6 часот сонцето почнува да зрачи. [Последните чекори пред засолништето Валот] [Валот – мало засолниште на 4320 метри надморска височина] [Поглед од засолништето Валот кон врвот Мон Блан] Преостануваат уште околу 500м висинско растојание до врвот Мон Блан. [На височина од околу 4.450 метри користиме јаже за да искачиме мала вертикална препрека] [Уште малку] [Конечно! Слика на тимот од врвот Мон Блан] Пауза од 15 минути и полека го отпочнуваме спуштањето кон Шамони. Спуштањето оди за нијанса побрзо од качувањето но и бара поголема претпазливост и концентрација. [Домот де Гуте, поставен на 3.800 метра надморска височина] [Уживанција како на плажа] [Средба со легендата Килиан Жорнет] [Последната препрека- куларот на смртта] [Трамвајот на 2372нмв кој од 1907та транспортира планинари и туристи до Шамони] Ден за одмор, уживање и регенерација на телото. Авантурата е пред самиот крај. Полека се разделуваме од Алпите.
A.М.
Со дозвола преземено од tocka.com.mk Редакцијата на Женски магазин  изразува длабоко жалење за загубата до фамилиите и нивните пријатели.