Интервјуа // Интервјуа
Интервју Томислав Георгиев: Најубавите фотографии се полни со љубов
Тој е момчето од Битола кое разговара преку фотографии. Неговите дела се моќни и навистина посебни. Пренесуваат силна порака. Во прилог на неговиот успех, говорат многу награди. Кога сте со него, знаете дека додека разговарате, тој лови со погледот некоја интересна приказна, која ја пресликува во своите дела. Денес разговараме со Томислав Георгиев, фотографот кој го слика животот и емоциите во него.
Женски Магазин Кои се фото приказните, кои според вас ја одбележаа 2017?
Томислав 2017 година беше година во која го одбележа крајот на една ера и почетокот на друга. Навидум крај на старото и почеток на едно ново време. Фотографиите го забележаа токму тоа. Почетокот на годината беше време на надеж и исчекувања од една страна и борба да се задржи старото по секој цена. Потоа поделбата на луѓето. Спротивставеноста на ставови. Битките кои се водеа на улиците на Градот. Кулминацијата на настаните беше она што се случуваше на 27 април во Собранието. Фотографиите го доловија токму тој момент кога го допревме дното како луѓе и како систем. Тоа беше и пресвртот и почетокот на едно ново време. Допрва ќе видиме какви настани и емоции тоа ќе донесе.
Женски Магазин Што ве привлече да бидете зад фото апаратот? Кога се роди љубовта?
Томислав Стално ја кажувам како анегдота, приказната како планирав да работам како фоторепортер само 3 месеци кога бев студент, со цел да имам доволен џепарлак за патување по Европа…тоа беше пред скоро 20 години.
Женски Магазин Која ваша новогодишна фото приказна ја сметате за посебна?
Томислав Новогодишната фотографија секогаш има посебна енергија затоа што го доловува моментот кој сам по себе е полн со надеж и исчекување. Исчекување на годината која треба да донесе надеж, љубов и подобро утре. Таа надеж се отчитува од лицата на луѓето, па и токму затоа најубавите фотографии се токму оние со лицата со насмевки и очи полни љубов.
Женски Магазин Вашите фотографии имаат навистина интересни пораки. Умеат ли фотографиите да „зборуваат“?
Томислав „ Во фотографијата постои реалност толку суптилна што станува пореална од реалноста“. Ова е познат цитат на Алфред Стиглиц која е одличен одговор за тоа колку фотографиите „зборуваат“. Добрата фотографија ќе ве расплаче, ќе ве развесели, ќе ве направи среќни или ќе направи да се чувствувате виновни, одговорни… Затоа што во себе носи нечија судбината, нечија приказна, момент на среќа или момент на тага.
Женски Магазин Може ли една информација да биде вест без фотографија?
Томислав Фотографијата сама по себе е вест. И во смисла на новинарски жанр, но и според силината на емоцијата и пораката која ја носи во себе. Информацијата пренесена преку текст секако ќе биде повпечатлива ако се долови и преку фотографија.
Женски Магазин Вашите фотографии се објавени на странците на повеќе, светски тиражни весници. Дали медиумите надвор од Македонија имаат професионален приод кон фотографското авторство?
Томислав Секако дека имаат. Законската регулатива на авторското право е скоро идентична, ама практикувањето тоа е друго прашање. Кај нас се мисли дека ако една фотографија ја има на интернет, дека тоа е општо добро и може секој да ја користи. Жал ми е што дури и во регионов почитувањето на фотографското дело е најниско ниво, нешто за кое се надевам во следниот период преку новинарските здруженија ќе го артикулираме како проблем и ќе најдеме решение.
Женски Магазин Соработувавте и со УНИЦЕФ. Какви се вашите впечатоци од таа соработка?
Томислав Соработката со УНИЦЕФ отвори едно ново поле во мојата работа. Се соочив со ситуации пред кои до сега не сум бил исправен. Да се работи со деца, особено со деца со посебни потреби е нешто што ве менува и како човек и како фотограф. Она што го добивате на фотографијата, емоцијата која ја пренесуваат децата ве надградува и како човек и ви ја менува перцепцијата за нештата. Тоа се фотографии кои пренесуваат во исто време една огромна среќа, болка но и толку многу надеж, а пред сѐ без резервна љубов.
Женски МагазинКои се вашите предизвици за 2018? Дали во 2018 ќе има нова изложба од вашите дела?
Томислав Имам многу планови за 2018 година. Почнувам нов проект за фотографии ја продолжувам соработката со УНИЦЕФ. Следуваат нови проекти и предизвици.
Веќе на почеток на следната година ќе има една многу интересна изложба презентирана со еден некомерцијален пристап. Се надевам и дека конечно ќе ја завршам и објавам книгата со сè уште работен наслов „Skopje 2014“.
Женски Магазин Како изгледа Дедо Мраз од фотографиите на Томи?
Томислав Изгледа вистински и не толку стар. Тоа е Дедо Мраз од нашиот град и од нашето секојдневие. Истовремено и вистински и надреален, впрочем исто како и градот во кој живееме. Во Дедо Мраз кој кога го гледате нема да знаете каде да ја повлечете границата меѓу реалноста и фантазијата. Можете да го сместите онаму каде што сакате. Тој е онолку реален колку што се емоциите на неговото лице а во исто време е дел од фантазијата на вашите деца. Тоа е впрочем магијата на фотографијата и магијата на празинците.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска