Интервју Јагода Михајловска Георгиева: Само напред и угоре главата!

Добивај вести на Viber

Таа  една од оние жени, кај кои убавината на душата се надзира од насмевката која широко го краси нејзиниот лик. Ведра и добронамерна, топла и отворена за секој, посебно за ближните. Храбра кон животните предизвици, но и кон пишаниот збор. Маврово е местото каде го наоѓа спокојот во душата. Планинарењето е едно од хобијата кои осебно ги негува. Писател, новинар, мајка... Има уште многу работи за дамата која е навистина инспиративна. Денес на Женски Магазин, ја позајмуваме Јагода Михајловска Георгиева. Поводот е нејзиниот последен роман кој се појави во јуни, 2017.

Женски Магазин Годината што измина веројатно ќе ја памтите по многу нешта. Но, сигурно романот Манастир Фуентерабија“ ќе има посебно место. Што ви беше инспирација за него?

Јагода Моите јунаци се заробени во своите љубови, телесни или духовни, сеедно, вманастирени се во себе и во своите опсесии од различен вид. Немаат „очи“ за Другиот, само за себе, тонат, повлекувајќи ги и саканите на дното од „океанот“, и не е случајно што дејствието се одвива крај океан, во гратчето Фуентерабија…Јас се обидов да „ги спасам од давење“: -). Токму Слободата (намерно го пишувам овој збор со голема буква) ми беше инспирација за „Манастир Фуентерабија“. Го пишував четири години, тоа беше, впрочем како и секое пишување роман, мое доброволно, но истовремено и љубовно ропство: неслобода да го живеам секојдневниот живот со „полни гради“ зашто животот на книжевните ликови деноноќно ме опседнуваше. Нешто многу слично на заробеноста што ја предизвикува страсната заљубеност. Годината што измина ќе ја паметам по ослободувањето во секој поглед, моето лично и нашето колективно. Романот беше објавен пролетта, токму во периодот кога за прв пат по многу години, ако не сите, тогаш мнозинството во нашава земја, почувствува своевидно будење, „слободно дишење“.

Женски Магазин Која е пораката што ја испраќате до читателската публика со овој роман?

Јагода Не е една, многубројни се. Меѓу нив и: да се сака, без да му се загрозува слободата на саканиот. Но, и: нема разлика меѓу телесната и духовната љубов, како ни меѓу биполовата и еднополовата. И уште: бидете храбри, прескокнете ги сопствените манастирски ѕидови“ и ширум отворете ги очите и душите за светот и луѓето околу вас. И уште…и уште…

Женски Магазин Какви се реакциите на публиката? Дали го препознаа она што им го испративте како свој сигнал?

Јагода За едни ова е (само) љубовен роман, за други (проблематично) задирање во верските чувства и прашања, за некои пак, „одење по жица“ и кокетирање со темите на хомосексуалноста. Ги има и такви кои сметаат дека романот не е добар во споредба со моите претходни, наградените „Каменот од Твојот ден“ (Рациново признание) и „Индиго Бомбај“ (Роман на годината на „Утрински весник“), наспроти тие што велат дека е извонреден, најдобриот мој досега.Воодушевени се оние, што според мене, поседуваа одважност „да се препознаат“ во романот, согледувајќи се себеси, секој од различни аспекти. Благодарни ми се што сум ги повела на патување низ самите себе по патот на самоослободувањето. А, таквите се најбројни, што значи, сигналот стасал.

Женски Магазин Кои писатели ве инспирираат?

Јагода Инспирирана сум од секој оној што во мигот кога ќе дочитам негово дело ми буди силен порив (дури и на глас) да воскликнам - Браво Мајсторе, ти благодарам!, најдлабоко поклонувајќи му се. Неодамна тоа ми се случи со романот „Сенка“ на ирскиот писател и режисер Нил Џордан, на Борислав Пекиќ „му симнав капа“ за „Атлантида“ (пред триесетина години и пак при скорешното препрочитување), исто така на Арундати Рој за „Богот на малите нешта“, на Фернандо Песоа за „Книга на немирот“, на Орхан Памук речиси за сите романи…Достоевски, Толстој, Иво Андриќ ми се „мои еднаш засекогаш“, како и Маргерит Дирас и големиот Блаже Конески, неповторливиот. И други…и други…долг е мојот список.

Женски Магазин Која книга ја препорачувате како задолжително четиво за секоја жена?

Јагода „Стварен живот“ на Маргерит Дирас и сите други нејзини романи, „Љубовникот“, „Модерато кантабиле“, „Болка“…

Женски Магазин Можат ли да успеат жените во земјава без притоа да се соочат со дискриминација во своите професии?

Јагода Има толку многу успешни жени кај нас, што нивните сјајни професионални кариери ова прашање автоматски го сместуваат во зоната на анахроните. Па, сепак, не би смееле да сме глуви и слепи за оние другите кои на своја кожа ја почувствувале дискриминацијата. Таа, за разлика од порано, многу почесто е подмолно камуфлирана, не е на „на очи“ на јавноста. Но, ние, жените, сме одговорни и должни отворено да ја раскринкуваме. Не вреди да се поплакуваме, туку да ги преземаме женските прашања и нашата судбина во сопствени раце. Посилни сме отколку што понекогаш ни се чини.

Женски Магазин Ви недостасува ли медиумската работа?

Јагода Ни најмалку. Напротив, се чувствувам радосно ослободена откако го заокружив мојот новинарски работен век. Со децении бев новинар, колумнист и филмски критичар во пишаните медиуми, 17 години бев уредник во Телма телевизија од нејзините почетоци до пред три години. Доволно и предоволно. Сето тоа е зад мене, а сега, и пред мене, е периодот што јас си го именувам според насловот на една чешка, филмска комедија: „Седам на гранка и добро ми е“.

Женски Магазин Кои се вредностите кои им ги посочувате на членовите на вашето семејство? На што инсистирате?

Јагода Никогаш не инсистирам и се трудам да одбегнувам мои „проверени рецепти“, тоа е опасен и често контрапродуктивен метод. Себеси „пасивно се нудам“ како можен модел, мојот животен пат, мојот оптимизам, мојата верба во вистината, слободата, љубовта и сочувствувањето со другите, чесноста, правдољубивоста…Сето ова е општопознато, можеби избанализирано од пречеста употреба. Но, ете, штом истите вредности ги препознавам и кај моите деца, син ми Гордан и ќерка ми Бистра, веќе возрасни, зрели луѓе, значи дека маж ми и јас сме успеале да им го пренесеме најдоброто. Една од девизите на баба ми Менка, мудра и храбра жена, им ја „вградив“ преку себе и на децата, а сега продолжувам и на внуците: Само напред и угоре главата!, додавајќи: Бидете свои и верувајте во себеси!

Женски Магазин Каква е вашата визија за оваа, 2018 година? Кои се целите што си ги поставивте?

Јагода Визијата ми е во духот на споменатата девиза – „Само напред и угоре главата!“ низ Светлина со Љубов за Слобода. А целите? Да продолжам да (си) седам на гранка, сладејќи се со плодовите од моите досегашни и идни години.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска