ДОСИЕ СУБВЕНЦИИ: Жирито одобрило над 30.000 евра за Цеки и „Силви бенд“

Добивај вести на Viber

Од идеја до реализација тие се „сами свои мајстори“. И автори и изведувачи. И одговорни за аудио-материјали и креатори на видеозаписи. Освен што се сестрани уметници, нивниот труд успеале и добро да го наплатат. Интерес пронашле токму во Законот за поддршка на домашната музичка продукција, а резултатите се евидентни – илјадници евра за нивните дела. На брачната двојка Силвана и Влатко Плевнеш од дуото „Силви бенд“ и на кантавторот Зоран Рудан Цеки првично им биле одобрени над 30.000 евра народни пари предвидени за музички субвенции. Како „истакнат изведувач“, првите 3.000 евра на Силвана Мучиќ Плевнеш ѝ биле одобрени за композицијата Само мој“. Таа е и автор на стиховите, а музиката и аранжманот се дело на нејзиниот сопруг. На истиот, четврти квартален конкурс за 2014 година, на Плевнеш им била одобрена идентична сума за наменскиот рефрен „Македонија“, песна со која ја афирмираат историјата на Македонија. На вториот квартален конкурс за 2015 година веќе се рангирани во категоријата „Ѕвезди“ каде стимулацијата е најатрактивна и изнесува 4.500 евра, 3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот. На „Силви бенд“ им биле одобрени две такви субвенции, односно 9.000 евра за нумерите „Љубовна приказна“ и „Не лажи ме“. https://www.youtube.com/watch?v=g6M8cU9dN1k Одобрените пари со други автори и продуценти не морал да ги дели ниту „истакнатиот изведувач“ Зоран Рудан Цеки. На вториот квартален конкурс за 2014 година му биле одобрени 3.000 евра за темата „Животот во четири чина“. Истата година му биле одобрени уште 3.000 евра за нумерата „Моја Македонијо“, но и дополнителни 400 евра како автор на детската композиција „Мала планета“. Нови 3.000 евра му биле одобрени на почетокот на 2015 година за песната „Мој ангеле“. Успешна за него требала да биде и минатата година кога првично му се одобрени 9.000 евра за композициите „Пустина“, „Хотел Носталгија“ и „Одиш ти“. Парите од вториот квартален конкурс за 2017 година (6.000 евра) Рудан нема да ги добие бидејќи станува збор за субвенции кои Министерството за култура и Македонската радиотелевизија одлучија да ги поништат.   https://www.youtube.com/watch?v=oSlwAfYsB7I&t= Комплетен автор на своите дела е и Александар Ристовски – Принц. Нему му се одобрени 18.000 евра на кварталните конкурси во првите две години, но и дополнителни над 30.000 евра за спотови на други изведувачи на кои стои неговиот потпис. Познатиот музичар ја прифати поканата на „Женски Магазин“, меѓу другото, да раскаже како се потрошени овие средства. Интервјуто ќе го објавиме утре. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов