Животна училница // Приказни
ДОСИЕ СУБВЕНЦИИ: Над 50.000 евра за Роберт Саздов и Ристо Апостолов
Креаторот на дуото „Куку леле“ и водачот на поп-рок составот „Водолија“ фигурираат и како членови и претседатели на Комисијата која одлучувала кои изведувачи ќе добијат народни пари. За овој ангажман, Законот предвидува дополнителен хонорар
По најавите од Министерството за култура дека е отпочната детална проверка на конкурсите од Законот за поддршка на домашната музичка продукција поради сознанија и индиции за крупни неправилности, „Женски Магазин“ го стартува серијалот „Досие субвенции“ во кој ќе ви презентираме интересни анализи и факти.
Од првиот реализиран конкурс во 2014 година до последниот објавен на 5 јануари годинава, на списоците со музички субвенции редовно ги има авторите Роберт Саздов и Ристо Апостолов на кои им се одобрени над 50.000 евра за промоција на нивните дела.
[caption id="attachment_12697" align="aligncenter" width="720"] На Роберт Саздов му се одобрени над 35.000 евра народни пари од кои 9.000 евра се за композициите „Доле“ и „Горе“[/caption]
На креаторот на популарното дуо „Куку леле“, Роберт Саздов, кој бил избран за претседател на Комисијата која одлучувала за првиот квартален конкурс во 2014 година, веќе на следниот, истата година, му биле одобрени првите 4.500 евра, но не е наведено за која композиција. Нови 4.500 евра во категоријата „Ѕвезди“ му се одобрени и на следниот конкурс за нумерата „Среќа“. На четвртиот квартален конкурс за 2014 година не добил ништо бидејќи повторно е потпишан како претседател на Комисијата која одлучува за изборот на изведувачи, односно композиции. За овој ангажман, Законот предвидува дополнителен хонорар.
На Саздов му се одобрени 9.000 евра за две композиции и на првиот квартален конкурс во 2015 година. За него убаво почнала и наредната година. На единствениот реализиран конкурс за 2016-та повторно тој е „ѕвездата“ со нови 9.000 евра како изведувач и автор на композициите „Доле“ и „Горе“. Идентична сума (9.000 евра) му одобриле и во првиот квартален конкурс за 2017 година, но овојпат во решението стои „Куку леле претставуван од Робертино Саздов“. Тој се потпишува како комплетен автор на песните „Нашата љубов е бескрајна“ и „Кажи ми дали се сеќаваш“.
[caption id="attachment_12696" align="aligncenter" width="960"] Ристо Апостолов- повеќекратен добитник на субвенции, член и претседател на Комисијата и автор на рефренот „Топол дом“ со кој ги афирмира семејните вредности[/caption]
Субвенции во повеќе наврати му се одобрени и на Ристо Апостолов, кој исто така бил и претседател на Комисијата која одлучувала за судбината на музичарите. На првите два конкурса е потпишан како член на „жирито“. Веќе на третиот квартален конкурс за 2014 година, на водачот на поп-рок составот „Водолија“ како „Врвен изведувач“ му се одобрени првите 9.000 евра за трите композиции „Одам напред“, „Сè што ми треба“ и „Како од бајки“ на кои е потпишани како комплетен автор. Повторно бил избран да одлучува за музичките субвенции и на вториот квартален конкурс во 2015 година, а веќе на следниот е награден со нови 6.000 евра за нумерите „Кога и како“ и „Љубовна песна“. На истиот конкурс (третиот квартален за 2015 година) му се одобрени дополнителни 3.000 евра за наменскиот рефрен „Топол дом“, песна со која ги афирмира семејните вредности во општеството. На последниот квартален конкурс истата година е избран за претседател на Комисијата, а тоа подразбира и исплата на дополнителен хонорар за овој ангажман.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов