Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ ДИРИГЕНТКАТА БИСЕРА ЧАДЛОВСКА: Во осмиот месец од бременоста чевелот ми испадна на сцена
Три дена по ред, 23 песни, 15 пејачи, оркестарот и хорот на МОБ и само една диригентка, Бисера Чадловска. Тоа е накусо програмата на традиционалниот, Василичарски концерт во Македонската опера и балет кој премиерно ќе се одржи вечерва, петок. Вториот е утре, сабота, на 13 јануари, а третиот во недела на 14. Концертот е насловен „Simply Тhe Best“, а публиката ќе може да ги слушне поп и рок хитовите од златните осумдесетти и деведес етти. Традицијата на Василичарскиот концерт кој секоја година е со различна тема трае од 2009 година, и е еден од најпосетуваните културни настани во текот на целата година. Уметничката директорка и диригент во МОБ, Бисера Чадловска за Женски Магазин раскажа за програмата на концертите, за тоа како е избрана годинешнава тема, но и за предизвиците со кои таа како жена се соочува во нејзината, условно речено машка професија.
[caption id="attachment_12420" align="aligncenter" width="659"] Приватно сум многу различна од тоа што го гледате на сцена. Луѓето не ме ни препознаваат. Никогаш не се шминкам и не се дотерувам преку ден.- Бисера е карактеристична по кадравата коса[/caption]
Женски Магазин- Што ќе понуди Василичарскиот концерт во МОБ годинава, кои солисти ќе настапат?
Бисера- Оваа година концертот за Василица ќе понуди во најголем број рок, но и поп хитови од осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Ќе настапат популарни пејачи од македонската сцена како Бени Шаќири, Горан Наумовски, Александра Јанева, Елена Петреска, Дани Димитровска, Ана Мицковска, Даниел Дан, Ѓоко Танески, Наташа Малинкова, Лена Заткоска, Александар Тарабунов, гостинот од Хрватска Бојан Јамброшиќ, како и нашите оперски солисти Ѓорѓи Цуцковски, Наде Талевска и Дарко Нешовски. Секако сите во придружба на оркестарот и хорот на Македонската опера и балет, бенд кој специјално беше избран за оваа прилика и јас како диригент.
Женски Магазин- На кој начин е избрана темата и пејачите, и зошто годинава нема да настапат гости од претходните концерти како Тамара, Тијана, Андријана Јаневска, Нина Јанева, Каролина…?
Бисера- Темата ја избрав бидејќи сакав да изведеме песни кои беа навистина големи хитови и се уште се. Мислам дека вакви големи хитови кои се безвременски веќе не можеме да слушнеме денес, или можеби јас сум носталгична кон хитовите на „моето време“. Сметав дека самите песни налагаа друг тип на изведувачи бидејќи најголем дел од песните се рок песни и заради тоа ги одбравме овие имиња да настапат, секако секој од нив беше соодветно избран според песната која треба да ја изведе.
[caption id="attachment_12421" align="aligncenter" width="540"] Сите ние си ги пораснавме децата заедно со нас во театар, тие се навикнати дека родителите им работат навечер.- Бисера со ќерката Евгенија[/caption]
Женски Магазин- По што ќе ја паметиш 2017, професионално и приватно, и кои се твоите работни цели во оваа година?
Бисера- 2017 ќе ја паметам како премногу динамична година која ме исцрпи физички. Не беше баш една од моите омилени години но мора да има и такви. Моите работни цели се да се обидам да направам повеќе успешни проекти во операта, но и да се обидам да доведам во ред некои работи кои во изминатите години се изместија од своето место. Се разбира дека ќе треба доста време за тоа но јас сум спремна да се обидам.
Женски Магазин- Кога за прв пат реши дека диригентството ќе биде твоја професија?
Бисера- Професијата диригент ја одбрав уште пред да се запишам во средното музичко училиште. Од секогаш знаев дека ќе успеам на крајот бидејќи мојата желба беше премногу голема и не дозволив ништо да ме поколеба.
[caption id="attachment_12419" align="aligncenter" width="651"] Јас сум доказ дека жените можат да бидат исто толку успешни диригенти како и мажите. И не сметам дека професијата е машка[/caption]
Женски Магазин- Можат ли жените диригенти да бидат успешни кај нас во оваа, условно речено, машка професија?
Бисера- Јас сум доказ дека жените можат да бидат исто толку успешни диригенти како и мажите. И не сметам дека професијата е машка. Само треба огромна воља и многу работа и да е човек подготвен на се.
Женски Магазин- Дали некогаш си се почувствувала дискриминирано затоа што си жена диригент?
Бисера- Имало моменти кога сум се почувствувала дискриминирано. Се уште ги има но веќе искуството си го направило своето па не дозволувам тоа да помине без да укажам дека се случува. Поинаку ги дожививам работите сега од колку пред 15 години кога почнував. Тогаш се доживував премногу емотивно и со некој страв, сега веќе научив како да се справам со секакви ситуации.
Женски Магазин- Имаш ли необична анегдота која ти се случила на настап да споделиш со нас?
[caption id="attachment_12424" align="aligncenter" width="649"] Оваа година концертот за Василица ќе понуди во најголем број рок, но и поп хитови од осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Јас сум носталгична кон хитовите на „моето време“[/caption]
Бисера- Има многу анегдоти од настапи, ретко поминува настап без да се случи нешто. Се сеќавам дека еднаш на крај на една „Кармен“ кога излегував да се поклонам ми се заглави потпетицата меѓуштиците на сцена и чевелот ми падна. Тогаш бев во осмиот месец на бременоста и за да не се наведнувам, мојот колега Зоран Сотиров клекна и ми го облече чевелот на сцена. Беше многу симпатично, аплаузот стана поголем.
Женски Магазин- Трпи ли семејството поради твоите работни обврски кои се главно попладневни и вечерни?
Бисера- Мислам дека семејствата на сите уметници кои се занимаваат со оваа професија, како глумци, оперски пеачи, еве диригенти и сите што работат ваков тип на работа, знаат дека едноставно таква ни е работата. Сите ние си ги пораснавме децата заедно со нас во театар, тие се навикнати дека родителите им работат навечер. Некогаш доаѓаат со нас кога утредента не се во училиште, некогаш се дома со баба и дедо, зависи кој како се организирал. Секако дека понекогаш е проблематично, но не сметам пак дека оние кои работат канцелариска работа од 9 до 17 имаат повеќе време за своите семејства. Едноставно таков е животот денес. Ние компензираме на друг начин, понекогаш сме слободни преку ден и имаме подолги летни одмори за сметка на тоа што скоро секој викенд работиме. Се е навика.
Женски Магазин- Имаш ли посебен ритуал на подготовка пред настап?
Бисера- Немам некој ритуал, се подготвувам исто како и секоја жена. Шминка, фризура, гардероба. Доаѓам во театар околу 19 часот и тука ги довршувам подготовките.
Женски Магазин- Каква е Бисера приватно, кога не е на сцената и во свечена тоалета?
Бисера- Приватно сум многу различна од тоа што го гледате на сцена. Луѓето не ме ни препознаваат. Никогаш не се шминкам и не се дотерувам преку ден. Најчесто сум во тренерки или нешто едноставно што нема да ме оптоварува. Не сакам да сум оптоварена со изгледот кога не сум официјално на сцена.
За Женски Магазин, Милица Џаровска