Интервју Наташа Стојановска: Страшна е помислата дека животот ви виси на конец

Добивај вести на Viber

Наташа Стојановска, уредник во ТВ 24, минатата година беше вистинска новинарска светулка. Стасуваше секаде, ја гледавме на линкови од Владата, од кај Претседателот, од Собранието, забележителни ќе останат и нејзините белешки за случувањата во Парламентот на 27 април, како и бројните интервјуа во Анализа. Својата професионална надоградба се чини дека ја искористи одлично, па ТВ 24 дојде како логичен след на претходното новинарско искуство во А1 и Алсат М. Смирена, воздржано провокативна, рецепт за новинарски успех, доволен повод да ја имаме на Женски Магазин со првото интервју во новата година. Женски Магазин Кој беше настанот по кој 2017 ќе ви остане во сеќавањата? Наташа Годината што измина почна позитивно. Со нови професионални хоризонти. За среќа така и заврши, со убави настани на приватен и професионален план. Но, убавите моменти беа засенети од случувањата на 27-ми април во Собранието. За жал, минатата година ќе остане во сеќавање токму по тој настан. Првпат во животот почувствував дека може да го загубам животот. Не само јас туку и останатите. Бев сведок и на „Црниот понеделеник“, кога во Собранието се носеше буџетот и кога новинарите и пратениците беа исфрлени од салата. Но, она што тогаш се случуваше е неспоредливо со случувањата од 27 април мината година. Женски Магазин Какви се емоциите од сегашен аспект? Успеавте да го совладате насилството, кое ви остана во глава како лоша слика? Ви тежат ли тие сеќавања? Наташа Помина осум месеци, и сѐ уште не собрав храброст да влезам во Собранието. Иако, еднаш се обидов, не успеав. Се вратив. Сеќавањата не само што тежат, туку и болат. Раскрвавените глави на сегашниот премиер, министри и пратеници, хаосот што го преживеавме со колегите новинари, тешко дека некогаш ќе може да бидат заборавени. Затоа, сега кога слушам какви оправдувања се бараат за оние кои упаднаа во Собранието, не можам да бидам рамнодушна, едноставно, сите тие знаеја што прават. Не може сега да се повикуваат на нивните семејствата. Се прашувам, зошто не мислеа на семејствата кога влегоа во Собрание, зошто не мислеа на нашите семејства, кои додека ги гледаа снимките на телевизија со часови стравуваа дали ќе преживееме. Секој треба да понесе лична одговорност. И оние кои упаднаа барајќи крв, и оние кои со денови подбуцнуваа, и оние кои беа на чело на толпата, и оние кои ги отворија вратите, и оние кои не дадоа наредба полицијата да реагира. Дали Чавков, кога не остави со часови без полиција, мислеше дека е недопирлив. Дали Чавков помисли дека некој таму може да умре? Чавков требаше да биде свесен дека еден ден секој ќе одговара за тоа што го прави.   Женски Магазин Во Македонија е ратификувана Истанбулската конвенција која се за насилство врз жени. Дали некогаш се размислувало или разгледувало насилство врз жени во новинарството? Наташа Тоа е прашање за кое треба да се отвори сериозна дебата. Оваа професија – иако навидум некому можеби му личи дека е едноставна, сепак, носи свои ризици и проблеми, кои треба да се отворат и дебатираат од повеќе аспекти. Женски Магазин Кој е најголемиот предизвик за вас како новинар досега? Наташа Да останеш во новинарството кога гледаш дека работите во земјата и професијата одат во погрешен правец, кога личната егзистенција е доведена во прашање, кога притисоците се огромни, кога ги загрозуваш и своите најблиски, кога се бориш за правда и професионализам, но тоа некому не му се допаѓа. Во вакви услови да не потклекнеш и да не ја напуштиш професијата, тоа за мене досега беше најголемиот предизвик. По затворањето на телевизија А1, девет месеци бев невработена. Целата ситуација беше отежната бидејќи, во тој период, дел од новинарите на А1, како да беа на „црна листа“ за вработување. Можеби, кај мене целата ситуација ја отежнуваше и фактот дека заедно со колешката Сашка Цветковска, ја објавивме сторијата „Списоци“, со која се укажуваше како администрацијата била уценувана да донесе 10 или 15 гласа за време на изборите. За среќа, сега токму таа сторија „Списоци“ е дел од еден од случаите што ги води Специјалното јавно обвинителство. Сепак, од денешен аспект, можам да кажам дека токму тие месеци и покрај неизвесноста која ја донесоа, од друга страна беа тест за многу луѓе кои беа дел од моето опкружување. Женски Магазин Кои се жртвите кои ги зема оваа професија, како професионален избор? Наташа Па не би рекла жртва, повеќе тоа би го именувала како љубов кон професијата, професионализам во работата. Во таа смисла, секако дека има моменти, кога професијата влијае на приватниот живот. Се сеќавам еден свој роденден, наместо да го славам со пријателите, морав да следам штрајк на железничарите на станицата во Трубарево. Имавме и ексклузивни снимки. А за тоа време, моето друштво го славеше роденденот без мене. Минатата година пак, роденденот си го прославив во Бугарија, со премиерите Заев и Борисов кои потпишуваа Договор за соработка. И не само тоа, многу често се случува да отсуствувам или доцнам на важни семејни настани, затоа што сум била некаде на терен, или пак надвор од државата. Секако, подоцна наоѓам време и начин да се извадам за пропуштените мигови со пријателите и семејството. Затоа е важно секој да ја сака професијата, и да биде професионален, бидејќи само така доаѓаат резултатите и успесите. А со добра организација, ниту пријателите, ниту семејството нема да бидат изоставени. Едноставно, кога се сака – сѐ семоже, се друго е само изговор. Женски Магазин Како изгледа Вашиот ден пред вести? Наташа Хаотично. Почнува околу 10 часот наутро, а завршува пред полноќ. Во тие повеќе од дванаесет работни часа треба да се изменаџираат 20-тина луѓе. Да се искоординира која информација каде и како ќе биде пласирана. Понекогаш, високи тонови има дури и додека траат вестите. Секако, тоа е зад камерите. Пред камерите, гледачите не смеат да забележат нервоза или слично. Едноставно, таму си за да им пренесеш информација. Сепак, кога се работи тимски, тогаш се е полесно, особено што дел од колегите во ТВ 24 се и мои пријатели повеќе од една деценија. Женски Магазин Каква е Наташа, надвор од професијата? Наташа Релаксирана. Сакам да сум во друштво на насмеани луѓе. Да патувам, да се дружам. Женски Магазин Кој ви измамува насмевки? Наташа Кога за нечиј успех се борите како да е личен, безусловно, без разлика каде ќе бидете кога успесите ќе се редат, тогаш, насмевките се поубави и поискрени. А велат, насмевката е крива линија што може да исправи многу работи. Женски Магазин Што Ве инспирира? Наташа Секој нов ден е нова инспирација. Но, најголемата инспирација сега ја имам од мојата внука Анастасиа. Секојдневно има ново прашање, нова идеја. Ме инспирира, како едно дете од 10 години може истовремено да биде заинтересирано да тренира уметничко лизгање, но има и желба да научи да свири пијано, зборува англиски јазик како мајчин, и веќе сака да учи друг јазик, да разговара за Трамп и Ердоган, но и да го гаси телевизорот ако има турска серија, и сепак бидејќи е дете да трча со телефонот ловејќи Покемон. Една нова генерација која покажува поинакви вредности и култура. Ме инспирира мојот брат, со неговата упорност да го оствари тоа што го зацртал, чесност и искреност. Од него ја црпам и целата храброст поради несебичната поддршка што ми ја дава. Моите родители и посветеноста на мојата сестра кон нејзиното семејството – сите тие ми даваат огромна инспирација дека во животот не треба да се чекаат совршени моменти, туку да се искористи секој момент за да биде претворен во совршен. Женски Магазин Кои се Вашите очекувања за 2018? Наташа Посакувам мирна година, без потреси како минатата. Државата да закрепне по сите случувања од претходната година. Да закрепне економијата, да се врати довербата во институциите, да го вратиме интегритетот во секоја професија кој низ годините се урниса и да бидеме истрајни на патот кон НАТО и ЕУ. Пред извесно време, една колешка повторно ме потсети на тоа како еден висок функционер од претходната Влада, секогаш кога го снимале одредени новинари, барал снимката да биде само од еден агол, бидејќи од таа страна бил поубав. Очекувам дека тие времиња се далеку зад нас и нема да се повторат а новата владејачка гарнитура, ќе остане фокусирана на она што беше ветување за подобар живот, слобода и демократија. За Женски Магазин, Вики Чадиковска