ДОСИЕ СУБВЕНЦИИ: Брачна двојка одобрила пари на бенд во кој членувал нивниот син

Добивај вести на Viber

Сопружниците Лилјана и Методија Автовски заедно или поединечно одлучувале за судбината на авторите и изведувачите на дури осум од реализираните конкурси од Законот за поддршка на домашната музичка продукција. Лилјана дури шестпати била член на комисијата, а Методија четирипати, еднаш и во улога на претседател (прв квартален конкурс за 2015 година). На членовите на комисијата за извршената работа им следува поединечен паричен надоместок во износ од 10.000 денари, по конкурс. Ако им се исплатени предвидените хонорари од државата, во семејниот буџет на брачната двојка завршиле вкупно 100.000 денари.

Членовите на комисијата се избираат по случаен избор (лотариски систем) од листа со 50 лица која по пат на јавен повик ја подготвува директорот на Македонската радиотелевизија. Автовски ја имале таа среќа да партиципираат во комисијата на повеќето конкурси и да одлучуваат како ќе бидат распределени народните пари. На првиот квартален конкурс за 2016 година за субвенционираните композиции одлучувале седум члена од кои две места биле резервирани токму за нив. На истиот конкурс тие дале зелено светло да се доделат средства (3.000 евра) на Горан Милосковски од „Арија“, група во која членувал и нивниот син, басистот Никола Автовски. Методија Автовски е академски музичар, син на славниот македонски актер Никола Боби Автовски, човекот кој го испеа македонскиот шлагер „Кажи зошто ме остави“. Тој и неговата сопруга не се единствените стручни кадри, кои во повеќе наврати биле избрани да ги бодуваат авторите и изведувачите. Во пет конкурси партиципирал Јошко Бошковски. Васка Наумова Томовска, Благоја Здравковски, Цане Петров и Ристо Апостолов четирипати биле во комисијата, а на три конкурси одлучувале Тоде Спасовски, Никола Фириев, Симеон Иванов-Канго, Панчо Илиев и Константин Карев. Роберт Саздов кој е повеќекратен добитник на субвенции, двапати бил претседател на комисијата. Минатата недела на прес-конференција во Битола, министерот за култура Роберт Алаѓозоски изјави дека Министерството врши ретроактивна детална проверка на претходните конкурси за кои има сознанија и индиции за крупни неправилности. Меѓу другото, беше потенцирано дека „во праксата биле утврдени и повеќе случаи каде што еден изведувач конкурирал и добивал средства во повеќе категории во рамки на ист конкурс или пак членови сопружници доделувале средства на членови од семејството.“. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов