Интервјуа // Интервјуа
ИСКРЕНО СО ПОП-ПЕЈАЧОТ АЛЕКСАНДАР БЕЛОВ: Поради девојка ми се преселив во Србија
Ако зборуваме за кариера во Македонија од денешен аспект не знам дали е паметно младите да се пријавуваат на музички шоу програми. Едно поради сите тие работи во позадина, а второ затоа што по појавувањето таму постои шанса само да се настапува по клубови и да се добие публика стекната само на туѓи песни, кои се веќе огромни хитови. Времето е многу променето. Сега „ѕвезда“ можеш да станеш и да направиш добар кавер на некој хит, уплатиш реклама по социјалните мрежи и ете ти пак настапи. Македонската музика е во тешка криза еден подолг период и вредностите се загубени.
На неговата неделна агенда, речиси секој ден стои настап во различен град, во Македонија и во Србија. Александар Белов, ѕвездата на „Операција триумф“, годинава ќе прослави десет години од неговото појавување во тоа реално-музичко шоу. Без оглед што како што вели не ја доживеал популарноста која по ОТ ја очекувал, упорноста и љубовта кон музиката го води напред. Секогаш насмеан, скромен и љубезен, Белов во себе ја носи топлината од истокот. Последниве неколку месеци поради љубовта кон својата Јелена Станковиќ, економистка од Крагуевац, тој го напушти својот стан во Скопје, и се пресели во Србија, не заборавајќи ја при тоа и неговата публика во Македонија и своето Неготино. За прв пат во својата кариера, Белов на поинаков начин зборува за љубовта, и за својот музички пат кој самиот го изодил.
[caption id="attachment_11350" align="aligncenter" width="651"] По Операција Триумф очекував многу повеќе, и можев многу повеќе но малкумина знаат дека тоа не беше до мене.- Александар Белов[/caption]
Женски Магазин- Се чини дека си рекордер со настапи оваа година, имаш ли бројка, колку свирки имаше и каде се настапи?
Белов- Оваа 2017 година дефинитивно имав доста настапи, за бројка точна не знам, но може да кажам дека „сума сумарум“ не сум работел пет-шест викенда оваа година заради некакви приватни обврски. За разлика од претходните години освен во Македонија оваа година имав доста настапи и во Србија така што доста километри поминав, но како што велат ако го работиш тоа што навистина го сакаш ништо не е тешко. Публиката е таа мотивација која ми дава енергијата од Штип во петок, саботата веќе да сум во Јагодина. Еве јавно благодарност до сите менаџери и сопственици на клубовите на одличната соработка која се надевам ќе продолжи и во 2018.
Женски Магазин- Поради твојата девојка Јелена, се пресели од Скопје, а Крагуевац во Србија ти стана втор дом. Како успевавте да ја негувате љубовта на далечина?
Белов- По 8-9 години живеење во Скопје, таа далечина беше мал непријател во нашата врска а тоа најдобро го знаат тие кои се, или биле во врска на далечина. Веќе извесен период имам два дома, едниот ми е во моето Неготино, а вториот ми е во Крагуевац, но како тргнало автопатот Е-75 ми е оној вистинскиот (се шегувам). Скопје морам да признаам дека ми недостига и еден куп драги луѓе кои се таму, но секогаш наоѓам време да дојдам и впрочем ништо не е далеку, денес за неколку часа можеш да стигнеш насекаде. Така да таа далечина која постоеше сега е сведена на минимум, затоа што се трудиме да секое слободно време го користиме да сме заедно.
[caption id="attachment_11347" align="aligncenter" width="640"] Вистинскиот чекор јас го направив во периодот кога баш бев учесник во првата сезона од „Танц со ѕвездите“. Тогаш таа изненадно дојде да ми биде поддршка на снимање. Таму се појавија тие први искри.- Александар и Јелена[/caption]
Женски Магазин- Како се запознавте и што е она што најмногу го сакаш кај неа?
Белов- Чола би отпеал вака ‘’Давно је то некад било… “ е така да, баш беше одамна. До сега тоа никаде го немам кажано но еве сега ќе откријам. Приватно се знаеме многу подолго како пријатели, но некако тој вистинскиот чекор јас го направив во периодот кога баш бев учесник во првата сезона од „Танц со ѕвездите“. Тогаш таа изненадно дојде да ми биде подршка на снимање. Таму се појавија тие први искри, неочекувано и спонтано се започна од тогаш, а неколку месеци подоцна ја започнавме нашата приказна која трае до ден денес. А она што најмногу го сакам кај неа е еден подолг список на работи, но само ќе кажам дека Јелена ми е најголемата подршка и мотив, најдобар другар и пријател кој сум можел само да си го посакувам. Едноставно џабе не рекле дека Вага и Водолија е најдобрата комбинација.
Женски Магазин- Колку време сте заедно и сте размислувале ли за свадба, брак?
Белов- Веќе четири и пол години сме заедно, и нормално е дека гледајќи од страна сите мислат дека се ближи денот, но јас многу одамна на шега изјавив дека ќе се женам на 33 години, и како тргнало не сум далеку да и тоа се случи тогаш, но сепак може да биде и порано. Живееме долг период скоро па заедно и бракот и свадбата е еден драг момент кој треба да се случи и ќе се случи, а ако кажам сега, нема да биде изненадување. А што се однесува до селењето заедно ќе одлучиме каде ќе живееме, среќа па се е близу и тоа нема да претставува никаков проблем, јас сум личност која се приспособува секаде. Не е важно каде си туку со кого си.
Женски Магазин- Какви спомени и искуства носиш од шоуто „Операција триумф“ каде што го освои третото место?
Белов- „Операција Триумф“ е шоу програма кој како етикета мислам дека ќе го имам до крајот на животот. Едноставно, како што Меси каде и да заигра ќе го паметат сите како играч на Барселона, така јас сум Александар Белов Операција триумф, хахаха. Наредната 2018 ќе поминат точно 10 години од почетокот на моето јавно појавување. Тоа е едно искуство кое секој кој се занимава со музика би сакал да го доживее. Но, како што се вели се што е слатко тоа е и кратко. Така, добрата страна е додека трае тоа шоу, а каде што има добра страна постои и лоша, а лошата е што кога ќе се изгасат камерите што понатаму? Да, сега ми се случи триумф знам како, но на 21 година, без ден искуство во шоу бизнисот не знаев како, што е и нормално. Но реално инстант популарноста кој секој ја добива по некое такво музичко шоу, скоро па да не постои некој кој ја задржал. Но, сепак да не беше таа „Операција триумф“ ќе имав потежок пат да го работам тоа што навистина го сакам. А најдоброто од ОТ е богатството од луѓе кои ми беа цимери цели 100 дена, со кои и до ден денес сме во контакт, и искуството да застанеш рамо до рамо со најголемите балкански ѕвезди.
[caption id="attachment_11351" align="aligncenter" width="652"] Настапував по фестивали како во Македонија така и по бившите Ју републики, пеев по клубови, бев и радио-ТВ водител, научив и да танцувам во шоуто Танц со Ѕвездите правев се само да не исчезне инстант популарноста која ја добив.[/caption]
Женски Магазин- Мислиш ли дека по шоуто направи музичка кариера каква што замислуваше?
Белов- Како ми тргна решив ова интервју да ми биде реално и искрено. Па затоа ќе кажам дека по ОТ очекував многу повеќе, и можев многу повеќе но малкумина знаат дека тоа не беше до мене. Ја имав публиката која тешко можеш да ја собереш во толкав голем број, ја имав поддршката од медиумите која ја имам и до ден денес, колегите со многу поголемо искуство без лицемерие ми рекоа од срце добредојде на македонската музичка сцена, имав понуда за соработка и од продукција за која секој може да посакува да работи со нив, имав понуди за договори од големи компании во Македонија кои несебично сакаа да ми помогнат за старт. Но ете, од толку добри работи што имав, го имав и пет годишниот договор со продукциската куќа која го реализираше шоуто. Рампата беше спуштена, а со тоа и патот за успешна кариера затворен. Зошто беше тоа така и зошто се прокоцка таа шанса за мене ќе остане до ден денес енигма. И кога останав со врзани раце едноставно правев се сам, за да и се оддолжам на публиката колку толку, а таа ми беше најголемата поддршка. Настапував по фестивали како во Македонија така и по бившите Ју републики, пеев по клубови, бев и радио-ТВ водител, научив и да танцувам во шоуто Танц со Ѕвездите правев се само да не исчезне инстант популарноста која ја добив.
Женски Магазин- Воопшто, мислиш дека вредат учествата во музичките и реални шоуа и дали се вистинска отскочна штица за музички почеток и градење на музичка кариера?
Белов- Ако зборуваме за кариера во Македонија од денешен аспект не знам дали е паметно младите да се пријавуваат на музички шоу програми. Едно поради сите тие работи во заднина, а второ затоа што по појавувањето таму постои шанса само да се настапува по клубови и да се добие публика стекната само на туѓи песни, кои се веќе огромни хитови. Времето е многу променето. Сега „ѕвезда“ можеш да станеш и да направиш добар кавер на некој хит, уплатиш реклама по социјалните мрежи и ете ти пак настапи. Македонската музика е во тешка криза еден подолг период и вредностите се загубени. Мене ми беше неостварен сон да застанам на сцената на Скопскиот фестивал или Макфест среќа па си го остварив, а сега? Сега веќе едвај и фестивалите опстојуваат а камо ли да се слуша македонска музика. Искрено, посакувам да се врати убавото време на македонската сцена, но со оглед на тоа што сѐ се слуша по 90% од клубовите, кој се полни сали за концерти. Ние како изведувачи особено оние како мене кои живеат од музиката се приспособуваме на тоа што сака публиката, а тоа не е македонска музика.
[caption id="attachment_11353" align="aligncenter" width="720"] Веќе четири и пол години сме заедно, и нормално е дека гледајќи од страна сите мислат дека се ближи денот, но јас многу одамна на шега изјавив дека ќе се женам на 33 години.- Белов и Јелена[/caption]
Женски Магазин- По што ќе ја паметиш годинава, музички и приватно?
Белов- Музички, дефинитивно освен со настапи не бев и нешто активен, па ќе ја паметам по еден куп настапи и патувања кои ги имав, а на приватно ќе ја паметам по доста патувања, и остварувања на желби кои не се поврзани за мојата кариера. Прво, роденденскиот подарок и патувањето со моите драги пријатели во Италија и Швајцарија, потоа следеше патувањето со мојата девојка и посета на Франција и преубавиот град Ница, неколку дена во преубавата Барселона, а нормално на тоа патување беше и остварувањето на првата желба и посета во Монако и тоа на мојата омилена Ф1 патека Монте Карло. По пат, прошетавме до Венеција и Рим а втората желба која ми се оствари, е тоа што конечно можев во живо во Белград да одгледам натпревар на мојот омилен клуб „Арсенал“ и тоа против мојата „Црвена Ѕвезда“.Два омилени тима на едно место, едноставно година за паметење.
Женски Магазин- Каде ја помина Новогодишната ноќ и по неа и кои ти се следни музички планови?
Белов- Новата година ми започна уште пред 31 декември со настапи во Штип и во Кочани, а ја поминав во Скопје, во населба Илинден во еден одличен клуб „Живот е циркус“. На први јануари настапив во Гостивар. Музичките планови ќе почекаат до пролет кога и планирам да на публиката и се оддолжам со нешто ново и нешто поинакво кое сум сигурен дека ќе и се допадне, а до тогаш настапите и дружењето со публиката ќе бидат приоритет.
За Женски Магазин, Милица Џаровска