Интервју Софија Пејкова: Хирургијата секогаш беше мој избор

Добивај вести на Viber

Родените во знакот на Стрелец, велат дека се отворени и весели, секогаш шират позитивна енергија околу себе. Така ја доживуваат и нејзините пријатели. Ја опишуваат како ведра, дарежлива и секогаш оптимистична. Зрачи со својата позитивност. Посветена и како мајка, партнерка, пријателка, но и како професионалец во својот личен избор. Денес разговараме со директорката на Универзитетската клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Софија Пејкова. Женски Магазин - Зошто се одлучивте за пластична хирургија? Што беше пресудно за вашиот избор? Пејкова - Мојата одлука да станам лекар, во голема мера, беше водена од моето семејство, од вредностите, кои се темелат на принципите на искреност, совесност, чесност, посветеност, несебичност на кои моите родители ме научија да ги ценам и практикувам. Од рана возраст се запознав со магијата на емпатијата што се ширеше низ дискусиите на лекарите од моето семејство. Сакав да станам лекар, и тоа го постигнав учејќи и напорно работејќи. Уште на почетокот се воодушевував од лекарите и секојдневно ми се потврдува мојот став дека медицината е навистина посебна, таа не познава религија, раса, класна припадност-таа има само еден предизвик, а тоа е пациентот. Цел на секој лекар е секогаш добро прифатен пациент, успешно лекуван и излекуван. Хирургијата беше мојот избор и не постоеше друга алтернатива за мене. Женски Магазин - Кој е вашиот идол? Постои ли личност од оваа област на која сакате да се угледате? Пејкова - Од 2005 година сум на континуирана едукација заедно со мојот сопруг кој е интервентен кардиолог во Allgemeine Krankenhaus Wien (AKH) Медицински универзитет Виена. Тука работат врвни светски имиња од областа на пластичната и реконструктивна хирургија (Prof. Dr.M. Fray, Prof. Dr. Oscar Aszmann). Тие освен мои учители станаа и мои многу блиски соработници и пријатели. Соработката продолжува и на нашата клиника бидејќи Prof. Dr.O. Aszmann e промовиран за visiting professor на Медицинскиот Факултет Скопје. Во однос на научната работа, во финална фаза е мојата докторска дисертација за откривање на генетските мутации кај метастатскиот меланом што претставува енигма во светски рамки. Тоа е особено важно во третманот на пациентите со метастаски меланом. Од учителите / професори особен импакт на мојата кариера оставија Проф. Др. Јордан Савески, доајен на македонската хирургија и трауматологија и  Проф. Др. Ѓорѓе Џокиќ, еминентен пластичен хирург. Женски Магазин - Каква е Софија кога не е доктор? Како ве доживуваат пријателите? Пејкова - Живот на хирурзите е комплексен, но секој пациент, секоја операција не потсетува дека сме дел од една извонредна професија. Се чувствувам исполнета и среќна со мојата професија како хирург. Уште поголема привилегија е кога можеш да помогнеш и некои работи да промениш на подобро. Но, едновремено тоа е и огромна одговорност и самопредавање. Нашата работа е тимска и полна со предизвици, а целиот тим ги прави алките на синџирот наречен успех! Женски Магазин - Колку вашата професија остава простор за семејството?  Пејкова - Да се ​​биде хирург а, во исто време и добра мајка и  жена не е некомпатибилен процес туку само сложен и бара многу напор, креативност и поддршка од семејството. Женски Магазин -Кои се вредности на кои се научивте во животот? Од што не би отстапиле, по ниедна цена? Пејкова - Од клучно значење во нашата професија е да се биде посветен, потребна е континуирана едукација, бидејќи хирурзите мора постојано да се едуцираат за новите технологии, техники и иновации за своите пациенти. За сето ова неопходно е, многу работа и пред се поддршка, која во секое време ја имам од мојот сопруг и син. Можеби најважната лекција што ја научив е дека кариерата како хирург и бракот бараат рамнотежа. Премногу акцент на некој аспект ги фрла и вас и оние околу вас, надвор од рамнотежа. Ова е очигледно, но како хирург, тоа беше крајно тешка лекција за учење, главно поради природата на она што го правиме. Женски Магазин - Каква е вашата визија за 2018? Кои се целите кои си ги поставивте? Пејкова - Би сакала да го откријам мотото, кое ме следи постојано низ мојата кариера: ОДНЕСУВАЈТЕ СЕ КОН ПАЦИЕНТОТ КАКО ШТО БИ САКАЛЕ ДА СЕ ОДНЕСУВА ЛЕКАРОТ КОН ВАС КОГА ВИЕ БИ БИЛЕ ПАЦИЕНТ За Женски Магазин, Вики Чадиковска