Интервју Сузана Јошевска Анастасовска: Луѓето во Македонија се настроени навивачки

Добивај вести на Viber

  Силна, пожртвувана и посветена како мајка. Нежна и полна со љубов, како партнерка. Борбена и прецизна, кога е во прашање битката за вистината и животните вредности. Моќна и професионална како адвокат. Девојчето во фармерки кое сонуваше да стане судија, израсна во силен професионалец, кој се бори за столбовите на правната сигурност. Со нас срдечно ги сподели своите сништа, вредности и предизвици, како жена, мајка, партнерка, но и како професионалец и човек. Сузана Јошевска Анастасовска е мошне интересен соговорник. На Женски Магазин ви откриваме и зошто.

Женски Магазин Деновиве имавте одличен став, за разликата меѓу правдата и правдината. Некако кај нас многу нешта се измешани. Тешко сфаќаме дека секој од нас како активен член на ова општество има свои права, но и обврски. Од тоа произлегуваат одговорности. Свесни ли се луѓето кај нас од последиците на нештата кои ги преземаат? Каков е вашиот впечаток од аспект на вашата професија? Ги разликуваме ли правдата од правдината?

Јошевска Една од првите лекции на правен факултет е разликата меѓу правото и правдата и кој успее да ја разбере, всушност ја разбира и целта на правото.

Луѓето се генерално навивачки настроени и ретко рационални. Од разни причини одбираат опција која сакаат да ја поддржуваат и тогаш нивната свест за тоа што е правилно, праведно или вредно за борба како наеднаш да се стеснува. Добиваат, како се вели, „тунелски поглед“. Кога нивната опција „победува“, навиваат и не размислуваат дали на големата слика губат. Немаме свесност за систем и процедура, а тие се столбовите врз кои почиваат човековите права.

Мојот став е дека процедурата е светост, а не само форма и дека нејзиното почитување во комбинација со почитувањето на човековите права е гаранцијата дека системот нема некогаш неправедно да се сврти против мене, без оглед дали утре јас ќе бидам дел од „губитничкиот“ тим. А тоа се вика правна сигурност. А ако имаш правна сигурност, се чувствуваш слободно. А кога си слободен можеш да работиш, да твориш, да создаваш. А ако создаваш си општествено корисен…И така, ланецот продолжува. Ете толку е важно енергијата да ја трошиме на градење на системот и да преземеме одговорност, а не гладијаторски да се радуваме на распарченото месо.

Женски Магазин Кои се настаните кои за Вас ја одбележат 2017? 

Јошевска Не сум сигурна дека сѐ уште знам. Вообичаено немам таква способност. Ми треба некое време да помине за да добијам дистанца и да се рефлектирам на што поминало. За мене лично, 2017 беше поприлично предвидлива година, логичен продолжеток на 2016 која пак, за разлика од оваа година, ја почувствував повеќе како некој пресврт.

Женски Магазин Кој беше вашиот личен предизвик да го изберете правото како ваша професионална определба? 

Јошевска Искрено, првично правото го избрав по пат на елиминација, не како определба. Кога се одлучував после Корчагин каде, знаев точно што не сакам, а не што сакам. Во моето потесно и пошироко семејство нема ниту еден правник, немав пример, немав некој да ме насочи, ниту пак да ми влијае. Сметав дека во тоа можам да бидам добра и се запишав.

Цело студирање сакав всушност да бидам судија, па така наивно, веднаш кога го земав уверението директно од факултетот преминав улица и отидов во суд да прашам како таму да почнам да работам. Сите ми се чудеа, од судската полиција на врата, до секретарот на судот. Јас бев девојче во фармерки влезено од улица, ничие, кое бара да волонтира во суд со оригиналното уверение во рака. Ама ме примија. И тогаш почнав да ги гледам вистинските убавини на правото. За жал, после една и пол година сфатив, со помош и во разговори со една судијка кај која последните месеци волонтирав и која сѐ уште ја нарекувам мојата „професионална мајка“, дека поради многу причини не сум јас за работа во судот и заминав во адвокатурата и никогаш не зажалив.

Мојата љубов кон правото е вистинска, изворна, искрена, растела и се развивала постепено. Сега е толку составен дел од мене што јас не можам да се замислам да бидам што било друго. Јас имам глад и жед за право, никогаш не се изморувам од читање, уживам во правни дискусии, уживам да читам добри пресуди и ставови (иако се поретко ги има). Истовремено, сакам да победувам и задоволство ми е да помагам. А сето тоа прави да си ја сакам професијата.

Женски Магазин Како се чувствувавте кога во реалноста се соочивте со вашиот прв практичен случај. Колку она што го студиравте ви беше „инфузија“ на терен? 

Јошевска Кога почнуваш со пракса, сѐ што си учел почнува да добива некоја смисла. Со завршен факултет всушност ништо не знаеш, но ако солидно си учел си изградил правна логика која трае цел живот.

Факултетот ми ја даде основата, ги знаев добро правните институти, го знаев речникот, знаев која е мојата улога, убаво пишував и убаво зборував, но за да бидеш добар адвокат треба многу да се подготвуваш, да читаш одново и одново и да не се плашиш од работа. Треба да си храбар и одлучен и никако да не си мотивиран на почетокот од парите, туку од работата сама по себе. Клиентите тоа ќе го препознаат и парите неминовно ќе си дојдат. Јас сум 15 години правник, повеќе од 12 години адвокат. Се градев и учев со ред и сметам дека тоа е единствениот начин. Нема прескокнување на скалила, само посветеност и работа.

Женски Магазин Дали постои родова еднаквост во вашата професија? Дали има родова дискриминација? 

Јошевска Адвокатурата изобилува со жени адвокати, правосудството генерално изобилува со жени - судии, обвинители, правобранители, нотари, извршители. Од тој аспект, нема родова дискриминација. Системски, како жени можеби ја чувствуваме дискриминацијата онака како што ја чувствуваат жените од која било професија иако јас лично, не сум пример за тоа. Но, има многу примери околу мене.

Никогаш не сум се почувствувала дека само затоа што сум жена, нешто не можам или ми е ускратено. Јас имав поддршка од сите машки членови на моето семејство и пред да се омажам и никогаш не ми било кажано-ама ти си жена“ или „ти си девојче“. Сега ја живеам во целост родовата еднаквост со мојот сопруг и знам дека тоа е реткост на овие простори. Не сум растена стереотипно и можеби заради тоа сум сензибилизирана по прашањето на родова еднаквост и повеќе од другите, па секогаш кога можам, ги бранам жените и нивната борба за целосна рамноправност.

Мојот став по прашањето на целосна рамноправност (не еднаквост, има разлика) е јасен и не ти треба долго време да ме познаваш за да знаеш дека не можеш ништо помалку да ми наметнеш. И имам среќа да сум опкружена со луѓе кои тоа го почитуваат и без да го побарам.

Женски Магазин Кој лик го сметате за мошне инспиративен во вашата професија? 

Јошевска Сакам да посетувам конференции и семинари и таму ја наоѓам инспирацијата за повеќе и подобро. Секој пат кога ќе запознаам странец-колега, независно дали е адвокат, обвинител или судија, кој ќе се појави како предавач на некоја конференција, неговото знаење, ораторски способности, држење на вниманието на слушателите, беспрекорната комбинација на поткованост со пракса, искуство и теорија ми е предизвик и инспирација да станам подобра. Во Македонија ретко се наоѓа човек за инспирација. И кога можеби мислиш дека си го нашол всушност си само чекор од тоа да се разочараш. Ми се случило неколку пати.

Женски Магазин Каква е Сузана како мајка? Имате две прекрасни дечиња. Кои се вредностите кон кои сакате да ги насочите? 

Јошевска Сѐ што знам сега е дека се трудам и давам сѐ од себе. Се надевам дека е доволно, се надевам дека ги преземам правилните чекори. Се трудам да сум присутна и посветена, да изградам искрен однос и да чувствуваат дека ги сакам и дека ми се најважни. Немам очекувања од нив, единствено што сакам е да пораснат во емпатични личности, кои ќе имаат самодоверба, но ќе се грижат за чувствата за другите. Да бидат самостојни, да веруваат во себе и да ги почитуваат сите луѓе. Треба да научат дека не се центарот на светот, дека сами мораат да си ги завршуваат нивните работи и дека семејството е важно.

Женски Магазин Љубовта за да живее бара нега. Кои се вашите мали љубовни ритуали? 

Јошевска Со Мартин уште на почетокот воспоставивме некои „слатки правила“ кои се договоривме дека не смеат да се прекршуваат. Но, не сметам дека е тоа најзначајно. Љубовта се негува со постојано разбирање, почитување и поддршка. Многу поважен е здравиот однос и само доколку го има, љубовните ритуали имаат смисла.

А тоа значи да се разговара без навреди или омаловажувања, колку и да не се согласуваме за некоја работа, да не се игнорираме, да се слушаме и отворено да разговараме со цел да се договориме, а не некој да излезе победник, а некој губитник. Не му е лесно, јас многу зборувам, хахаха. Башка од зборувањето заработувам. Но, се трудиме…

Јас го поддржувам во сѐ што прави, колку и некогаш да ми изгледа бесмислено, тој ме поддржува во се јас што правам иако можеби не се согласува целосно. Ние сме навидум многу различни, но за клучните работи и животни прашања имаме идентични ставови. Една од работите која не одржува е заедничката определба дека децата се најважни, но важни сме и ние. Се трудиме колку е можно да поминеме одвоено време сами, дали вечера, кино, концерт или викенд и тогаш се потсетуваме дека не сме само татко и мајка, туку и маж и жена.

Женски Магазин Активна постојано. И покрај обврските, негата кон спортскиот дух, останува активна. Дали тоа го одржува вашиот дух, освен секако вашата одличната линија? 

Јошевска Оној момент кога спортувањето ми стана време за себе, а не алатка за добро тело, вистински ги почувствував сите негови благодати. Мојот спортски гуру и моја вечна инспирација е Марија од Girl’s Work Out која за мене е многу повеќе од само тренер. Нејзината енергија и љубов на часот ми се замена за каква било хемија што може да се купи во аптека. Мислам дека секој треба да си најде своја „Марија“, па нека биде тоа и кејот на реката Вардар. Јас подеднакво сакам и да трчам, полумаратоните ми се супер дистанца за трчање и искрено верувам дека трчањето полумаратон има многу повеќе бенефит од само оној спортскиот. Бидејќи се натпреваруваш со самиот себе, со својот умор и со условите во кои трчаш, за да постигнеш цел, а тоа сигурно влијае не само на духот туку и на карактерот.

Женски Магазин Кој е професионалниот предизвик кој во кариерата си го означувате како врв кон кој ќе се насочите во иднина? 

Јошевска Во март 2018 година со мојата колешка и партнерка Снежана Станковиќ одбележуваме 10 години работење на Адвокатската канцеларија СТАНКОВИЌ и ЈОШЕВСКА. Канцеларијата се развиваше во насока во која сакавме и сме многу задоволни со постигнатиот успех. Единствен врв кон кој се стремам е да оставам зад себе  професионална, етично и добро обучена канцеларија која ќе го задржи моето име на фирмата и ќе претставува синоним за добар адвокат.

И на добар пат сум тоа да го остварам.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска