Интервјуа // Интервјуа
Интервју Ида Протугер Вељковиќ: Докторот ми рече „нема надеж“, но јас решив да се борам
Гледачите ја препознаваат како телевизиски лик. Во моментов, новинарското перо го менува со професија од нејзините студии. Психологијата ја надополнува со вештините на тренер за квалитетен живот, професија која е многу популарна во Австрија, земјата каде моментално живее. Таа е мајка на три сина. Денес за Женски Магазин, ни ги раскажа предизвиците на мајчинството. Едниот е предизвикот со здравствениот проблем на едниот син, а другиот е битката за живот на нејзиниот најмлад син. За битките на мајчинството, за стравовите и непроспаните ноќи, но и за задоволството од добиените битки, разговараме со Ида Протугер Вељковиќ.
Женски Магазин Ви недостасува ли Македонија?
Ида- Ми недостасуваат луѓето од Македонија, моите блиски и пријателите. Она што не ми недостасува е загадениот воздух, амбиентот кој поддржува партиско послушништво и напредување според партиски заслуги, а квалитетните кадри и натаму заминуваат од земјата. Исто така не ми недостасува едукативниот систем кој воспитува деца за да останат деца и кога ќе пораснат, чекаат некој друг да им ги реши проблемите и да одлучува наместо нив.
Женски Магазин Ида е мајка на три прекрасни сина. Како го доживеавте мајчинството, посебно затоа што секој од нив е различен?
Ида- Јас станав мајка многу млада. Со најстариот син сме 20 години разлика.
Најмалиот пак го родив на 42 години. Со првиот гледав нон стоп во книга дали добро го хранам, како се развива, а со третиот сум многу поопуштена поради искуството. Она што остана константа е цртаниот филм „Кралот лав“ кој го гледав по стотина пат со сите три деца и истите приказни кои ги раскажував и на 20 години и сега.
Женски Магазин Кои работи како мајка, ги научивте од синовите? Кои се вредностите на кои ги насочувате?
Ида- Не сум од тие мајки што им нудат или наметнуваат некакви решенија на децата или им делат лекции што да прават. Секогаш им го кажувам моето искуство и моето мислење, но тие самите ќе си направат тоа што мислат дека треба да го направат. Тие се автори на нивниот живот, не сум јас. Искуството ми покажало дека секогаш човек најголемите лекции ги добива од сопствените грешки или постапки и кога исполнуваш сопствени очекувања и остваруваш сопствени цели, твои се успесите, но и неуспесите. Со еден збор, твој е животот и сета убавина што извира од него. Она што се обидувам од мали да им го пренесам е да ги почитуваат другите луѓе, да бидат чесни и да стекнуваат знаења, затоа што никогаш нема да имаат авторитет ако се закитат со некаква функција, тоа е вештачки и краткотрајно. Она што трае е авторитет кој произлегува од сопствениот капацитет и знаење.
Женски Магазин Која е вашата најзначајна битка како мајка?
Ида - Битките на секоја мајка се на дневна основа. Се бориме за подобри услови на децата, за нивното здравје, ги воспитуваме. Има многу откажувања, но среќата и љубовта која ги црпам од мајчинството, за мене е неизмерна. Меѓу најзначајните битки, тоа се тие кога се бориме за живот и здравје. Имав две такви. Првата беше кога моето второ дете се соочи со здравствен проблем кој беше сериозен. По првичниот шок дека се соочуваме со болест, се мобилизиравме и почнавме да бараме решенија. Проблемот беше што лекарствата за таа болест беа за над 18 годишна возраст, а мојот син тогаш имаше 11 години. Без оглед што лекарите не уверуваа дека многу деца се лекуваат со тие лекови, но за да се спушти границата во самото упатство на лекот се потребни многу, навистина многу студии, па одлуката да го подложиме на терапија беше тешка. Но, во нашиот случај исправна, затоа што синот ни оздраве. Но, таа ситуација ме промени сосема. Сите други грижи понатаму ми изгледаа мали. Нервозата поради лошо измонтиран прилог на пример, се претвораше во став „во ред, утре е нов ден, ништо страшно“. Тогаш навистина го разбрав значењето на фразата „прво здравје, па…“
Втората битка беше за моето трето дете. Бидејќи кога беа моите деца од првиот брак мали, животните прилики не ми беа наклонети да можам да уживам во тие нивни години. Кога забременив трет пат, на среќата и немаше крај. Но бременоста ми беше ризична, четири месеци бев врзана за кревет и во 26-тата недела ми се одлепи постелката. Итно отидовме во болница и лекарот што ме прими ми рече дека најверојатно ќе се породам дента и да немам надеж дека бебето ќе преживее. Во тој момент само се запрашав дали јас сум спремна на тоа и си реков дека јас го сакам ова дете и на ништо друго немам намера да мислам освен дека тоа треба да се роди живо. Му реков на маж ми дека не сакам овој лекар да го слушам, тој исто се налути и го прекори, па отиде да го најде мојот лекар, Боби Лазаревски. Тој веднаш ме смири и ми рече дека има шанси, дека веднаш ќе ми дадат инекција за зреење на плодот и дека секој час е шанса повеќе. Тој и др. Боби Дракулевски се бореа со мене ден за ден и така поминав четири недели во болница. Никогаш нема доволно зборови што можат да ја опишат мојата благодарност кон тие луѓе и сите кои се грижеа за мене и синот додека бевме во болница. Само можам да им ја посакам целата убавина и среќа на овој свет. Најголемата поддршка сепак ми ја даде мојот сопруг. Тој има завршено медицина и неговиот авторитет и аргументи најмногу ме смируваа. Беше нон стоп покрај мене и постојано ме уверуваше дека се ќе биде во ред и нашиот син ќе биде супер. Не само што ме уверуваше, туку ми рече „ти ветувам“, што е навистина голем товар да ветиш нешто што не си сигурен дека може да се одржи. Во 29-тата недела дојде моментот кога веќе мораше да се породам. Стомакот ми беше мал, не си изгледав самата на себе на вистинска трудница. Стравот што го чувствував нема никогаш да можам да го опишам со зборови. Ме породија со спинална анестезија така што бев свесна цело време и срцето ми беше во грло, се задушував од страв. Тогаш слушнав плач на бебе и тоа посилен од тој на моите други две деца кои беа родени во термин. Сите во салата почнаа да ме гушкаат и да ми честитаат, а јас не можев да престанам да плачам од среќа. Но, тоа беше првиот среќен исход. Натаму ми кажаа дека критични се првите 24 часа. Климент ги помина без проблем. Потоа следуваа деновите во инкубатор. Само родителите на предвреме родени деца можат да знаат што зборувам. Тој страв, тој копнеж да го земеш тоа мало бебче од едвај кило и пол во раце, да му кажеш да не се грижи, дека има родители што ја имаат целата љубов на светот за него, но не можеш, ве дели стаклото на инкубаторот и го гледаш со игли и инфузии во толку мали рачиња и ножиња, мислиш проѕирни се. Тоа е претешко за родител. Така поминаа скоро два месеца. Во тој период иако бебето ни беше во болница, јас решив дека мора да се извојува уште една битка, да го одржам млекото. Тоа бараше строга дисциплина, да се измолзувам како да имам бебе дома, на полноќ, па во 3 сабајле, па во 6 и така на три часа. Кога конечно Климент дојде дома, тој беше многу слаб за да има сила да цица, па агонијата со измолзување продолжи уште скоро два месеца. Потоа почна да цица и имавме успешна приказна на доење од скоро година и пол. Сега е прекрасно момченце од 3,5 години и на сите им вика „јас сум еден опасен дечко“:)
Женски Магазин Посакувате ли да се врати времето, посебно заради новинарството?
Ида- Не. Секое време си носи своја убавина. Тоа што му го направи груевизмот на новинарството, со силна злоупотреба на државните институции и механизми да го „исчисти“ просторот од професионални новинари и да го наполни со потпросечни ликови кои ги обучи да станат пропагандисти, е една голема лекција. Лекција од која за жал нема некој знак дека ние учиме како општество. Ако некој од нив имал притисоци и бил принуден да врши пропаганда, сега е моментот да каже „сега кажувам“. Но оние кои ги прекршиле сите правила на професионално известување и намерно, за сопствен профит, ја злоупотребиле професијата и ја изневериле довербата на граѓаните/публиката, едноставно не им е место во новинарството. Редовите мора да се прочистат.
Женски Магазин Кои се новинарските икони на кои им се восхитувате?
Ида- Многу новинарски имиња имале влијание врз мојот развој. Веќе сум спомнала дека сите колумни на Катерина Блажевска ги имав прочитано уште пред да почнам да работам во Дневник и кога тогашниот директор на МПМ Миле Јовановски ми понуди работа таму, бев пресреќна. Целиот амбиент во Дневник што го затекнав кога Блажевска беше главен уредник, а Јовановски менаџер беше исклучително професионална средина. Го читам редовно и Горан Михајловски, ми се чини од неговата прва колумна „Сакам да кажам“ во Вечер. Јадранка Костова која ми беше уредник во Канал 5 ми беше силна инспирација за мојот развој како истражувачки новинар, а од Ацо Кабранов кој имаше неверојатен сенс за тоа што е вест и правеше најдобри форшпани, учев како да бидам добар уредник. Сега на пример најмногу ми се допаѓа како производ емисијата „360 степени“ и имам голема почит за целиот тим таму, од кои скоро сите се мои поранешни колеги во медиумите каде сум работела, исклучителни професионалци. Имам многу голема почит и им се восхитувам на сите новинари, во најголем дел истражувачките, кои во сите изминати години на притисоци и тортура, останаа на браникот на јавниот интерес.
Женски Магазин Какви се вашите очекувања за 2018, како мајка, но и како човек? Што очекувате, каде ќе се фокусирате?
Ида- Јас со мојот сопруг и третиот син живеам во Виена веќе две и пол години и се обидувам овде да се интегрирам. Моите други деца се големи, со сопствен живот и круг на пријатели и се во Скопје. Би сакала почесто да доаѓаат, а јас одам во Скопје на секои три месеци, но тоа е еве една новогодишна желба. Во однос на иднината овде, мали се можностите да работам како новинар бидејќи мојот капитал во знаење во најголем дел е однесува на политичката и економската ситуација во Македонија што е овде малку конкурентно. Така што почнав со ново образование кое е блиско на моето факултетско образование, психолог. Учам за Лајф Коач или тренер за квалитетно водење на живот. Овде е тоа многу популарна професија. Сега сум прв семестар, паралелно учам и германски, а целото школување трае две и пол години или пет семестри. Сега се враќам на психологијата, читам книги и се чувствувам исполнета што учам нови нешта. Новиот почеток беше тежок првата година, но се е до внатрешната одлука. Или ќе си поставиш цел која тебе те исполнува и ќе почнеш со остварување или ќе се жалиш и ќе бараш алиби за сите пропуштени можности. Никогаш не е доцна за нов почеток и подобрување на квалитетот на сопствениот живот.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска