Интервју со Лидија Пачемска: Празниците инспирација за најубавата честитка

Добивај вести на Viber

Да се подари некому честитка или рачно изработена картичка е навистина еден убав и гест од срце. Како помали се радувавме на Новогодишните празници бидејќи со нетрпение чекавме да не фати мама за раче и да купиме честитки за нашите школски другарчиња. Да, оние најшарените и најсветкавите чии светки ни паѓаа врз нашите алишта, а често знаевме како деца и да се преправаме дека сме зимски кралици па ги нанесувавме овие светки и на нашите очи. Подоцна, следеше 8-ми март каде рачно изработувавме картички за најдобрата учителка и нормално за најсаканата мајка, украсувајки ги со најшарени цвеќиња и мини портрет од мама, баба, учителката итн. Но, како што се менува трендот во секоја област, се менува и изработката на картички. Креативниот ум и вредните раце на една уметничка душа умее да направи чуда. Така е и со нашата драга Лидија Пачемска, која се занимава професионално со изработка на картички веќе 10 години. Инспирирана од детството, внесена со цело срце и душа во својата професија, нејзините лимитирани честитки можат да се најдат и во Италија и Велика Британија, а оваа година, таа е учесник и на овогодишниот Интернационален фестивал „UrbinolnAcquerello“ во Италија, земја која е доста инспиративна за Лидија. Денес, зборувавме со Лидија на оваа тема, каде таа со задоволство ни одговори на нашите прашања за Женски Магазин. Женски Магазин -Од каде дојде до идејата да започнете со професионална изработка на картички? Лидија -Како дете се допишував со многу непознати другарчиња и секогаш за нова година или роденден испраќав честитки. Во тоа време баш и немаше многу избор. Отсекогаш нешто работев, сечев, лепев, експериментирав. Недостигот да се купи, постепено ме натера сама да почнам да ги изработувам. Женски Магазин- Изработката на картички е креативен процес кој нормално одзема дел од вашето време. Колку време се занимавате со оваа креативна приказна? Лидија -Чувството кога ќе влезете во слаткарница…е јас така се чувствувам кога ќе посетам книжарница или продавница за арт и крафт и ќе заглавам 2-3 часа. Секогаш наоѓам по нешто интересно. Штета што во Македонија немаме многу избор. При посета на некое место во странство, прво ги барам арт шоповите и галериите. Во зависност што ќе најдам, приказната така се создава. Некаде ќе најдам хартија, на друго место печати, светки, панделки, различни машини… Идеите сами по себе се наметнуваат. Процесот за изработка е бавен, бара многу време и трпение. Женски Магазин -Инспирацијатa е како зелено светло на семафор, кратко трае а долго чекаш да се појави. Од каде Вам ви доаѓа главната инспирација при создавањето на уникатни картички? Лидија -Мене не ми недостасува инспирација, ми недостасува време за изработка, со оглед на фактот дека процесот за изработка е бавен. За една честитка е потребно од пола час до 3 часа, зависи од дизајнот. Доволно време да надојде нова инспирација (ха ха). Женски Магазин -Новогодишните празници се веќе на прагот, а испраќањето на новогодишни честитки со најубави желби се една од поубавите работи во целовкупната Новогодишна еуфорија. Што ни спреми Лидија за претстојните празници? Лидија -Мислам дека подобро ќе беше ако ме прашавте дали воопшто спијам (ха ха). Се што ќе ми падне на памет, периодично работам на сè. На пример, сега работам на честитки, па потоа ќе правам магнети, ламби, па ќе цртам на стакло, потоа на платно… редоследот се менува и е во зависност од тоа што ќе сакам во моментот да работам. Во секој случај ќе биде нешто интересно. Женски Магазин -Годинава ќе ја претставувате Македонија на Интернационалниот фестивал UrbinolnAcquerello во Италија, што е за секаква пофалба. Кои се вашите идни планови за вашето претставување? Лидија- Италија е многу инспиративна за мене, без разлика каде и да се наоѓам. Покрај Урбино, во месец мај ќе имаме групна изложба и во Бишеље – Пуља регионот. Во Црна гора, во Будва пак при крајот на летото. Кај нас во Скопје најверојатно јуни-јули… Женски Магазин -Покрај Скопје, дали би можеле да ги најдеме вашите картички и во другите земји? Лидија -Картичките ги има во Италија и В. Британија. Женски Магазин -Што би им посакале на нашите читатели за претстојните празници? Лидија -Да се живи и здрави, да се сакаат, да имаат убава мисла, да шират љубов и да го уживаат секој момент поминат со најблиските. За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion