Интервју со Министерката Зорица Апостолска: Очекувам жените да демонстрираат храброст и одважност

Добивај вести на Viber

Непосредна и срдечна. Сензитивна во поглед на родовата еднаквост. Со своја визија. Таков ни е впечатокот за Министерка Зорица Апостолска. Својата мотивација ја црпи од најблиските. Ги сака малите работи кои го разбувуваат животот. Сака дружење со пријатели, претстава, но не исклучува читање книга и она што ние лично го поздравуваме возењето велосипед. Во нејзиното портфолио стои дека дипломирала на Економски факултет Св. Кирил и Методиј, Скопје - насока, банкарство и финансии. Во својата професионална кариера се стекнала со повеќедецениско искуство од областа на банкарството и финансиите. Денес разговараме со Министерката без ресор, задолжена за  странски инвестиции, Зорица Апостолска Женски Магазин Можат ли жените да се изборат за своето место во општество како Македонија? Апостолска Во секоја жена постои енергија за започнување на одредени промени, односно за унапредување на своето место во општеството. Кога сме кај Македонија, мислам дека за да се ослободи таа креативна или, во родова смисла, наталожена револуционерна енергија, треба жените да почнат да работата на промена на својот менталитет. Едноставно, да тргнат од самите себеси, затоа што индивидуалните промени ќе донесат и колективни. Често пати жените фокусирајќи се на родовите прашања, занимавајќи се со родовата нееднаквост и барајќи еднаквост прават да им се случува таа нееднаквост, да ја толерираат и да не ја препознаваат. Во нас, во жените, мора да созрее чувството за еднаквост и тоа да го практикуваме и применуваме индивидуално во секоја сфера од нашето живеење, и секако, да веруваме во себе. Борбата за нашите права не е само индивидуална, туку вклучува и институционални аспекти, односно потребно е вградување на родовата перспектива во сите политики на системот. Верувам дека секоја жена во Македонија има сили да се издигне над сите парадигми кои општеството ги поставува и на тој начин последователно да предизвика промени во целокупното општествено милје на живеење, за на крајот да видиме дека жената може да биде одговорен политичар, успешен бизнисмен, ефикасен менаџер, познат научник. Женски Магазин Кои се најмоќните жени лидери на денешницата, според Вас? Апостолска Ангела Меркел е жената која повеќе од една деценија дава белег не само на германската и европската политика, туку напротив, успеа да остави свој личен белег и на светската политика. Недвосмислено покажа дека во жените лежи лидерство, храброст и способност за носење на тешки и важни одлуки, кои со децении се препишуваа само на мажите. Тоа е жена која ги скрши стереотипите во политиката и успешно продолжува да докажува дека не постои поделба помеѓу машки и женски професии. Женски Магазин Каква е вашата визија за жени лидери во Македонија? Апостолска Профилирани личности со интегритет, исполнети со самоувереност и храброст, надоградени со знаење и вештини. Способни да одговарат на сите предизвици кои ги наметнуваат брзите општествени, политички и економски промени. Ослободени од баластот на родовите стереотипи на 19 и 20 век, чиј редицидиви сè уште може да се почувствуваат во моментот во нашата земја. Тоа би биле, истовремено, мајки и менаџери на големи компании, сопственички на големи бизниси и сопруги, носители на високи политички функции и вистински дами. Очекувам жените да демонстрираат храброст и одважност во намерата за реализација на своите идеи и предлози во општеството, без притоа да подлегнуваат или да се обесхрабруваат од тоа што непосредното опкружување мисли или очекува од нив. Тоа би било чин на слободата во кој жената ќе покажа и докаже дека професионалниот и приватниот живот, успешната кариера и семејството, може да бидат хармонично усогласени, и тоа во корист на целокупното општество. Женски Магазин Каква е Зорица, надвор од позицијата Министер? Апостолска Јас себеси се сметам за смирена и дружељубива личност. Се трудам и сакам да бидам добра мајка, сопруга, искрен пријател и роднина. Женски Магазин Што ве радува, како се мотивирате? Апостолска Секој нов ден ме радува, а треба и сите тоа да ги радува бидејќи тоа значи живот. Женски Магазин Како почнува вашиот ден? Апостолска Денот задолжително со започнувам со пиење на утринското кафе, а потоа следат подготовките за работни обврски. Женски Магазин Што ви дава сила? Апостолска Секој успех, мој но и на моите блиски ме мотивира и ми дава сила и поттик за нови достигнувања. Женски Магазин Кој беше вашиот сон кога почнавте со вашиот професионален ангажман? Дали ги остваривте целите кои си ги зацртавте? Апостолска Во мојата работна кариера, која е доста богата и долга, секогаш ми беше многу важно, да работам со тимови во кои го прифаќав туѓото искуство, а едновремено го давав моето. Почитувањето на туѓото мислење е важно, независно на која позиција некој се наоѓа. Во мојот професионален живот сум била на многу раководни позиции и целта ми беше да изградам солидни професионалци со респект кон работата и колегите. Женски Магазин Имате ли време за себе, покрај бројните обврски кои ги имате? Апостолска Да обврски имам многу, но со добра организација на времето може да се посвети дел од него и за себе, а тоа е да се биде со семејството, дружењето со пријателите, да се посети некоја претстава, да се прочита книга, да се вози велосипед и слично. Се ова што го наброив не секогаш може одеднаш да се применува, но важно е да не се заборави секојдневието што е околу нас и без кое не можеме. Женски Магазин Сметате ли дека жените лидери во Македонија, можат да дадат свој придонес во подобрување на условите за жените? Апостолска Жените лидери во Македонија секако дека може многу да влијаат на подобро позиционирање на жените. Ние жените треба многу да посветуваме внимание на женската солидарност и меѓусебната поддршка и фаворизирање. Секогаш треба да ни биде испружена раката кон раката на другите жени, затоа што така сме посилни, поцврсти и поуспешни. За Женски Магазин, Вики Чадиковска